1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД по хаосот во Капитол: Еден-нула за демократијата

Миодраг Шориќ
9 јануари 2021

Парадоксално: демократијата во САД опстана. Па сепак, по упадот во Капитол, таа веќе не е модел за пример – особено не во странство. Анализа на Миодраг Шориќ. 

US-Capitol | Wiederaufnahme der Sitzung | Nancy Pelosi
Фотографија: Jim Lo Scalzo/REUTERS

„Американската демократија го преживеа Доналд Трамп, но сликата којашто досега ја имаше светот за американската демократија не преживеа,“ го анализира познатиот бугарски политиколог Иван Крастев упадот во Капитол од приврзаниците на Трамп во разговор за ДВ.

Важат ли САД сѐ уште како модел за демократија за останатите земји? Тешко дека може да има толку различни одговори на тоа прашање. На пример во Русија, САД по распадот на Советскиот Сојуз им беше идеал за демократија. „Тогаш САД нам ни беа голем пример,“ вели Александер Баунов од Карнеги центарот во Москва за ДВ. 

На почетокот на 90-те многу Руси веруваа дека во САД сѐ е подобро отколку во Москва. Со годините задршките за овој „модел за пример“ растеа „дури и кај либералните сили“, вели експертот од тинк-тенкот, кој своевремено работел и за руското Министерство за надворешни работи. 

Со изборот на Доналд Трамп, американскиот модел избледе. Победата на Трамп за Кремљ беше потврда на нивниот светоглед, дека САД не може да се смета како пример за останатите земји. Упадот во Конгресотод страна на поддржувачите на Трамп, според Баунов, на многу Руси само им ја забетонира негативната слика за Американците. Претстава која беше формирана и благодарение на разни „сомнителни“ американски воени интервенции низ светот. 

Институциите го издржаа нападот"

Сосем поинаку ситуацијата ја оценува Питер Амон, поранешен државен секретар во германското Министерство за надворешни работи и амбасадор во САД од 2011 до 2014 година. Иако бил шокиран од нападот на симболот на американската демократија, според него клучен е крајниот исход од „битката“.

„Повеќе од 200 години старите институции на демократијата се докажаа,“ анализира тој во разговор за ДВ и посочува дека Конгресот донесе одлука за потврда на изборот на Џо Бајден за претседател. „Институциите го издржаа нападот,“ заклучува дипломатот. 

САД и понатаму останува „темелот на Западот“.  Амон коментира дека насекаде низ светот се зголемува бројот на авторитарни режими. Сликата за упадот во Капитолќе остави белег во мандатот на идниот претседател Бајден, предвидува поранешниот германски амбасадор во Вашингтон. Судирите меѓу различните општествени групи биле заострени. Поларизацијата во општеството постоеше уште пред изборот на Доналд Трамп, смета и пратеничката Дагмар Фрајтаг. Политичарката од редовите на СПД е меѓу водечките експерти за САД во германскиот парламент. Уште пред четири години незадоволството од политичарите во Вашингтон се манифестирало во изборот на Доналд Трамп за претседател. 

Демократијата „не потфрли” 

Претседателот ја донесе својата земја до работ на пропаста, смета Фрајтаг. Сликата од немирите во Капитол ќе им остане врежана на милиони луѓе. Таа зборува за „потфрлање на државата“ и смета дека ќе биде тешко за САД „да останат водечка нација, олицетворение на демократските вредности.“ САД ќе мора макотрпно да работат за да си го повратат имиџот на модел за пример за демократија. 

И покрај сите критики, експертката за САД, Брита Валдшмид – Нелсон предупредува да не се зборува за „неуспех на западниот модел на демократија”. Напротив, реалноста е спротивна, смета професорката по историски науки за европско-трансатлантскиот регион при Универзитетот во Аугсбург. 

На крајот на краиштата американската демократија и институциите опстанаа. А, потврден е и изборот на Бајден. „Дури и под најсилниот напад од популистите и разузданата толпа, демократијата се докажа,“ сумира таа. Сепак, постои опасност многу Американци да ја загубат довербата во функционирањето на сопствениот систем.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми