1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американските аналитичари со спротивставени ставови за Косово

Борис Георгиевски28 февруари 2008

Поделеност меѓу американските аналитичари во однос на можните реперкусии од независноста на Косово. Од една страна-страв дека би можеле да се генерираат нови проблеми на Балканот, а од друга стигнуваат смирувачки пораки

ВашингтонФотографија: AP

Вашингтон експресно го призна Косово, а претставниците на администрацијата тврдат дека тоа е најбезболното и единствено решение кое може да донесе траен мир и просперитет на Балканот. Но, дел аналитичари не се согласуваат со ваквите ставови.

Шлецингер: “Опасен преседан“

Дојче Веле неодамна разговараше со Мартин Шлецингер, директор на источно европските студии во „Вудро Вилсон“ центарот во Вашингтон. Неговото мислење е дека независноста на Косово би можела да претставува опасен преседан за регионот и да доведе до актуелизирање на старите барања за прекројување на границите, особено во Македонија и во Босна: „Моето мислење е дека ЕУ мора веднаш да ги прифати овие земји, пред повторно да се разбудат овие феномени на големи држави. Тоа значи дека ЕУ ќе мора сериозно да размисли како ќе ги решава овие проблеми. Јас ја почитувам ЕУ и навистина мислам дека Европејците одиграа одлична улога во обид да ја одржат стабилноста и редот на Балканот, но сега не можат да дозволат Македонија, Србија, Косово, Босна и Албанија да седат на страна и да исполнуваат некакви услови. Мора да ги прифатат во ЕУ каде што ќе добијат економска, политичка помош и најважно од се, ќе бидат во средина каде границите и етничката припадност не значат многу.„

Шлецингер смета дека единствено решение за излез од ваквата состојба е брзата интеграција на балканските земји во ЕУ. Потоа границите би станале небитни, вели аналитичарот: „Ако ова не се случи пред националистите повторно да ги преземат работите во свои раце тогаш ќе има големи проблеми. Ако ЕУ планира да чека до 2015 година, тогаш ќе биде предоцна“.

Карпентер: “Трајна рана“

Со сличен став од Вашингтон деновиве се јави и потпретседателот на Институтот Кејто, Тед Карпентер. „Независно Косово ќе биде трајна рана. Претседателот Буш рече дека со тој акт ќе се промовира мир и стабилност, но всушност тоа ќе доведе до нови тензии на Балканот, и можни тенденции кон создавање на Голема Албанија на сметка на дополнително територии во Македонија, Црна Гора и Јужна Србија“, изјави Карпентер.

Сервер: „Никаква опасност“

Наспроти ваквите ставови, потпретседателот на американскиот институт за мир, Даниел Сервер за Дојче Веле тврди дека независноста на Косово не претставува никаква опасност за регионот: „Не стравувајте од никакви црни сценарија за земјите од регионот. Постои опасност од црно сценарио само за Србија, која избра приближување кон Русија, наместо кон ЕУ. Можеби ќе треба да се навикнете на сосед кој ќе биде црна дупка на Балканот“, потенцира Сервер.

Американскиот претседател Џорџ Буш вчера уште еднаш изјави дека се надева оти независноста на Косово ќе доведе до мир на Балканот и ги повика властите во Приштина да ги почитуваат правата на малцинствата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми