1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанскиот национализам опасност за регионот?

Пандели Пани / Елизабета М. Фиданоска8 јули 2013

Речиси сите партии на последните избори во Албанија тргнаа во лов на гласови со делумно остра националистичка реторика. Тоа, особено во соседните земји, беше интерпретирано како „големоалбанска“ закана.

„Еден јазик, една култура, една нација, една иднина“, „Сакам во обединета Албанија“, „Албанија над се‘“ - ова се само дел од паролите кои можеа да се видат на големите изборни плакати на крајот на јуни во албанскиот главен град Тирана. Оваа делумно остра националистичка реторика, со која во лов на гласови тргнаа речиси сите партии, ги вознемири меѓународните набљудувачи и во соседните земји беше интерпретирана како „големоалбанска“ закана.

Со националистички изјави и барања за обединување на сите Албанци во една држава најмногу провоцираа партијата „Црвено-црна алијанса“ и „Партијата за право, интеграција и единство“. „Црвено-црната алијанса“ (АК), формирана на крајот на 2012 година, која привлекува пред се‘ млади избирачи, не ја крие својата големоалбанска идеологија. Таа отворено се залага за обединување на Албанија со Косово и со тоа „чепка“ во сензибилниот надворешно и безбедноснополитички статус кво. Идејата на младата партија минатата година наиде на плодна почва со оглед на прославувањето на 100-годишнината од албанската независност. Лидерот на АК, Крешник Спахиу, се обиде да го искористи овој емоционален момент и да го одржи до парламентарните избори на 23 јуни 2013 година. Сепак, напорите АК да се етаблира како трета политичка сила, покрај Демократската партија (ДП) и Социјалистичката партија (ПС), не успеаја. Партијата не успеа да влезе во парламентот.

Наспроти тоа, пак, партијата ПДИУ, формирана во 2005 година, која во прва линија ги застапува интересите на Чамите, потомци на Албанците протерани во Втората светска војна, кои живееле во северозападниот регион Епир во Грција. ПДИУ не само што бара обединување на Албанците од Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и Прешевската долина, туку бара и враќање на имотите на Чамите воГрција или обесштетување. Со вакви барања ПДИУ имаше успех на изборите. Ако пред четири години во парламентот освои само едно пратеничко место, сега партијата има четворица пратеници.

Националистичката реторика е длабоко вкоренета

Идејата за обединување на Албанците во една држава потекнува од 19. век и до денес кај многумина предизвикува фасцинација. Колку е опасен албанскиот национализам? „На една страна, националистичката идеологија и реторика се длабоко вкоренети кај Албанците. Тие се дел од нивната култура. Албанците се воспитуваат со старите есенцијалистички претстави за нацијата, од типот - во вените на сите Албанци тече иста крв и тие мора да живеат во иста држава“, објаснува аналитичарот и публицист Фатос Лубоња во разговор за Дојче веле.

Приврзаници на Цревно-црната алијансаФотографија: DW/M. Puto

Претставата за историска неправда сторена при повлекувањето на границите, траумата на поделена нација и желбата на сите Албанци да се обединат во една држава се спротивни на реалноста, за што Албанците се свесни. „Албанците знаат дека имаат слаба држава, познат им е фактот дека нивната судбина секогаш била определувана однадвор и дека не успеваат да изградат држава која функционира добро“, вели Лубоња.

Политички фолклор и конректна програма

Напорите од националистичката реторика да се создаде политичка програма се во судир и со корупцијата и индивидуализмот на Албанците, кои се многу раширени, оценува Лубоња.

Плакат на ПДИУФотографија: DW/M. Puto

Гент Ибрахими, директор на Институтот за политички и правни студии во Тирана констатира дека во Албанија со воопштени паналбански барања и стремежи не може да се добијат доволен број гласови, но кога една партија, покрај националистичката реторика, има и конкретни цели и барања во својата програма, работата изгледа поинаку. Така, на пример, АК бара обединување на сите Албанци, но нема конкретни претстави, нагласува Ибрахими, па оттука нема ни успех. За разлика од тоа, „попрагматичниот пристап на ПДИУ, која не само што бара општо обединување на Албанците, туку и конкретно враќање на имотите на Чамите во Грција“ доби извесна поддршка на избирачите.

Растечкиот албански национализам - опасност?

Експертите од Албанија и од странство по изборите оценија дека барањата за Голема Албанија биле маневар за одвраќање на вниманието на избирачите од реалните проблеми, како сиромаштијата и корупцијата. Фатос Лубоња оценува дека албанскиот национализам не е голема закана, во смисол на подготвеност за војна против соседите. Сепак, ваквиот феномен останува опасен. „Кога некој застапува кон светот отворени размислувања околу албанската историја, тогаш тој веднаш е окарактеризиран како колаборатор на таканаречените непријатели на Албанците, значи Србите или Грците“, вели публицистот. Со тоа се прави обид и за оцрнување на политичкиот противник.

Сепак, не сите на феноменот на национализмот гледаат како на маргинална појава. Политикологот Артан Путо во мизерната економска состојба на Албанија гледа уште една опасност за форсирање на националистичкото размислување. „Оваа состојба, како и духовната криза во која што се наоѓа албанското општество од пресвртот, се високо експлозивна мешавина која може да го поттикне национализмот и да го направи опасен.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми