1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американската армија почна со воздушни напади во Ирак

ЕМФ/ртр/афп/дпа8 август 2014

Американската авијација гаѓа артилерија на екстремистите на Исламска држава, соопшти портпаролот на Пентагон Џон Кирби денеска (8.08) преку Твитер. Освен тоа се фрла и помош во храна и вода за населението во северен Ирак

Фотографија: Alan Radecki/U.S. Navy/Northrop Grumman via Getty Images

Артилеријата гаѓана од страна на Американците, како што се вели, екстремистите ја користеле за напади врз курдските сили во близина на градот Ербил. Телевизијата Ен-Би-Си јави дека два борбени авиони на САД од типот Ф18 исфрлиле 220 килограми тешки бомби во околината на Ербил. Телевизијата Си-Ен-Ен, пак, јави за прецизни бомби кои се управувани со помош на ласер.

Пентагон засега наведува малку детали. Се вели дека нападите се извршени со борбени авиони од носачот на авиони „Џорџ Буш“, кој е стациониран во Персискиот залив уште во јуни. Американскиот претседател Барак Обама даде одобрение за воздушни напади доцна вчеравечер, со цел да се пружи заштита на Американците и загрозените малцинства во северен Ирак. Во Ербил се наоѓаат американски воени стручњаци. Освен тоа, таму има и американски конзулат.

Обама вчеравечер одобри превентивни воздушни нападиФотографија: Reuters

Обама најави одделни воздушни напади: „Можеме да дејствуваме претпазливо и одговорно за да спречиме геноцид“, изјави американскиот претседател вчеравечер, додавајќи дека авијацијата би можела да и‘ пружи и поддршка на ирачката армија и на курдските единици за да се прекине опсадата на Синџар. Таму американските транспортни авиони веќе фрлија 72 вреќи со 8000 оброци и илјадници литри вода за пиење. Соработници на американската влада најавија и забрзување на воената помош за курдската регионална влада. Воена помош најави и Франција. Обама нагласи дека не се планира ангажман на американски копнени сили во Ирак.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер ги поздрави акциите на САД и другите земји за помош за бегалците и најави дека Германија донесла итна мерка за зголемување на хуманитарната помош за 2,9 милиони евра. Штајнмајер меѓутоа потенцираше дека „само воздушни напади нема да го смират Ирак“ и дека е неопходно политичко решение на проблемите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми