1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Али Ахмети на тенок мраз!

Катерина Блажевска20 април 2015

Иако лидерот на ДУИ тврди дека партијата има решение за сите потешкотии, во оставките на тројца негови блиски соработници аналитичарите препознаваат почеток на поголема лавина.

Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Лидерот Али Ахмети е уверен во стабилноста на ДУИ, членови на партијата тврдат дека тлее големо незадоволство, а аналитичари прогнозираат дека состојбата ќе се заострува со непредвидливи пресврти. Вакви се проценките откако тројца високи функционери на ДУИ во рок од два дена поднесоа оставки од партиски, но и од една државна функција, незадоволни од внатрешното функционирање на ДУИ, но и од позицијата на партијата во владината коалиција. Шефик Дураку, кој поднесе оставка од функцијата заменик-претседател на огранокот на ДУИ во Арачиново, соопшти дека со оставката не го изразува разочарувањето од политиките на ДУИ, туку од начинот на партиската организација и создавање групи и кланови.

„И понатаму сум активист на политичката ориентација достојна на ДУИ, но не и во служба на кланови“, напиша Дураку.
Пред него од функцијата се повлече организацискиот секретар на ДУИ, Хазби Лика, како што наведе во отвореното писмо, поради незадоволството што неговата партија сѐ уште не се дистанцирала од Владата по објавувањето на „бомбите“ на СДСМ. Тој и на последниот партиски конгрес отворено го критикуваше Ахмети за неговиот однос со премиерот Груевски и за функционирањето на коалицијата. Слични причини за својата оставка наведе и заменик-министерот за одбрана, Арбен Лабеништа, кој прв повлече таков потег незадоволен од начинот на кој функционира ДУИ во време на политичка криза.

Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW

„Тоа што се случува не ја засега само власта и опозицијата во Македонија, туку е на директна штета на албанските интереси. Сметам дека ДУИ веднаш треба да стане дел од преговорите во Брисел за решавање на актуелните проблеми, да го следи процесот директно и да побара да запре овој систем на владеење, кој е антиалбански јазик и антидемократски. Нецивилизирани луѓе, неедуцирана демократија, недостиг на етички капацитети создава хаос, искористување, обесхрабрување, е талогот кој ќе ги покрие нашите напори за нашиот национален и општествен живот во иднина“, напиша Лабеништа во објаснувањето на мотивите за оставката, која денес и официјално ќе ја достави до Министерството за одбрана. За разлика од Лика и Дураку, Лабeништа поднесе оставка на сите партиски функции.

Реакциите не се емотивни!

Додека медиумите на албански јазик пишуваат дека во наредниот период се очекуваат и други оставки, во врвот на ДУИ се убедени дека настаните нема да добијат таков тек. Оставката на Лабeништа ја третираат исклучиво во контекст на вчерашните внатрепартиски избори во огранокот на ДУИ во Струга, на кои победи поранешниот градоначалник Рамиз Мерко.

„За нас ситуацијата е јасна. Лабеништа сакаше да биде противкандидат на Мерко, но знаеше дека ја нема потребната поддршка од делегатите, по што реши незадоволството да го изрази преку оставка. Тоа е суштината. Нема други причини“, тврдат од врвот на ДУИ.

Но, членови на партијата велат дека под површината на сантата мраз тлее големо незадоволство, и ако тоа биде игнорирано „ДУИ може да се соочи со лавина од оставки, кои не ќе може да се објаснат со незадоволство од избори во некој партиски огранок“.

Аналитичарот Арсим Зеколи во оставките на функционерите гледа доказ дека како што се оддолжува кризата, така повеќе ќе се компликува и ќе се заострува со непредвидливи пресврти.
„Очигледно оставките не се емотивни реакции, туку судејќи по координираноста и образложението, тие се резултат на одамна присутно незадоволство од раководството на партијата, како што вели Хазби Лика. Да не заборавиме - Лика е клучната личност во военото крило на ДУИ, со педигре на вистински борец на УЧК, за разлика од, во јавноста презрените салонски 'команданти', од типот на Муса Џафери, Талат Џафери, Изет Меџити...“, потсетува Зеколи.

Али Ахмети вчера во Струга не ги спомна функционерите што си дадоа оставки, но истакна дека во ДУИ се почитува слободата на говорот.

„Слободата на изразување во ДУИ никогаш не била загрозена, но треба да се каже тука, во ова изборно Собрание. ДУИ има изградено фронт за сите потешкотии кои што можат да дојдат од надвор, но и за евентуалното незадоволство однатре и се обидуваме истите да ги решиме со внатрепартиски акти. Нека не се лаже некој дека ДУИ е организација за една употреба. ДУИ не е циркус за да правиме акробации. ДУИ не гради политики од ден за ден, туку за следните генерации“, порача Ахмети. Тој се осврна и на актуелната ситуација.

„Инвестираме за добри етнички односи и интеграција на земјава во НАТО и ЕУ и за тоа ја имаме поддршката на меѓународната заедница - затоа што тоа е и волја на граѓаните на Македонија... Ние сме наследници на ОНА и се обидуваме да не ги разочараме граѓаните. Тоа го покажуваат и прислушкуваните разговори, затоа што не сме таму заради наши лични интереси, туку да го реализираме аманетот на загинатите борци. Не велам дека немаме слабости, но заеднички треба да ги решаваме, а не да се криеме во дупки“, порача лидерот на ДУИ.

Првпат лут и несигурен

Според Зеколи, тежината на обвинувањата кон лидерот на ДУИ, се докажува и од агресивно одбранбениот говор на Ахмети, кај кого за прв пат се забележала лутина, но и видлива доза на несигурност по новонастанатата ситуација.

„Она што е извесно, е дека лидерот на ДУИ има се помалку простор за маневар помеѓу про-ВМРО кланот на Муса Џафери и огромното мнозинство на членството кое е незадоволно од трулите компромиси на Ахмети. Тоа значи дека сега Теута Арифи и старото крило имаат многу поголем простор да го држат Ахмети на тенок мраз, бидејќи нејзина евентуална оставка од Претседателството би била смртен удар за партијата. Оставката на Лабеништа е уште поболен удар за ДУИ, бидејќи заменик-министерот за одбрана со тврдењето дека 'ДУИ има само декларативна заложба кон евроинтегративните процеси' и дека 'ниту видел, ниту слушнал за некоја сериозна, конкретна и упорна заложба во тој правец', Лабеништа потврдува дека и ДУИ, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, немаат искрен интерес за зачленување во ЕУ и НАТО. Притоа, сметам дека не е воопшто случајно што оставката следи еден ден по посетите на високите дипломатски претставници од САД и ОБСЕ“, оценува Зеколи.

Партиското раководство на ДУИФотографија: DW/S. Toevski

Африм Гаши од движењето „Беса“ вели дека тие внимателно ги следат настаните во државата и во партиите кои се важни чинители на политичките процеси во земјата.

„Тоа што се случи со оставките на неколку истакнати функционери на ДУИ го оценуваме како внатрешен проблем на партијата. Секако дека актуелните околности во државата имаат свое влијание за ваквата ескалација на настаните во ДУИ, но сепак имаме сознание дека тие се подолготрајни и се очекува да продолжат. Однадвор изгледа како бродот да тоне, а тие кои први го осознаваат ова, први и го напуштаат тој брод“, вели Гаши.

Како овие партиски потреси ќе се одразат во актуелната политичка криза во земјата? Зеколи стравува дека кризата допрва дополнително ќе се продлабочи и дека ќе биде се потешко да се најдат заеднички именители околу кои би се изградил барем минимум согласност за каков било договор или консензус.

„Бриселските таинствени преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и нивната моноетничка природа наместо да придонесат кон стабилизација го прават спротивното, бидејќи Албанците на нив гледаат со отворен сомнеж и нема да ги прифатат како валидни за нив. Тоа дополнително ја усложнува и можната интервенција од страна на меѓународната заедница, кон која опозициските кругови упатуваат се пожестоки критички тонови“, заклучува тој.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми