1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок – нови тонови во германската надворешна политика

Кристоф Хаселбах
9 декември 2021

Сакаше да стане канцеларка, а сега стана министерка за надворешни работи. Аналена Бербок несомнено би можела да донесе нешто ново во надворешната политика на Германија.

Frankreich Paris | Pressekonferenz Annalena Baerbock und Jean-Yves Le Drian
Фотографија: Gonzalo Fuentes/AFP/Getty Images

Иако не успеа да ја освои највисоката функција во владата, зашто Зелените на сојузните избори освоија помалку гласови од СПД и ЦДУ/ЦСУ, изборот за сојузна министерка за Аналена Бербок е двојно значаен: стана прва министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, а покрај тоа и најмлада личност на таа должност. Таа на 15 декември ќе наполни 41 година.

Во  предизборната кампања  на прво место ја стави заштитата на климата, но постојано нагласуваше и надворешнополитички теми. Јасно покажа дека за неа политиката на заштита на климата и надворешната политика се тесно поврзани, зашто заштитата на климата може да успее само ако се спроведува на меѓународно ниво.

Климатската криза е „најголемиот предизвик на нашето време“, изјави таа при претставувањето на Коалицискиот договор. Целта за климатска неутралност се провлекува низ сите политички области, и низ меѓународната соработка и безбедносната политика, вели Бербок.

Против Северен тек 2

Во текот на предизборната кампања беше одржано и соочување на партиските лидери на тема  надворешна политика . Учествуваа кандидатот за канцелар на ЦДУ/ЦСУ – Армин Лашет, Олаф Шолц од СПД и Аналена Бербок од Зелените. Ако сега се навратиме на ТВ соочувањето, интересни се разликите кои постоеја меѓу  Бербок и идниот канцелар Шолц.

Принципиелни разлики немаше, но ги имаше сепак во одделни прашања. Бербок јасно се изјасни против, а Шолц за гасоводот Северен тек 2, кој низ Балтичко Море донесува гас од Русија директно во Германија. Нејзините аргументи беа дека тоа е погрешна политика во однос на климата, со оглед на желбата за напушатње на користењето фосилни енергенси. Освен тоа, додаде Бербок, гасоводот предизвикува голема зависност на Германија од Русија, а Украина се чувствува оставена на цедило, зашто  Северен тек 2 ја заобиколува.

Во Коалицискиот договор изричито се споменува поддршка на Германија кон Украина-против руски закани, иако Русија не се споменува.

Аналена Бербок при ТВ соочувањето со Олаф Шолц во јуниФотографија: Christian Mang/AFP

Престанок на постапувањето „во ракавици“ со Кина?

Бербок во основа сака да води надворешна политика во чија база се вредностите и која води сметка за состојбата со човековите права во важни земји како  Русија и Кина. Тоа се земји со кои Германија има силни економски и трговски односи.

Во врска со  Кина,  во Коалицискиот договор не се зборува само за конкуренција, туку и за конкурентен систем. Тоа е поостар израз, кој јасно ја покажува напнатоста во германската политика кон Кина. Германското министерство за надворешни работи со новата шефица ќе има задача да изработи опсежна политичка стратегија кон Кина, за да „можеме да ги оствариме нашите вредности и нашите интереси.“

Претходната влада на чело со Ангела Меркел во одностите со Кина, според мислење на бројни критичари, многу повеќе полагаше на (трговски) интереси отколку на вредности. Навистина, претходниот шеф на дипломатијата, Хајко Мас од СПД, ставаше поинакви акценти од Меркел, но Меркел како канцеларка надворешната политика воглавно ја одредуваше сама. Допрва ќе се види дали канцеларот Олаф Шолц на својата министерка ќе ѝ остава повеќе можности за обликување на надворешната политика отколку што тоа го правеше Меркел.

Не е едноставна партнерка за САД

Интересно ќе биде и тоа дали Бербок повторно ќе го заживее  трансатлантското партнерство  кое во голема мера замре за време на Доналд Трамп, а кое остана пасивно и откако претседател стана Џо Бајден. Бербок ќе мора да одлучи дали ќе се приклучи кон потрагата на Бајден по партнери во односот против Кина или Германија ќе се воздржи од таа конфронтација. Тука секако ќе биде тешко да се балансира.

Проблематилен е и ставот на Бербок - САД да го повлечат своето атомско оружје од Германија и нејзиното одбивање за давање повеќе пари за одбрана, на што САД инсистираат со години. Тоа би можело да води до натамошни напнатости во трансатлантските односи.

Повеќе Европа како и досега

Аналена Бербок со години се залага за посилен ангажман на Европската унија во светската политика, првенствено во безбедносната. ЕУ мора сериозно да ја сфати својата „мировна улога“ во светот, вели таа. Во Коалициониот договор се бара „вистинска заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика во Европа“, а националните војски би требало посилно меѓусебно да соработуваат.

Тоа е навистина веќе со години став на германската надворешна политика, а тоа го поддржува и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од Германија. Меѓутоа, досега по тоа прашање немаше големи резултати и затоа пред Аналена Бербок стои тешка задача.

Во Коалицискиот договор многу се зборува и за мултилатеризам, за јакнење на меѓународната соработка и нејзините институции како ОН. Тоа звучи како да го формулирала Бербок, но во суштина е продолжение на класичната германска надворешна политика. Не може да се очекуваат драматични отстапувања од досегашната линија.

„Јас доаѓам повеќе од меѓународното право“

Што значи донесува Аналена Бербок? Во еден свој настап од пред една година на својот партиски колега и копретседател на партијата, Роберт Хабек, кој беше министер за земјоделство во покраината Шлезвиг-Холштајн, му рече: „Што знаеш ти...да молзиш крави? Јас доаѓам повеќе од меѓународното право.“

Аналена Бербок студирала политички науки во Хамбург, а потоа направила мастер на темата Јавно меѓународно право на Лондонската школа за економски и политички науки. Дава интервјуа на течен англиски јазик, што не е само по себе разбирливо меѓу денешните германски политичари.

Нејзиниот подем во Зелените беше брз, а исто така и во сојузната политика. По неуспехот во обидот да стане сојузна канцеларка, сега ѝ преостана Сојузното министерство за надворешни работи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми