1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел имуна на глифосат

29 ноември 2017

И Ангела Меркел смета дека министерот за земјоделие, Кристијан Шмит не постапил како што требало. И сега? Ќе си продолжи ли сѐ како и до сега? Никој не разбира како е тоа можно, смета Јенс Турау.

Deutschland Berlin Dieselgipfel Merkel und Hendricks
Барбара Хендрикс и Ангела Меркел Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Тоа се тие реченици на Ангела Меркел кои те оставаат зашеметен. Дали е тоа кул? Дали канцеларката покажува силни нерви? Или за што станува збор? Ајде уште еднаш да повториме: „Тоа не беше соодветно на насоките дадени од Владата". Изгледа така е.

Его-трипот" на Шмит

Во понеделникот министерот за земјоделие Кристијан Шмит од редовите на ЦСУ, даде согласност на европско ниво и натаму да се користи многу спорното средство за уништување пиреј, глифосат. Тоа не смееше да го направи. Поради тоа што министерката за животна средина од СПД, Барбара Хендрикс не мислеше дека е тоа исправно. Затоа Владата требаше да биде воздржана. И Меркел исто размислува, иако не испушти да каже дека содржински гледано, ставот ѝ е поблизок до Шмит. Аха.

Среде ничија земја

И сега? Еден министер крши договор, што не е во ред, дури и кога владата е само вршител на должност. Довербата е изгубена, тој мора да се повлече или да биде повлечен. И веќе сме среде ничија земја, меѓу стара и нова влада која допрва треба да биде формирана.

Јенс Турау

Жолт наместо црвен картон

Согласноста на Шмит дадена во Брисел и меко е опишана како „јака работа". Особено ако се земе во предвид дека Шмит кратко пред тоа телефонирал со Хендрикс и не споменал како има намера да гласа. А Меркел? Покажува по којзнае кој пат дека ретко што толку добро владее колку стратегија и тактика. Поточно речено, црниот Петко повторно им го предава на СПД. На Шмит му извади жолт картон („не смее да се повтори") наместо црвен и останува на толку.

Кој е црниот Петко?

Поинаку кажано: кој смее да ја уништи атмосферата за  разговорите за повеќегодишна голема коалиција  кои изгледа наскоро ќе започнат? Да се бара повлекување на Шмит би било задача на СПД. Да го направеше тоа самата Меркел, ќе си ја растуреше позицијата кај ЦСУ, со која по долги месеци карање конечно постигна некаков мир.  Тогаш сепак е подобро да се налути СПД.  Ако Меркел некогаш не биде канцеларка, би требала да си ја проба среќата со професионален покер. Сигурно ќе стигне до турнири.

Но, никој тоа не може да го разбере

Проблемот е што граѓаните тоа тешко го сфаќаат: зошто еден министер може да си продолжи со работа, иако намерно не почитува претходно договорени работи. И гласањето „за" на министерот на ЦСУ во Брисел, кој на крај успеа да стане познат меѓу народот (претходно речиси и да не паѓаше во очи), има далекусежни последици.

Не е добар старт за Меркел и нејзиниот трет обид да владее заедно со СПД. Штетата ги погодува сите: Берлин сѐ почесто го гледаат како змиско гнездо, што честопати и е. СПД пак мора навредена да се жали што исто не е добар имиџ. Само Меркел ќе излезе од срамната ситуација со глифосатот „неоштетена“. Како ли ѝ успева тоа секогаш?


 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми