1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангажманот во Авганистан нема алтернатива

22 април 2010

Барањата за итно повлекување на германските трупи од Авганистан се неодговорни, рече германската канцеларка Ангела Меркел денеска во Бундестагот, за време на владината изјава посветена на мисијата во Авганистан.

Ангела МеркелФотографија: AP

Би било погрешно да се верува дека Германија не е во визирот на меѓународниот тероризам, рече канцеларката Ангела Меркел пред парламентарците додавајќки дека повлекувањето од Авганистан би имало потешки последици отколку оние по нападите од 11 септември 2001 година, зашто Авганистан би потонал во хаос и анархија.

Истовремено, канцеларката изрази разбирање за тоа дека војниците го нарекуваат ангажманот во Авганистан војна. Меркел ги повика пратениците да се држат до заклучокот што го донесоа во февруари за продолжување на мандатот на Бундесверот на Хундукуш. „Не можеме од нашите војници да очекуваме храброст, ако нам ни‘ недостига храброст да се држиме до она што сме го одлучиле“, рече Меркел: „Нашата сигурност, можностите да живееме во правна држава, денес се загрозени од ситуации во региони далеку од нашите граници. Тоа, само по себе, не е ново, но во времиња на глобализација, доби нов квалтитет. Меѓународниот тероризам и т.н. асиметрична закана што произлегува од него, преку луѓето на кои сопствениот живот не им значи ништо, е една од големите темни страни на глобализацијата. И колку што глобализацијата не може да се укине, што не можам да го сторам и што воопшто и не е можно дури и да се сака, толку малку смееме да попуштиме во напорите за спречување на опасностите за нашата безбедност и слобода таму кадешто настануваат“, подвлече Меркел, додавајќи:

Канцеларката и министерот за одбранаФотографија: AP

„Не смееме никогаш да заборавиме за што се работи во Авганистан - не станува збор за конфликт меѓу оксидентот и ориентот, не се работи за судир меѓу христијанството и исламот...Се работи за безбедноста на Германија, за безбедноста на Европа, безбедноста на нашите партнери во светот, која се брани на Хиндукуш.“

Канцеларката призна дека се правени грешки во изминатите години, дека во Авганистан имало и напредок, но и чекори наназад, дека целите делумно биле нереални, а некои дури и погрешни. Сепак, новата стратегија би требало да донесе брзо плодови и одговорноста за безбедноста да биде брзо предадена во рацете на Авганистанците. Таа им оддаде почит на загинатите војници, досега 43-ца во Авганистан, и на крајот нагласи: „Сите војници во Авганистан заслужуваат наша солидарност и сочувство. Живеат постојано во страв дека можеби ќе бидат повредени или ќе загинат. Живеат во страв за ние дома, во германија, да не мораме да се плашиме. За тоа ја заслужуваат нашата благодарност, почит и поддршка.“

Во расправата по владината изјава, шефот на социјалдемократите Зигмар Габриел, рече дека СПД не сака да менува ништо на мандатот на Бундесверот во Авганистан, но ако владата смета дека војниците во Авганистан водат војна, тогаш мора да се разјасни што под тоа се подразбира. „Ако министерот за одбрана зборува за војна, а шефот на дипломатијата не, тогаш се поставува прашањето - дали владата има заеднички став и разбирање за мисијата“, рече тој.

Шефот на фракцијата на левицата, Грегор Гизи, пак, оцени дека ангажманот е фијаско. „Со војна не може да се борите против тероризмот, така само се создава нов тероризам“, изјави Гизи.

Автор:ЕМФ/СН/дпа/апн/дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми