1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Англија – „европски“ шампион?!

9 јули 2021

Кој сега мисли на Брегзит, или на некаков егзит, кога Англичаните посакуваат само фудбалски ентер, по можност во голот на противникот со цел да ја освојат толку саканата и омразена Европа. Пишува Ивор Мицковски

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Минатиот месец се навршија точно пет години од референдумот кој потоа ќе го санкционира излезот на Велика Британија од Европската Унија, а сепак, членката на кралството која најмногу го посакуваше излезот, Англија, денес е повеќе од кога било дел од Европа. Просто кажано, откако Англичаните решија да излезат од Европа, всушност никогаш повеќе не биле толку дел од Европа.

Очигледно Европа им недостасува и повеќе од тоа што признаваат, па решија тоа да го покажат на фудбалскиот терен. Можеби затоа што тој терен го имаат измислено токму тие. Како и да е, Англија првпат во историјата на Европското првенство се наоѓа во финалето кое во недела ќе го игра против Италија. Европа која толку многу ја презираат, сега ја посакуваат повеќе од кога било порано.

Историјата на некој начин се повторува. Единствениот голем успех на англиската репрезентација, освојувањето на Светското првенство во 1966 година, беше заслуга на еден измамнички гол, односно, на непостоечки гол даден на домашен терен. Овојпат влезот во финалето беше заслуга на еден измислен пенал и добрата глума на Стерлинг во шеснаесетникот. И овојпат Англичаните играа на домашен терен, на ова Европско одиграа дури 7 од 8-те натпревари пред својата публика и таков ќе биде и финалниот епилог на Вембли во недела. Химната „It's coming home“ овојпат како да има некој свој космички императив кој ја наметнува ургентноста Англија да ја освои титулата која предолго им недостасува.

Чуден некој натпревар

Англичаните со време си го резервираа финалето на Европското првенство, претворајќи се на тој начин во „дом" на европскиот континент, кој го чувствуваат како страно тело, како странска земја изгубена во маглата. Издејствуваа од УЕФА епилогот на турнирот да се игра на митскиот „Вембли", комплетно реструктуриран, но во душата бесмртен и ја задржаа привилегијата да играат на домашен терен и покрај растот на Делта сојот.

Токму Италија, која ќе ја сретнат во финалето, се обиде да го премести седиштето на финалето, но претседателот на УЕФА, Чеферин, инаку пријател на англискиот премиер Џонсон, и непријател на италијанските клубови кои беа за Суперлигата, ќе одлучи во полза на Лондон. Чеферин ќе ги одбрани позициите на Англичаните, кои беа првите, во тие бурни денови на фудбалската шизма, да одлучат да ја напуштат идејата за Суперлигата и да се вратат во трлото кое е симбол на европскиот фудбал. И ете ги и понатаму, во срцето на европскиот фудбал, во срцето на нивната европска контрадикција.

Чуден некој натпревар игра Англија - од една страна против Европа, која беше сакана и од Черчил и од Лилибет и потоа напуштена, за сега токму фудбалска Европа да ги повлече Англичаните назад кон себе. Како да е тоа некаква нивна судбина, нивна Немеса, нивниот повик назад во шумата. Кој сега мисли на Брегзит, или на некаков егзит, кога Англичаните посакуваат само фудбалски ентер, по можност во голот на противникот со цел да ја освојат толку саканата и омразена Европа.

„Борис 10“ 

Но, фудбалот е сепак пред сѐ прашање на моќ, социјален лепак, бренд, носи и дава своја меѓународна тежина и се има претворено и во прашање на гордост за поддржувачите на Брегзитот. А нема поголем поддржувач на тоа историско бегство од Европа од актуелниот британски премиер Борис Џонсон, кој инаку никогаш не важел за голем фудбалски поддржувач. Овојпат е комплетно полуден по фудбалот и не пропушти да се појави на Вембли заедно со сопругата, облечен во белиот дрес на Англија, на кој пишува „Борис 10“, алудирајќи и на Даунинг стрит.

Џонсон не мисли само на финалето и ползата која Англија би ја имала од евентуалната победа. Откако политички помогна да се закопа идејата за Суперлигата, сега размислува и ја посакува организацијата на Светското првенство во 2030 година.

Други колумни од авторот:

100 години кинески комунизам– од селанска револуција до светска доминација

Десницата ги прегрна левичарските политики

Бајден и Путин - успешна мисија

Пред три дена шефот на УЕФА, Чеферин беше во посета на Даунинг стрит. Официјално, во куртоазна посета на премиерот на земјата домаќин на полуфиналето и финалетото на ЕУРО 2020. Во реалноста, посетата користеше да се збори за многу повеќе работи. Борис Џонсон, откако ги издржа нападите од италијанскиот премиер Марио Драги и германската канцеларка Меркел и ги задржа последните натпревари од Европското во Лондон и покрај подемот на Делта варијантата, сега го посакува и Светското во 2030 година. Според неговите планови, тоа би требало да се одржи во Обединетото Кралство и Ирска, со цел да се направи обид за повторување на успехот од 1966 година, но и да се поттикне некаква хармонија во Северна Ирска, особено по растечките тензии поврзани со Брегзитот.

Чеферин, кој инаку е клучен за прифаќање на евентуалната кандидатура, не делува дека се спротивставува на идејата, сосема напротив. Токму Џонсон, заедно со бунтот на англиските навивачи, беше клучен во можеби и дефинитивното уништување на Суперлигата, и за тоа шефот на УЕФА ќе му биде вечно благодарен, ако не и донекаде, должен.

Од тие причини британскиот премиер е полуден по фудбалот. Евентуалната победа на Европското од страна на Англија би преставувал мал реваншизам кон ЕУ, но и голем триумф за националната гордост, особено што победата би дошла на само неколку месеци од конкретизирање на договорот за Брегзит, толку посакуван од премиерот Џонсон.

Британија на прво место

Не случајно, токму поради излезот од ЕУ, Англија навестува сѐ построги правила и критериуми за странските фудбалери. Мотото е „Britain first“, каде привилигирани ќе бидат младите англиски играчи, како што и посакуваше Англиската фудбалска федерација (ФА), предводена од принцот Вилијам, со цел да ја направи уште посилна и онака фантастичната репрезентација предводена од Саутгејт.

Во иднина, европските играчи ќе бидат третирани исто како и секој друг странски играч и доколку сакаат да играат во Премиер лигата ќе мора да поминат низ еден имигрантски систем базиран на поени, сличен на „австралискиот“ модел (меѓународни присуства, квалитет и репутација на клубот од кој потекнува играчот, и слично). Големите англиски клупови веќе нема да можат да потпишат повеќе од тројца млади странци помеѓу 18 и 21 година во еден единствен трансфер период. Но, пред сѐ, ќе биде забрането да бидат потпишувани договори со малолетници кои не се Британци, како што некогаш беше случајот со Фабрегас и Погба.

Неочекуваниот, но и категоричен успех на англиската репрезентација, паралелно ги продлабочува, но може и да ги излекува историските рани, атавистичките чувства и новите социјални поделби во Англија, која се наоѓа во очаен обид да пронајде нова гравитациона точка после излезот од ЕУ, доминацијата на политичката десница и траумата од корона вирусот.

Помеѓу прогресивната репрезентација и националистичките гласачи

Финалето со Италија и исходот од тој натпревар силно ќе влијае на социјалните, политичките и економските поделби кои веќе постојат помеѓу националистичките сили и оние прогресивните во Англија. Самата репрезентација, предводена од Саутгејт, веќе се наметна како голема прогресивна сила во англиското општество, чиј авторитет сѐ повеќе излегува и надвор од фудбалскиот терен. Ова Европско беше исполнето со политички и општествени симболики, почнувајќи од антирасистичките кампањи на играчите, до залагање и поддршка на различностите и ЛГБТИ популацијата. Англиската репрезентација на тоа поле даде огромен поттик и придонес, додека Саутгејт се наметна со својот здрав и достоинствен патриотизам наспроти националистичките импулси на бројни англиски навивачи и политичари.

Затоа и самите политичари се внимателни да не се изложат премногу во поддршка на „прогресивната“ репрезентација, од страв тоа да не ги оддалечи од националистички и Брегзит-ориентираните гласачи. Но, во исто време англиската политиката не е слепа и глупава за да не разбере колкава е моќта на фудбалот и затоа Џонсон силно инвестира во англиската проекција кон меѓународниот фудбал. Целта е Обединетото Кралство да се престави како вистинскиот „дом на фудбалот“ или како што гласи и самата навивачка химна на Англичаните: „Football is coming home".

Прашањето кое останува за останатите земји од Европа, па дури и за англиските националисти е што доколку Англичаните навистина успеат да го освојот сребрениот трофеј, како ќе треба да ги именуваме? Како Европски шампион или можеби нешто друго?

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми