Германската канцеларка Меркел денеска во Европскиот парламент ќе одржи говор за иднината на ЕУ. Во Европа пак, постои загриженост дека канцеларка заслабната во својата позиција би можела да стане проблем за заедницата.
Реклама
Деловноспособна - ова по сѐ изгледа е збор на моментот за ЕУ политичарите во Брисел. Само да нема задршки околу стабилноста на владата во Берлин, е девизата на претставниците на институциите на ЕУ, а пред сѐ на Европската комисија. Од Брисел велат дека европската политика не треба да страда. Сѐ одело како што треба, а владата во Германија била стабилна и предводена од канцеларка која е способна да дејствува. Но, делумното политичко повлекување од страна на Меркел во Европа многумина го сфаќаат како признание за загубата на моќта од еден од највлијателните премиери во Европа. Оттогаш во Брисел зад затворени врати има многу отворени прашања.
Настрана од говорот на Меркел пред Европскиот парламент во Стразбур речиси сите премиери нејзиното откажување од водечката позиција во ЦДУ ќе го поврзат со прашањето: што ќе значи нејзината намалена моќ за ЕУ? Што ќе се случи со европските градилишта со таква Меркел? Што ли ќе се случува ако Меркел целосно исчезне од сцената, што сега веќе изгледа сосем возможно?
1. Бегалска квота
ЕУ бара компримис на темата. Досега не можеше да биде постигната согласност. Многу земји членки на ЕУ застапуваат дијаметрално спротивни ставови. Ангела Меркел беше многу критикувана заради нејзината бегалска политика, но во последен момент успеа да склучи договор со Турција и со тоа да ја смири ситуацијата. За политички спорниот договор и натаму е потребно мнозинство. За тоа досега се грижеше Меркел во кругот на земјите членки.
2. Евро-реформата и многу повеќе
Франција планира со Германија решение за стабилноста на еврото. Еврозоната треба да биде подобро заштитена од кризи. На францускиот претседател би можело да му снема партнер за неговите планови. Дури и ако канцеларката не му излезе во пресрет на желбата за буџет за еврозоната, таа сепак му е потребна во солидна политичка состојба со поддршка на пратеничката група на Унијата во Берлин за широка банкарска унија. Таа треба да добие форма на следниот самит на ЕУ во декември годинава. Италија станува сѐ повеќе непресметан финансиски ризик. Еврокомесарот Пјер Московиси вели дека ако не посредува Германија, кавгата околу буџетот би можела да излезе од контрола.
3. Популизам во ЕУ
Не треба многу фантазија за да човек си замисли колку попушта и онака кревката дисциплина во ЕУ за да се постигне консензус на самитите на ЕУ ако Германија не посредува. Унгарија или Полска без моќна германска канцеларка, која досега се грижеше за минимизирање на штетата во заедничката партија ЕНП, без задршки ќе продолжат со растурањето на правната држава.
Откако најави дека се повлекува од претседател на партијата, Гинтер Етингер од ЦДУ ѝ даде поддршка на Меркел. Брисел и во наредните три години ја сака Меркел како канцеларка во Брисел. Се вели дека таа придонесува да се задржи стабилноста во чувствителна фаза на европската политика. Но, како канцеларка „на отповикување“ би можела да го загуби своето влијание во Европа.
Пријателите и непријателите на Меркел
Во потрагата по „европско решение“ за миграциската криза, на Ангела Меркел ѝ се потребни сојузници меѓу шефовите на влади во ЕУ. Но, сојузници има сѐ помалку, а некои настапуваат се поодлучно против неа.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/O.Matthys
Партнер
Ако постои политички пријател на сојузната канцеларка, тогаш тоа е францускиот претседател Емануел Макрон. И тој, како и Меркел, сака европско решение, зашто исто така се плаши за опстанокот на ЕУ. Баварската ЦСУ пак верува дека Макрон ја поддржува Меркел зашто го „купила“ со финансиско-политички отстапки.
Фотографија: picture-alliance/Tass/dpa/M. Metzel
Хуманист полн со разбирање
Новиот шпански премиер Педро Санчез постапи во согласност со политиката на Меркел, дозволувајќи во неговата земја да пристигне брод со африкански бегалци, одбиен од владата на Италија. Толкава доза хуманост е ретка деновиве. Но, социјалистичкиот политичар сепак нагласи дека на неговата земја ѝ е потребна помош во совладувањето на миграцијата.
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Soriano
Посредник
Холандија е трговска нација, отворените граници во ЕУ се многу важни за Холанѓаните. Во тоа премиерот Марк Руте се согласува со Ангела Меркел. Од друга страна, расположението во неговата земја во меѓувреме е повеќе антимигрантско. Руте воопшто не сака во ЕУ да влезат лица кои немаат право на азил. Во тој контекст, тој би можел да преземе улога на посредник.
Фотографија: Reuters/F. Lenoir
Тактичар
Меѓу Ангела Меркел, демохристијанка и левичарот Алексис Ципрас постојат огромни идеолошки разлики. А сепак грчкиот премиер се залага за „европска солидарност“ во решавање на миграциската криза и лично ја поддржува Ангела Меркел. Причина за тоа би можело да биде разбирањето кое Меркел го покажа во контекст на грчката криза - Ципрас се надева на нови отстапки.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Радикал
Данецот Ларс Леке Расмусен не изгледа како радикал, но е радикален по прашањето на миграцијата. Данската влада спроведува строга политика на „застрашување“ на азилантите, построга отколку другите земји. Расмусен прв ја лансираше идејата за прифатни центри надвор од ЕУ. Тој не сака прераспределба на азиланти во земјите членки на ЕУ.
Фотографија: imago/Belga
Противник
Австрискиот канцелар Себастијан Курц се однесува љубезно кон Ангела Меркел, но не го крие длабокото несогласување кон нејзината либерална бегалска политика. На друга страна, Курц одлично се согласува со противниците на Ангела Меркел на внатрешнополитички план - министерот за здравство Шпан и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер, како и баварскиот премиер Маркус Зедер.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel
Притиснат
Непартискиот италијански премиер Џузепе Конте е еден од најтврдите ореви за Меркел. Конте никако не сака да прифати (вратени) бегалци, првпат регистрирани во Италија. Притисок врз него врши пред сѐ италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини од ксенофобната Лега: „Ние не можеме да прифатиме веќе ни едно единствено лице“. Со такви изјави, во Италија расте популарноста на Лега.
Фотографија: picture-alliance/ZumaPress
Незаинтересиран
Никој толку жестоко не ја критикуваше политиката на отворени граници на Ангела Меркел како унгарскиот премиер Виктор Орбан. За него, кризата е проблем на Меркел, а не негов. Тој воопшто не отпатува на мини-самитот за бегалците, за разлика од другите лидери на т.н. Вишеградска група (Чешка, Словачка, Унгарија и Полска). Сите тие категорично одбиваат прераспределба на бегалци.