1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел на мета на пропагандата

Инго Мантојфел/Насер Шруф/Ж.А.9 јули 2016

Во Германија засилено се дискутира околу темата дезинформации на интернет. Во фокусот најчесто се наоѓа германската канцеларка. На конкретен пример Инго Мантојфел и Насер Шруф покажуваат како тоа функционира.

Фотографија: Anas Modamani

Би требало да биде општо познато дека на интернет демнат пропаганда и дезинформации. Но, на многумина не им е јасно како функционираат вакви дезинформирачки кампањи и колку брзо секој може да биде доведен во заблуда. На пример, оној кој во Германија сака да се информира за крајот на значајниот муслимански месец на постот, Разаман, каков е ставот на Ангела Меркел кон празникот, би можел да побара на Гугл под клучните зборови „Ангела Меркел Рамазан“.

Дезинформации на оддалеченост од еден клик

Уште на првата страница на бараните информации, на првите позиции се наоѓа линк на вест со наслов: „Даночно ослободување поради Рамазан?“ Оваа информација потекнува од веб-страница на германски јазик под име "Politically Incorrect", која се декларира како медиум за вести позициониран спротивно на меинстримот, што би требало да имплицира незадоволство од бегалската политика на германската влада. Брзо е воочливо, уште на првиот поглед врз онлајн банерот, дека веб-страницата во најширока смисла ги поддржува акциите на критичкото кон исламот движење, Пегида и неговите регионални ограноци. Кој конкретно стои зад интернет-страницата, не може точно да се каже. Но, очигледна е нејзината близина кон ксенофобичните, десно-популистички и десно-екстремистички струења.

Читателот во кратката вест дознава дека Ангела Меркел на 4. јуни ги ослободила сопствениците на ресторани од еден данок, „за на муслиманите за време на Рамазан да може да им биде понудена храна по поповолни цени“. Оваа, сама по себе апсурдна информација, се чини кај многумина читатели на веб-страницата наоѓа плодна почва: во читателските коментари врие од критики и навреди на сметка на бегалската политика на Ангела Меркел и на германската влада. Во служба на дезинфомационата кампања е и целно употребена фотографија за наводно премногу великодушна бегалска политика на германската влада, посебно на канцеларката, што во очите на читателите на оваа страница се чини претставува „повторна“ потврда. Со тоа, дезинформацијата е успешна. Зашто, во наводното „даночно ослободување“ нема ни ронка вистина. Ваква регулатива, за време или по Рамазан, никогаш не е донесена од германската влада, уште помалку од канцеларката лично.

„Миење раце“

Интересно е прашањето како настанала оваа вест и на каков начин е раширена. Зашто, дури и анонимните автори од германската веб-страница знаат дека оваа информација не може да е точна. Затоа, тие, оградувајќи се и „миејќи ги рацете“ на некој начин, пишуваат: „За каков данок се работи децидно не е познато, во извештајот недостигаат натамошни подробности. Всушност, речиси незамисливо е една германска канцеларка самоволно да овозможи специјални права за одредена група“. А потоа се продолжува во манир на теории на заговор: „Всушност. Но, со оглед што Ангела Меркел ја спроведе автократски својата желба и ги доведе бегалците спротивно на уставот, може да се претпостави и нејзина ваква мерка. Затоа, ја пренесуваме веста со неопходната претпазливост и резервираност.“

За лажната приказна да се направи поверодостојна, Politically Incorrect линкува извештај од веб-страницата на англиски јазик MoroccoWorldNews, и упатува на арапската страница на руската државна телевизија РТ (Russia Today). Значи, наместо да се провери вистинитоста на веста пред објавувањтео, како што апсолутно налага новинарската обврска, или по објавувањето на лажна вест да се признае грешката, веб-страницата Politically Incorrect се крие зад информација на Раша Тудеј на арапски јазик.

Многумина се чувствуваат потврдени: Пегида демонстрации во ДрезденФотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi

Но, арапската вест на Раша Тудеј јазично не им е достапна на најголем дел од германските интернет-корисници. Дури и оној кој ќе се помачи преку сервисот за преведување на Гугл да стигне до превод на веста на РТ, мора да констатира дека РТ на арапски исто така не била примарен извор на информацијата, туку се повикува на саудискиот весник Ал-Ријад, близок до саидиската кралска куќа.

Самата помисла еден саудиски весник да е наводно подобро информиран во врска со германските даночни прашања отколку германските медиуми, би требало да побуди скепса. Но, оној кој ќе реши да се помачи со пребарување на арапската интернет-страница на Ал-Ријад, по подолги напори мора да констатира - ваква вест околу наводното даночно ослободување воопшто нема!

Двојна дезинформирачка кампања

Согласно на тоа, за појдовен извор на лажната вест мора да се земе арапската онлајн-страница на руската телевизија РТ. Целта на оваа дезинформирачка кампања се како арапските читатели, така, посредно и германските интернет-корисници. Зашто, на арапските читатели им се посредува погрешен впечаток за надпропорционална германска великодушност кон муслиманите, со што се стимулира подготвеноста за бегство кон Германија. Истовремено, со истата лажна вест се подбуцнуваат ксенофобичните Германци против канцеларката.

Најверојатната калкулација зад оваа дезинформирачка стратегија: ако германската канцеларка Ангела Меркел „се спрепне“ на бегалската криза и ја загуби власта, Германија ќе биде значително заслабена во Европа. И сосем конкретно - единството во ЕУ во однос на санкции против Кремљ ќе добие силни напукнатини.

Примерот одлично го покажува начинот на функционирање на пропагандата и дезинформациите: во случајов, една невистинита или во други случаи полувистинита или извртена информација станува еден вид пинг-понг топче меѓу различни медиуми и јазици, се‘ додека вистинскиот извор на веста не исчезне од видокругот.

Кај германските крајни корисници веста стигнува преку наводните веродостојни „странски“ медиуми. Оној кој мисли дека германските јавни сервиси и приватни медиуми не ја кажуваат вистината, дури може да види потврда во тоа што ваквата вест за наводно даночно ослободување го нема во германските медиуми.

Но, крајно никој не треба да биде сигурен оти нема да падне во ваква стапица на дезинформирачка кампања. За потсетување, веста беше само еден клик оддалечена од топ-десетте најкористени пребарувачки резултати на Гугл.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми