1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анан препорача почеток на разговори за статусот на Косово

8 октомври 2005

Позитивни реакции на предлогот на Анан. Што содржи извештајот на Кај Еиде? Резолуција на Сенатот на САД за Косово.

Кофи Анан
Кофи АнанФотографија: AP

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан официјално му препорача на Советот за безбедност на светската организација да започнат преговори за идниот статус на Косово. Разговорите, според извори во ОН, би можеле да започнат во ноември. Препораката на Анан се темели врз извештајот за исполнувањето на стандардите, што на 4-ти октомври му го врачи специјалниот пратеник Кај Еиде.

Што содржи извештајот?

Косово „неединствено“ ги исполнува демократските стандарди зададени од ОН, се вели во извештајот на Еиде, кој се’ уште не е интегрално објавен во јавноста, а светските агенции пренесуваат делови. Во меѓувреме на Косово има законодавни установи и правосуден апарат, но тие се поткопувани „од силната наклонетост на политичарите повеќе да се чувствуваат обврзани спрема своите партии, отколку спрема јавноста на која и’ служат“. Што се однесува до настанувањето мултиетничко општество, ситуацијата е „мрачна“, констатора Еиде и наведува дека постојано има судири и насилство меѓу различните етнички групи. Случаите на меѓуетничко насилство често пати не се објавуваат, што етничките малцинства ги лишува од слободата на движењето и го охрабрува неказнувањето во албанското етничко мнозинство. Борбата против криминалот, вклучително и организираниот криминал и корупцијата, се претешка задача за косовската полиција и правосудството, а неа ја попречува и семејната и племенска солидарност, како и заплашувањето на сведоците, се вели во извештајот. Во него се бара заштита на православните верски објекти на Косово и се предлага формирање „заштитни зони“ околу нив, како и тие да бидат ставени под некој вид меѓународна заштита. Покрај амбициозниот план за децентрализација, Еиде бара на косовските Срби да им се даде одговорност во области како што се полицијата, правосудството, образованието, културата, медиумите и економијата“. И покрај острите критики за степенот на исполнување на стандардите, Еиде сепак препорачува почеток на преговори за идниот статус, оти „одложувањето...нема да донесе опипливи резултати“.

Реакции

Во втората половина на октомври Советот за безбедност на ОН ќе расправа за Косово. Препораката од генералниот секретар ја поздрави шефот на управата на ОН за Косово Сорен-Јесен Петерсен, кој нагласи дека до донесувањето на решението за статусот, Косово треба да стане „вистинска мултиетничка заедница“. За косовскиот премиер Бајрам Косуми почетокот на разговорите претставува најзначаен период во историјата на Косово, оти „отвора перспектива за создавање држава Косово“, како што рече во синоќешното обраќање до граѓаните. „Исполнувавме стандард по стандард, донесувавме закон по закон, за да го подготвиме Косово да стане држава“ – рече Косуми. Тој рече и дека треба уште многу да се направи за целта за создавање држава Косово и „да се најде нејзиното место во обединета Европа“. Во четвртокот се одржа средба на преговарачката делегација на косовските Албанци, по која претседателот Ибрахим Ругова изјави дека единствена база за разговори е независност на досегашната српска покраина.

Носителот на српската листа за Косово и Метохија Оливер Ивановиќ прокоменира дека веста за скорешни разговори за статусот е очекувана, но српската страна не била подготвена за тоа. „Битно е да се посетат важни градови како Брисел, Вашингтон, Њујорк, Берлин, Москва и Лондон и во непосредна комуникација да им се каже на луѓето кои директно решаваат за судбината не само на Србија, туку и на Балканот, дека нема да прифатиме независност“ – вели Ивановиќ.

Препораката на Анан ја поздрави и британскиот министер за европски прашања Даглас Александер. Какво и да е решението, тоа мора да ја засили регионалната стабилност, како и демократското и мултиетничко општество на Косово, рече Александер.

Резолуција на сенатот на САД за Косово

Американскиот Сенат едногласно усвои резолуција со која се повикуваат косовската и српската страна со договор да го решат прашањето за иднината на покраината, без прејудицирање на исходот на преговорите за статусот, пренесува агенцијата Бета, повикувајќи се на дипломатски кругови во Вашингтон. Во резолуцијата не се спомнува независност на Косово, туку се вели дека идниот статус мора да ги одрази потребите, целите и желбите на обете страни. Претстојните разговори за статусот ќе бидат една од централните теми за време на претстојната посета на Белград и Приштина на помошникот државен секретар за политички прашања Николас Брнс. Вашингтон веројатно ќе именува свој специјален пратеник за разговорите за статусот на Косово.

Зоран Јордановски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми