1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Алтернативни Нобелови награди: Четирите добитници

Инес Ајзеле
29 септември 2021

Овие награди често им се доделуваат помалку познати борци за мир, човекови права и животна средина. Годинава лауреати се Марте Ванду, Владимир Сливјак, Фреда Хусон и „Правната иницијатива за шумите и животната средина“.

Марте Ванду
Марте ВандуФотографија: Right Livelihood Awards

Марте Ванду

Мировната и активистка за правата на децата и жените од Камерун со децении води кампања против сексуалното насилство и за правата на децата и на жените. Организацијата на Марте Вану „Action Locale pour un Développement participatif et Autogéré" (АЛДЕПА), основана во 1998 година, следи сеопфатен пристап кој вклучува образование, превентивна работа, психосоцијална грижа и правна поддршка и се заснова на мобилизација на цели заедници.

Повеќе од 50.000 девојки веќе имале полза од работата на АЛДЕПА, особено во северниот регион на Камерун - каде е активна и исламистичката терористичка група Боко Харам.

Ванду - и самата родена во 1963 година во село на крајниот север од централноафриканската земја - беше одблизу конфронтирана со суровата реалност  со која се соочуваат децата и особено девојчињата: ограничен пристап до образование, ран брак, насилство. И покрај овие предизвици, Ванду беше една од првите девојки во селото која отиде на универзитет во главниот град Јаунде, за да студира право.

Нејзината невладина организација, основана во 1998 година, поддржа многу семејства по случаи на силување, киднапирање и насилство и придонесе за постепено опаѓање на практиката на рани бракови. Во средина која се карактеризира со родово насилство и несигурност, Марте Ванду се докажа како лидерка во борбата за благосостојбата на девојчињата и жените.

Владимир СливјакФотографија: Right Livelihood Awards

Владимир Сливјак

Владимир Сливјак е еден од најангажираните руски еколози. Тој е коосновач на влијателната еколошка организација Ecodefense и со децении води важни базични кампањи против еколошки штетни практики. 48-годишникот постојано успеваше да ги доведе во прашање, па дури и да ги запре проектите поврзани со експлоатација на фосилни горива, употреба на нуклеарна енергија и транспорт на радиоактивен отпад- што не е лесен потфат во авторитарна Русија, која има огромни резерви на нафта, гас и на јаглен и е еден од водечките светски извозници на фосилни горива.

Под водство на Сливјак, Ecodefense беше првата еколошка група во Русија што започна кампања против јагленот во 2013 година. Вмрежувањето на локалните заедници низ целата земја и размената на информации доведе до брз пораст на протестите против ископувањето на јаглен во различни делови на земјата. Во 2014 година, изградбата на нуклеарната централа во Калининград во истоимената руска ексклава беше прекината откако невладината организација постојано ги информираше јавноста и меѓународните донатори за опасностите.

И покрај засиленото малтретирање од страна руските власти во последниве години, Сливјак истраја на својот пат - охрабрен од растечкото влијание на помладата генерација климатски активисти.

Фреда ХусонФотографија: Michael Toledano

Фреда Хусон

Фреда Хусон се истакна како застапничка на канадските домородци кои се чувствуваат поврзани со земјата на нивните предци и кои бараат да имаат право на збор во градежните проекти.

57-годишната Хусон е женска поглаварка на „Wet'suwet’en“. Живее на територијата на своето племе во Британска Колумбија од 2010 година, каде што го основа кампот Unist'ot'en​​- центар за лекување на колонијалистички трауми и протестен камп во исто време. Хусон и нејзините колеги се спротивставуваат на изградбата на гасовод кој ќе транспортира гас од шкрилци и ќе поминува низ домородното подрачје.

Кога канадските власти упаднаа на контролен пункт во кампот минатата година, тоа предизвика протести низ целата земја. Иако акциите на Хусон го подзапреа проектот за гасоводот, тој сѐ уште се гради.

Сеопфатниот пристап на Хусон ја комбинира борбата на домородните народи за заштита на животната средина и на правата на поседување на земјиште со подлабока борба за културата и начинот на живот - во земја во која тие биле изложени на ужасно насилство и експлоатација со векови, како што неодамна уште еднаш повторно излезе на виделина со откривањето на стотици гробови на домородни деца во близина на католички интернат.

Адвокатите Ритвик Дута и Рахул Чудхари од ЛИФЕФотографија: Right Livelihood Awards

Legal Initiative for Forest and Environment (LIFE)

Со правни средства за поголема еколошка правда - тоа е пристапот на индиската организација „Правна иницијатива за шумите и животната средина“ (ЛИФЕ). Основана е во 2005 година од адвокатите Ритвик Дута и Рахул Чудхари, кои забележаа колку е тешко да се добие пристап до судовите за вакви случаи: високите судски трошоци, долгото време на чекање и техничката природа на оваа работа го отежнуваат изведувањето пред суд дури и на еклатантни прекршоци.

ЛИФЕ ги поддржува заедниците да се бранат од закани по животната средина, како што се градежни проекти или уништување на шумите. Со нивна помош, загадувачите одговараат пред суд за штетата што ја предизвикуваат врз животната средина и јавното здравје.

Еден од раните успеси на ЛИФЕ беше случајот против британската рударска компанија Веданта во индиската сојузна држава Одиша, што стана преседан. Проектот за ископување боксит на компанијата беше прекинат во 2010 година - Врховниот суд на Индија пресуди дека за започнувањето на таков проект е неопходно одобрување од локалната заедница.

Организацијата, исто така, одигра важна улога во формирањето на „Националниот зелен трибунал“ од страна на индиската влада во 2010 година. Судот е специјализиран за еколошки тужби и е опремен да се занимава со сложени, мултидисциплинарни случаи.

ЛИФЕ го премостува јазот помеѓу индискиот судски систем и оние кои работат на заштита на природните ресурси и на животинскиот свет. Иницијативата му овозможува на населението низ целата земја да се брани од моќни интереси што ја загрозуваат благосостојбата на луѓето и на природата - и веќе значително ја унапреди заштитата на животната средина во Индија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми