1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ана Брнабиќ - континуитет на Александар Вучиќ

Ивица Петровиќ
6 октомври 2020

Нов мандатар за состав на влада во Србија ќе биде Ана Брнабиќ. Влада на континуитет и нови лица, велат од владејачката партија. Но, и влада на континуитет на Вучиќ и неговиот начин на владеење, укажуваат аналитичари.

Deutschland Serbien Ana Brnabic zu Gast bei Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Забавениот процес на формирање српска влада е чекор поблиску до завршување откако претседателот на Србија и СНС на Александар Вучиќ соопштија дека ново-стар мандатар ќе биде досегашната премиерка Ана Брнабиќ. Претседатеството на Српската напредна партија (СНС) едногласно го прифатило предлогот. Се очекува дека доверба при составот на новата влада, како и за функции во јавните претпријатија, ќе им биде укажана на нови млади лица. Соопштено е дека на овој состанок не се зборувало околу конкретни имиња на идните министри.

СНС најавува дека најверојатно идната недела ќе биде одржана уште една седница на претседателството на партијата, по што новиот мандатар би требало да соопшти и конкретни кадровски решенија во новата влада. Александар Вучиќ на ново-старата мандатарка ѝ предложил и две нови министерства, Министерство за човекови права, полова рамноправност и општествен дијалог и Министерство за грижа за семејството, децата и демографијата, како и тоа во новата влада ако е можно 50 проценти да бидат жени.

Повеќе:

Петти октомври: Раѓање на одамна заборавената надеж

Како информатичарот Ѓуро ја упропасти српската борба против коронавирусот

„Целта на Србија е да го одолговлекува признавањето на Косово“

Србија: Спонтан протест и (не)контролирано насилство

Како што соопшти за медиумите министерот за финансии Синиша Мали, постојат неколку приоритети за новата влада: економија, Србија 2025, раст на платите и пензиите, како и раст на воената моќ, вложување во одбранбените способности на војската и вложувања во здравството. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ја нагласил важноста на инфраструктурните проекти како патна и  железничка мрежа, како и изградба на метро во Белград.

„Дисциплинирана и одговорна"

Образложувајќи ја својата одлука, Вучиќ истакна дека Ана Брнабиќ водела дисциплинирана и одговорна политика и не се додворувала на странските центри на моќ. Својата работа ја вршела добро, а како доказ за тоа гледа голем број критики кои тврдат оти ѝ била оддадена на Србија, смета Вучиќ.

Во таа персонална смисла новата влада навистина ќе биде влада на континуитет, што според зборовите на политичкиот аналитичар Бобан Стојановиќ, значи дека ова ќе биде „влада на континуитет на Александар Вучиќ и неговиот начин и методи на владеење, што го знаевме и пред соопштувањето на името на Ана Брнабиќ."

Александар Вучиќ: Брнабиќ добро ја вршеше работатаФотографија: Reuters/G. Fuentes

Бобан Стојановиќ за Дојче веле укажува на „фактот што во неколку влади на СНС имавме преку 50 луѓе на министерски функции, тие луѓе беа само преместувани од едно во друго министерство, а истовремено ниедно министерство немаше некој голем континуитет во дејствувањето, кој би донел некое подобрување за граѓаните на Србија. Преточување од шупливо во празно – и иста ситуација би имале и да беше избран некој друг."

„Доверба од шефот и (не)битни министри"

Српскиот претседател наброја неколку причини зошто ѝ дал доверба за уште еден мандат на Ана Брнабиќ, а Бобан Стојановиќ смета дека „нејзините заслуги за повторна доверба се наоѓаат пред сѐ во тоа што својот партиски претседател го нарекувала ‘шефе' и што на никој начин не доведувала во прашање некоја негова одлука. Го исполнила и другиот услов, така што исклучително успешно се прилагодила кон начинот на комуникација на Српската напредна партија и Александар Вучиќ."

Шпекулациите околу министерските позиции не запираат од крајот на изборите. Секојдневно се лицитира со разни имиња, а одделни медиуми ексклузивно објавија комплетен состав на новата влада, што подоцна сепак беше демантирано. Колку е воопшто битно кој ќе биде министер во една влада на Вучиќ?

Бобан Стојановиќ вели дека од „агол на граѓаните, тоа е речиси стопроцентно небитно. За граѓаните е најопасно сознанието дека таа власт не може да се ограничи. Тоа што во идната влада единствени сигурни ќе бидат Синиша Мали и Небојша Стефановиќ, кои се оптоварени со бројни афери и кои во некоја демократска држава одамна би биле сменети, доволно говори за тоа", напоменува нашиот соговорник.

Првпат сериозни предизвици

Кога станува збор за предизвиците кои ќе ја чекаат новата влада, Бобан Стојановиќ додава „дека Вучиќ сега можеби првпат ќе се соочи со вистински сериозни предизвици."

„Покрај Косово, приоритет ќе има и соочувањето со корона-кризата и прашањето за здравството. Можеби уште поважна, а таа е последица, е економската криза која веројатно следува. Се чини дека сега првпат ќе се најде во каша и излегува надвор од својата зона на комфор, зашто следи економски пад. Во тој случај ни целата оваа цензура и контрола на медиумите нема тоа да може да го прикрие", оценува аналитичарот.

Нови лица стара политика

Власта, исто како и опозицијата, веќе долго промовира наратив за нови лица и тоа беше тема и на претседателството на СНС. Се ветуваат нови млади луѓе, но Бобан Стојановиќ напоменува „дека фактот што на најважните позиции повторно ќе видиме луѓе кои се оптоварени со афери, сето тоа го фрла во вода. Приказната кој ќе биде на чело на Министерството за млади и спорт и слично е само замајување на јавноста кое ќе се користи за продолжување на предизборната кампања. Суштината е дека Вучиќ е на врвот на пирамидата, дека тука постојат уште заштитени имиња и дека сите останати се минливи", заклучува Бобан Стојановиќ. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми