САД: Милијардери речиси и да не плаќаат данок на доход
СН/агенции
9 јуни 2021
Која е разликата помеѓу обичните смртници и супер-богатите? Во однос на богатството, се разбира. Но, очигледно и во можноста да се заобиколат даночните власти.
Реклама
Во екот на меѓународната дебата за зголемување на данокот за мултинационалните компании, анализата на независната организација за истражувачко новинарство „ПроПублика“ потврди дека неколку американски милијардери успеале во целост да не платат данок на приход и тоа неколку години.
По анализата на оваа организација со седиште во Њујорк, која на својата веб страница тврди дека сака да ја „осуди злоупотребата на моќ и предавството на довербата на јавноста“, шефот на Амазон, Џеф Безос, не платил данок на доход во 2007 и во 2011 година, а Илон Маск, шефот на Тесла, го избегнал данокот во 2018 година. Безос и Маск се меѓу тројцата најбогати луѓе во светот.
Извршниот директор на компанијата Блумберг, Мајк Блумберг, бизнисменот Карл Ајкан и филантропот Џорџ Сорос, исто така, успеале да не платат данок неколку години, пишува во текстот.
За да дојде до овие податоци, организацијата тврди дека имала на увид во илјада даночни пријави на богатите Американци во текот на над 15 години. „На кратко: тие ги уриваат темелите на американскиот мит за данокот - секој да го плати својот чесен дел и оти најбогатите плаќаат најмногу“, пишуваат авторите на текстот.
„ПроПублика“ тврди, на пример, дека Безос побарал и успеал да добие даночен кредит од 4.000 долари за своите деца во 2011 година, во која во пријавата на данокот навел загуби поголеми од годишниот приход. Безос, меѓутоа, во април годинава го поддржа зголемувањето на данокот кое го побара американскиот претседател Џо Бајден поради финансирање на својот план за вложување во застарената инфраструктура во САД.
Како некои заработија милијарди за време на корона-кризата
Додека многу индустрии поради пандемијата се во голема криза, други одеднаш станаа многу барани, произведувајќи така нови милијардери. Меѓу профитерите во време на корона-кризата има и Германци.
Фотографија: Dennis Van TIne/Star Max//AP Images/picture alliance
Богат, уште побогат, Џеф Безос
Основачот на Амазон, Џеф Безос (на сликата со девојката Лорин Санчез пред Таџ Махал) е надвор од секоја категорија. На компанијата Амазон за време на пандемијата и' оди подобро од кога било. Цената на акциите скока од рекорд до рекорд. Безос, најбогатиот човек на светот и пред пандемијата, сега стана уште многу побогат и има богатство од 160 милијарди евра.
Фотографија: Pawan Sharma/AFP/Getty Images
Елон Маск фрли око на врвот
Произведувате автомобили, но ве вреднуваат како технолошка компанија! На Елон Маск тоа му успеа со Тесла. Компанијата профитираше од полетот на речиси сѐ што има врска со технологијата, кој на берзата го предизвика пандемијата. Претприемачот, роден во Јужна Африка, неодамна го престигна Бил Гејтс со богатството, кое во моментов се проценува на 110 милијарди евра и цели кон врвот, на кој е Безос.
Фотографија: Getty Images/M. Hitij
Работа од дома- Зум
Работењето од дома во време на пандемијата е голем благослов за Ерик Јуан. Основачот на платформата за комуникација Зум дошол во САД од Кина кога имал 27 години. По неколку години работење за ВебЕкс основаше сопствена видео платформа и во 2019 година отиде на берзата. Цената на акциите на Зум експлодираше. Нето вредноста на љубителот на кошарка Јуан се проценува на 16 милијарди евра.
Фотографија: Kena Betancur/Getty Images
Спортување дома - Пелотон
Затворените фитнес студија и ограничувањето на контактите му донесоа предност на Џон Фоли. Во 2013 година бил почетник и се обидувал да дојде до капитал за неговите вмрежени направи за вежбање- денес, пак го облетуваат инвеститори. Цената на акциите на фирмата Пелотон од почетокот на пандемијата се удвои и неочекувано го претвори Фоли во милијардер.
Фотографија: Mark Lennihan/AP Photo/picture alliance
Креирање продавници на интернет
Шопифај е софтвер кој им овозможува на трговците сами да креираат интернет продавници и да се поврзат со фирмите кои се занимаваат со логистика. Тобијас Литке стои зад концептот. Тој од Кобленц во 2002. емигрирал во Канада и започнал со работа- во гаража. Шопифај е сега највредна канадска компанија. Цената на акциите од март прасна повеќе од двојно, а 39-годишникот сега вреди 7,5 милијарди евра.
Фотографија: Wikipedia/Union Eleven
Милијардер преку ноќ
Вакцината против коронавирусот која ја разви Бионтек од Мајнц, фирма чии коосновач и сопственик е Угур Шахин, прва во Европа доби одобрување за масовна употреба. Тоа значи дека Шахин, кој се доселил од Турција, не само што одеднаш стана светски познат, туку и исклучително се збогати. Вредноста на неговите акции се проценува на преку 2 милијарди евра.
Фотографија: BIONTECH/AFP
Готвење дома
ХелоуФреш е фирма која ви предлага што да готвите и ви доставува пакет со сите состојки. Од почетокот на пандемијата профитот ѝ е тројно зголемен, а продажбата е повеќе од удвоена- според тримесечниот биланс од почетокот на ноември. Коосновачот и акционер Доминик Рихтер профитира од затворените ресторани и од трендот на готвење дома. Уште не е милијардер, но ги има вистинските состојки- и за тоа.
Фотографија: Bernd Kammerer/picture-alliance
Поранешна сопруга- и уште еднаш Амазон на врвот
Пандемијата и Амазон не го направија побогат само Џеф Безос, туку и Мекензи Скот, неговата поранешна сопруга, исто така, добро заработи благодарејќи на својот пакет акции. Сега е на првото место на листата на најбогати жени во светот- со богатство кое се проценува на речиси 60 милијарди евра.
Фотографија: Dennis Tan Tine/Star Max//AP/picture alliance
8 фотографии1 | 8
„Најбогатите луѓе во САД, кои оствариле огромна заработка за време на пандемијата, не го платиле својот чесен удел“; изјави вчера претседателот на Комитетот на Сенатот на когресот за финансии на САД, Рон Вајден, и најави „предлог“ во таа смисла.
„ПроПублика“ ја пресмета својата „вистинска даночна стапка“ која ја платил секој милијардер. Резултат на оваа пресметка е, на пример, милијардерот Ворен Бафет, кој додека неговото богатство експлозивно растеше благодарејќи на цената на акциите меѓу 2014 и 2018 година, платил данок од само 0,10 отсто од својата вкупна заработувачка.