1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американскиот парадокс и Струмица како О.К. Корал

Зоран Јордановски
12 ноември 2016

Светот е вчудовиден, медиумите пукаа во празно - Трамп го доби дуелот против Хилари Клинтон. Претстои спектакуларен двобој и во Македонија. Колумна на Зоран Јордановски

Politischer Dialog in Mazedonien
Фотографија: Amalia Oganjanyan

На еден месец пред изборите во Македонија партиите ги открија своите персонални адути. Изненадување со кандидатските листи приреди СДСМ и тоа и за неговите симпатизери и истакнати членови, а секако и ДУИ со внесување во игра на (нај-)нови ликови. ВМРО ДПМНЕ ги сочека другите „да истррчаат на терен“ со листите, за да ги приреди своето изненадување: изоставени се многумина од досегашните носечки кадри, а посебно интересно секако е решението на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски да ја предводи листата во четвртата изборна единица. Претстои, значи, директен дуел со предизвикувачот од СДСМ Зоран Заев – и тоа на негов терен! Груевски притиснат од сомничења и обвиненија (како и повеќемина од негови најистакнати сопартијци) за злоупотреби на власта, корупција и други форми на криминал, во директниот дуел ќе бара поени за своја одбрана, која тој ја формулира како „народот ќе пресуди“, иако, како што е познато, во правни држави пресудувањето е работа на правосудните органи. За политичката кариера на Заев изборите и онака се не помалку пресудни отколку за судбината на Груевски: може да биде голем победник што ќе им ја затне устата на сите критичари - и внатре во неговите партиски редови - или трагичар во борбата за промени во Македонија.
Струмица, фигуративно кажано, ќе биде македонскиот О.К. Корал, но за разлика од тој легендарен вестерн-филмски дуел, во четвртата изборна единица ќе е уште подраматично, оти не е во прашање дуел, туку битка на секој против секого во која уште учествува и поранешниот премиер и некогашен лидер на ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и поранешниот разузнавач Слободан Богоевски (секоја чест и на другите кандидати). Изборите ветуваат уште поголеми возбудувања, кои секако нема да завршат со пребројувањето на гласовите.



Трамп победи, европската политика вчудовидена

Светот полека се созема од шокот и се прилагодува на фактот дека Доналд Трамп ќе ги предводи САД најмалку во наредните четири години. Реакциите на политичарите во Европа на победата на Трамп ги откриваат нивните стравови. Во преден план очигледно е стравот од натамошен можен напредок на популистички политичари и овде, на Стариот континент, но нескриено се искажува и стравот од можна промена на американската надворешна политика. Таа промена и евентуално подобрување на американско-руските односи би ставила огромен знак прашалник зад она што го брани и застапува актуелната европска политика, а кое во голема мера е усогласено со досегашната американска политика (сето заедно означено со збирниот поим „политика на Западот“) во чие креирање и спроведување учествуваше и Хилари Клинтон, поразената кандидатка за претседател на САД. Во европската политика нема препознатлив белег на континентот и неговите специфични интереси. Стравот на европските политичари е поврзан и со можното релативирање на улогата на НАТО. Европејците одамна се декларираа за своја заедничка одбранбена политика, но досега, освен некои симболични чекори, тоа главно остана на вербално ниво, додека одбраната и натаму му е препуштена на НАТО. Значи, европската политика ќе треба наново и потемелно да се редефинира, при што неизоставно би се поставило и прашањето за веродстојноста на актерите на таа политика. 
Стравот на европската политичка елита од налетот на популистите, пак, се проектира на погрешна површина: победата на претседателскиот кандидат во САД кој застапуваше популистички ставови во предизборната кампања може да им даде дополнителен поттик на нему сличните во Европа, но тој не е причина за нивното појавување и подем на политичката сцена. Причина е елитизмот на европската политика, одлепеноста на политичарите од базата  (како и во САД) и поврзување на нивните со интересите на големиот капитал. Тоа се однесува и на политиката на национално ниво, а уште повеќе на политичките структури на ЕУ. Просечниот граѓанин се чувствува запоставен, неговиот глас неслушнат, неговите интереси игнорирани. Банкарите „изгореа“ четири илјади милијарди евра во финансиската криза, во тоа е содржано и обезвреднувањето на имотот и ситните заштеди на милиони „обични“ луѓе. Политиката вети, а не стори ништо за посериозно да ги заузда банкарите, па предвидлива е и наредна светска финансиска криза. Политиката во најголема тајност преговара за слободна трансатлантска трговија, небаре тоа не ги засега граѓаните во нивното секодневие. Се донесуваат закони што го носат белегот на лобистите на одредени интересни групи, некогаш и со буквално од нив дадени формулации. „Вечните“ политичари, некои со децении присутни на политичката сцена, стануваат тутори на граѓаните, а не од нив овластени луѓе да ги бранат и спроведуваат интересите на избирачите, на вистинскиот суверен во државата. Етаблираната политика сега се соочува со незадоволството на суверенот. Тоа незадоволство може да се артикулира и во подршка на популисти кои ветуваат промени, но историјата не подучува дека тие промени почесто одат на лошо, на многу лошо. А традиционалните партии не се подготвени на промена иако се свесни дека е таа нужна. Во Германија на покраинско ниво и ЦДУ и СПД доживеаја жестоки изборни шлаканици, за социјалдемократите уште сега изгледа безнадежна ситуацијата за победа догодина на парламентарните избори, но нема ни трага од желба за промени во раководството.

Каде се загуби критичката мисла во новинарството?

Шокот од исходот на изборите во САД беше дотолку поголем оти елитата, политичката и медиумската јавност во Америка, а не помалку и во Европа, однапред настапи навивачки и се определи за Хилари Клинтон. А сега вчудовидени сите се прашуваат како било можно толку да се погреши?! Мајкл Мур, докажаниот американски филмски режисер-документарист и публицист, беше сосем во право кога предвиде можна победа на Трамп како црвен картон за елитата (тој малку посочно го формулира тоа!). Но, американски парадокс е дека гласачите му дадоа мандат за промени на човек кој како милијардер е олицетворение на таа елита. Затоа веројатно е попрецизно да се направи разграничување: Трамп е припадник на елитата, но не и на политичката каста. Тоа не значи дека немал никакви врски со неа – токму Бил и Хилари Клинтон биле меѓу поканетите гости на третата свадба на Трамп.
Мајкл Мур не згреши во проценката оти е критички настроен политички мислител. Новинарите не беа и не се, а како што се покажа, не беа ни агенциите за истражување на јавното мислење. Таканаречените влијателни медиуми одамна се - ако не директно рака под рака, тогаш барем на недоволна дистанца од елитата. Големите медиумски босови и водечките новинари станаа фактички дел од елитата, и тоа не е само од другата страна на Атлантикот.

Фотографија: picture alliance/abaca/O. Douliery/newscom/N. Redmond
Зоран Јордановски, автор на колумната

Но автоопсервацијата за таа трансформација се чини како да не беше во фокусот на нивниот критички поглед. За врските меѓу медиумите и политиката можеа да се прават претпоставки, а доказ понуди поранешниот германски сојузен претседател Кристијан Вулф. Неговиот случај во целост е многу занимлив и по многу нешта индикативен, но во овој контекст е интересен еден аспект. Вулф, од медиумите осомничен дека ја искористил (злоупотребил) претходната функција покраински премиер на Долна Саксонија за здобивање со лична материјална полза, се гледа себе си како жртва на медиумска хајка (притоа заборава дека медиумите, а посебно најтиражниот германски весник-таблоид, претходно придонесоа за неговиот политички подем). Судската сатисфакција дека во спорните ситуации немало коруптивни елементи не му беше доволна на Вулф, па тој во книга го изнесе своето гледање и аргументот дека бил политички ликвидиран поради ставот оти исламот е дел од Германија, што го искажа во говор како претседател на државата. Текстот на говорот, како што самиот во својата книга вели, изутрината го разгледувале со главниот уредник на весникот-таблоид (!), кој му сугерирал да го исфрли делот за исламот. Вулф не го послушал и смета дека затоа после се нашол на удар, а не, на пример, поради кредитот за изградба на семејна куќа добиен под необично поволни услови.

Ни медиумите не извлекоа поука

Невидливата спрега меѓу политиката и медиумите е втакена во многу кариери во обата домена. Наместо да ја толкуваат и критички да ја разобличуваат, медиумите почнаа да водат политика. Не се толку сериозен удар за американската демократија ставовите на Трамп, кои и онака во постизборниот период ќе еволуираат кон поконвенционални рамки, колку навивачкиот став на водечките медиуми во САД. Јавниот повик на Њујорк Тајмс, на пример, неговите читатели да гласаат за Хилари Клинтон, е самоубиство на принципот за улогата на медиумите како коректив на власта. Драматичното потфрлување во проценките за исходот на изборите во САД за момент ги натера луѓето од медиумите за момент да се погледаат во огледало. Но, сметам дека е тоа повеќе инстинктивна реакција во момент на шок, отколку пресврт во трендот на нивната елитизација.

Во Германија познат уредник-водител на телевизиски дневник (Клаус Клебер, ЦДФ) во една пригода, зачуден од анкета која покажа дека повеќе од две третини од населението има поинакво гледање на некои проблеми отколку истоветното на политиката и медиумите, во дневникот се запраша како е можно тоа и откаде доаѓа толкавата разлика во гледањата. Но, тоа не значи и дека медиумите извлекоа соодветна поука. Затоа се изложени на прекорот дека шират лаги. Тој прекор навистина доаѓа од приврзаници на популистичката и екстремна десница, но кругот на скептични, на оние кои ја ставаат под прашање довербата во медиумите, се чини, е поширок. А токму во време на посложени политички околности од една, и на широки можности за пристап до информации преку интерет од друга страна, е од посебна важност улогата на професионалното новинарство во толкувањето на процесите и во критичкото преиспитување на политичкото дејствување поаѓајќи од општествениот аспект и значење, а не од интересите на власта, на одредена група или одредена политичка опција. Издржано и објективно професионално новинарство е неопходно како ориентација за просечниот граѓанин во шумата од безбројни проверени и непроверени иформации. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми