1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Разузнавачки податоци од САД за напади врз руски генерали

АРД | Тагесшау
5 мај 2022

Според информациите од Киев, од почетокот на војната се убиени дванаесет руски генерали. Очигледно информациите од американските тајни служби значително помогнале во ова, пишува весникот „Њујорк тајмс“.

Ukraine | Eindrücke aus Mariupol
Фотографија: Alexei Alexandrov/AP/picture alliance

Украинската армија очигледно во повеќе случаи користела информации од американските тајни служби за своите успешни напади врз  руските генерали.  Ова го пренесува „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименувани високи американски воени лица. Украинската армија тврди дека убила 12 руски генерали со таргетирани напади од почетокот на руската агресорска војна во февруари. Поточно, според извештајот,  САД ги следат локациите на „мобилниот штаб на руската армија“ и ги споделуваат овие информации со украинските вооружени сили. Ова потоа им овозможи на Украинците да ги нападнат командните пунктови со артилерија.

„Информации за одбрана“

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби генерално призна дека неговата земја ѝ дава на Украина информации „кои ѝ се потребни за да се брани“. Сепак, не сподели други детали. Советот за национална безбедност на САД нагласи дека ликвидацијата на  руски генерали  не е примарна цел на САД во обезбедувањето разузнавачки информации. Портпаролката на Советот за безбедност Адриен Вотсон исто така потврди дека податоци од американските разузнавачки служби ѝ се доставуваат на Украина, но и таа исто така нагласи: „Не ги даваме информациите со намера да се убијат руски генерали“.

Генералите мораат на првата линија на фронтот

Уште од почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари, Украинците во повеќе наврати известуваа дека убиле руски генерали на теренот. Ваквите информации делумно ги потврди и руската страна. На пример, на почетокот на март, градската управа на јужниот руски град Новоросијск извести дека генералот Андреј Суховецки, заменик командант на 41-та армија, „херојски“ загинал во Украина. Поради тешкотиите на  рускиот напредок  во првите недели од војната, многу генерали мораа самите лично да одат на фронтот, ставајќи се во ризик да бидат повредени или убиени.

Нема информации за началникот на Генералштабот на Русија

Според „Њујорк тајмс“, американските извори демантирале дека на Украина ѝ споделиле информација за посета на рускиот началник на Генералштабот, Валериј Герасимов во првите борбени линии на фронтот. Украинската армија, пак објави дека минатата недела во рускиот штаб во близина на градот Изум биле убиени неколку високи воени офицери. Според американските информации, сепак, Герасимов претходно ја напуштил источна Украина. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми