1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Американски војници во Сирија под турска стрелба

ЖА
12 октомври 2019

При напредувањето на турските трупи во северна Сирија, првпат под стрелба се најдоа и американски војници. Турскиот претседател Ердоган ја интензивира воената операција и покрај заканите со американски економски санкции.

Syrien Tal Abyad Militäroffensive der Türkei
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Kilic

Турските трупи ги засилуваат копнените и воздушните напади врз позициите на Курдите во северна Сирија, при што турскиот артилериски оган доцна синоќа допрел во близина на американските воени извиднички пунктови на периферијата на градот Кобане, соопшти Пентагон.

„Експлозиите се случија на неколку стотици метри од подрачјето за кое Турците знаат дека таму се присутни  американски војници“, изјави морнаричкиот капетан Брук Диволт, прецизирајќи дека ниеден американски војник не е повреден.

Иако САД го повлекоа најголем дел од своите трупи од сириско-турската граница, во областа се останати одреден број војници.

Турското министерство за одбрана доцна синоќа соопшти дека не бил отворен оган врз американските војници, туку била нападната  курдска позиција  на еден километар од извидничкиот пункт на Американците, од која претходно било пукано со автоматско оружје и биле испалувани ракети. Турските сили ја запреле стрелбата веднаш откако биле контактирани од страна на американските служби.

Пентагон тврди дека американските војници го напуштиле пунктот откако се нашле под оган. Ова е првпат од почетокот на турската офанзива на удар да се најде коалициона база.

„САД ја повикуваат Турција да избегнува чекори кои можат да предизвикаат итни контрамерки“, изјави Диволт.

ОН вчера објавија информации дека турската операција натерала во бегство преку 100.000 луѓе, а Светската програма за храна предупреди од претстојна хуманитарна криза во сирискиот граничен регион.

Американскиот претседател Доналд Трамп пак вчера ѝсе закани на Турција со драстични економски санкции доколку турската воена офанзива загрозува цивили. Американскиот министер за финансии Стивен Мнухин во Вашингтон пренесе дека претседателот Трамп дал налог да се подготват остри мерки.

„Станува збор за многу тврди санкции. Се надевам дека нема да мораме да ги примениме, доколку мораме, можеме да ја парализираме турската економија“, истакна министерот. Според него, претседателот Трамп е загрижен и од можноста како последица на турската офанзива во Сирија да се најдат на слобода затворените борци на терористичката милиција Исламска држава.

Турските трупи во средата третпат продреа во северносириска територија, целта на операцијата се курдските милиции, кои како што тврди Турција, претставуваат закана за турската безбедност. Турскиот претседател Ердоган планира долж границата со Сирија да создаде 30 километри длабока тампон зона и бара повлекување на курдските милиции од областа. Таму би требало да бидат населени околу два милиони во Турција пребегани луѓе, главно арапски Сиријци.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми