1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел и истополните бракови

Геро Шлис
28 јуни 2017

Канцеларката Меркел со тешко срце се откажа од противењето на хомосексуалните бракови. И тоа од чисто политичка сметка, смета Геро Шлис. Но, на крајот тоа е добра порака за хомосексуалците и за Германија

Erste Homoehen in Neuseeland geschlossen
Фотографија: picture-alliance/AP

Конечно. Долго траеше. Предолго! Но, Ангела Меркел конечно донесе важна одлука: се откажа од досегашното одбивање на бракот за сите. Канцеларката сака секој пратеник во Бундестагот по сопствено наоѓање да одлучи дали хомосексуалците и лезбејките треба да имаат еднакви права како и хетеросексуалците во однос на бракот. Јасно е: бракот за сите ќе може да се оствари.

Цивилизациски чекор

Таа одлука требаше одамна да биде донесена. Тоа е цивилизациски чекор напред во земја во која ниту еден граѓанин веќе не е хендикепиран поради својата сексуална ориентација. Токму кога станува збор за бракот, заедница во која двајца луѓе ја преземаат одговорноста еден за друг и за заеднички живот, во Германија сѐ уште се крши тој принцип. Точно е дека од 2001 година постои „регистрирано партнерство“. Тоа многу наликува на брак, но сепак се разликува од него. Хомосексуалците имаат големи проблеми кога станува збор за регулирање на обврските околу децата. Сѐ уште не е можно двајца партнери да посвојат дете. Тоа хомосексуалците со право го доживуваат како дискриминација. А дискриминација е и тоа што општеството не сака да го примени поимот „брак“ и врз хомосексуалните врски.

Типично за Меркел

Начинот на кој канцеларката ја смени својата позиција за истополните бракови е типичен за неа. Дури по долго размислување и разговори, по мачни дискусии за време на целиот нејзин мандат, таа се откажа од досегашните позиции.

Геро Шлис

Доколку погледнеме повнимателно, ќе видиме дека отстапувањето од принудата на пратеничката група не е истовремено и експлицитно залагање за рамноправен третман на хомосексуалните бракови, ниту пак активно обликувана политика. Канцеларката исчекори само толку колку што мораше. Таа сака сите помалку да ги задоволи. И тоа многу пресметливо. Меѓу другото, и за да не ги нервира премногу конзервативците во партијата и во електоратот.

Јасно е дека Меркел и демохристијаните ја свиткаа кичмата пред неизбежното. Откако Зелените, Либералите и СПД одлучија да не влегуваат во коалиција со оние кои не поддржуваат брак за сите, притисокот се зголеми. А канцеларката и нејзината партија останаа изолирани.

Примерот на членот 175

Дека може и поинаку, тоа ЦДУ го докажа минатата недела заедно со другите партии во Бундестагот. Парламентот едногласно донесе одлука за рехабилитација на хомосексуалците осудени согласно членот 175 од Кривичниот закон. Но, сега нема многу време. Доколку Меркел верува дека со своето задоцнето прифаќање може да им украде малку ветер од едрата на другите партии, многу се лаже. Бидејќи, тие бараат од неа пред крајот на мандатот да донесе одлука за рамноправен третман на браковите.
На крајот, промената на ставот на Меркел е весела порака за ЛГБТИ заедницата. Бракот за сите ќе стане законски, тоа е сигурно. Не е важно дали до тоа ќе дојде пред или по изборите. Германија, на тој начин, им се приклучува на другите европски соседи. Но, тоа не е само сигнал нанадвор, туку и дома, кон ултраконзервативните и десничарски популисти кои сакаат да ја затрујат нашата слободна општествена клима. Ние сме за слободарските вредности на нашиот Устав. Сега и со бракот за сите!

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми