1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел ќе остане канцеларка

27 септември 2009

Ангела Меркел случајно дошла во ЦДУ. Но, по брза и неверојатна кариера стигна до врвот на партијата и до најважната функција во Германија.

Канцеларката Ангела МеркелФотографија: AP

„Господ нека ми помогне“ - на 22 ноември 2005 година, новоизбраната сојузна канцеларка Ангела Меркел ја положи свечената заклетва: кулминација на една неверојатна кариера.

Еднаипол деценија порано, во времето на пресвртот во Германската Демократска Република во 1989 година, Меркел, која дипломира природни науки, се јави во една евангелистичка опозициона група: знае да работи на компјутер, добиен како подарок од пријатели од запад. Лотар де Мезие, прв премиер на ГДР избран на слободни избори, во 1990 година ја именува за заменик владин портпарол.

Фотографија: AP

Кога нејзината група подоцна се приклучи кон Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Ангела Меркел, речиси случајно, стана демохристијанка. По првите сегермански избори за Бундестагот, на крајот на 1990 година, му беше препорачана на канцеларот Хелмут Кол. Тој ја назначи за министер за жени и млади, го препозна нејзиниот талент и ја поддржа. Со умешност, среќа и храброст во вистинско време, Меркел стигна до врвот на партијата, а во 2005 година и до канцеларската функција. Една година потоа, на годишнината од повторното обединување, резимира:

„Тоа што некој како мене, жена од поранешната ГДР, може да биде канцелар на повторно обединетата Германија, за мене, по десет месеци на функцијата, од една страна - стана речиси нешто како секојдневие, но од друга страна - на ден како денешниов, тоа е сепак нешто сосем исклучително.“

Ангела Меркел и Владимир ПутинФотографија: AP

На чело на големата коалиција

Резултатот од изборите не беше доволен за посакуваната коалиција со либералите, но Меркел и со социјалдемократите воспостави добри работни односи. За да се справи со преголемото задолжување на државата, коалицијата го покачи за три проценти данокот за додадена вредност. За социјалдемократите тоа беше тешка отстапка. Канцеларката потоа го навлече врз себе гневот, кога во еден говор рече:

„Германија е случај за санирање. Мора да ја погледаме финансиската состојба. Реалноста е сурова и сакам категорично да кажам: дури и со зголемувањето на данокот на додадена вредност, ситуацијата не е едноставна.“

Успеси на меѓународна сцена

Друго тешко политичко „градилиште“ е Европа. Ирците на референдум го блокираа најважниот реформски зафат, Уставниот договор на ЕУ. Кога Меркел се подготвуваше за преземање на претседателството со ЕУ во првата половина од 2007 година, политиката се наоѓаше во состојба на шок-вкочанетост. Меркел изјави:

Ангела Меркел и Барак ОбамаФотографија: AP Graphics/DW

„Ние нема да ја доведеме оваа тема до крај, но сега ќе ја окончаме фазата на застој и ќе покажеме пат, како пред европските избори ќе можеме за луѓето во Европа да понудиме решение.“

Тој пат навистина беше ослободен: наредното, португалското претседателство со ЕУ, со Лисабонскиот договор понуди замена за Уставниот договор; еден од повеќето надворешно-политички успеси на Меркел, со кои таа во анкетите стана љубимец на јавноста.

Грижи на домашната сцена

За популарноста придонесуваат и успесите во внатрешната политика: откако Меркел дојде на канцеларската функција, невработеноста се намали за речиси два милиона, социјалните каси, вклучително социјалното осигурување во 2007 година, за првпат по повеќе децении, забележаа вишок. Но, потоа дојде светската финансиска криза. За да се избегне паника, Ангела Меркел понуди обемна гаранција.

„Им велиме на штедачите дека нивните заштеди се сигурни, владата гарантира и за нив.“

Покрај тоа, беше договорен пакет за спасување на банките, тежок повеќе милијарди евра, како и прва, а потоа и втора конјуктурна програма. Токму се чинеше дека е надминато најголемото зло, кога почна да врие незадоволство во сопствените редови. Конзервативните демохристијани сметаат дека на партијата и’ недостасува јасен политички профил. Гинтер Етингер, покраински премиер на Баден Виртемберг, го искажа она, што го мислеа многумина во партијата:

„Таа е канцеларка на голема коалиција. Затоа, од неа како канцелар, очекувам подготвеност на компромиси, но како кандидат за канцелар и претседател на партијата, за наредните избори за Бундестагот треба јасно да покаже каква треба да биде Унијата.“

Фотографија: AP

Но, Меркел остана упорна на својата линија на избегнување партиско-политичко поларизирање. Истовремено, конзервативните католици се побунија поради, како што сметаа, непримерната критика на Меркел кон папата за неговиот однос кон негаторите на холокаустот. Ангела Меркел на тоа реагираше индиректно, истакнувајќи ја појасно отколку дотогаш нејзината христијанска слика за човекот:

„Секој човек е единствена, неповторлива господова творба, од што произлегува дека неговото достоинство е неповредливо и неделиво.“

Колку се изборите поблиску, толку критиката во сопствените редови станува потивка. Кога баварската сестринска партија ЦСУ се обиде да се кара со неа, таа со насмевка премина преку тоа.

Автор: Петер Штицле / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми