1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антикризните мерки го скршија ледот во Собрание

ДТЗ
25 март 2021

Власта и опозицијата најдоа компромисно решение за деблокада на законите од петтиот пакет антикризни мерки. Албанската опозиција ќе ги блокира законите со илјадници амандмани

Mazedonisches Parlament spricht Vertrauen aus
Фотографија: MIA

По повеќемесечна блокада на македонското Собрание, чијашто работа е отежната во екот на пандемијата, власта и опозицијата денеска постигнаа компромисно решение за деблокада на законите од петтиот пакет антикризни мерки. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, нема да закаже нова седница со четири точки, како што бараше опозицијата, но од дневниот ред на 36-та седница ќе бидат тргнати повеќето точки, освен оние за кои опозицијата најави дека ќе се обезбеди кворум. Станува збор за четири точки – една е за продолжувањето на кризната состојба на јужната и на северната граница, додека три точки се поврзани со  петтиот антикризен пакет за справување со економските последици од пандемијата. Тие ќе се гласаат по скратена постапка откако за нив ќе заврши расправата во матичните комисии.

До договор дојде за време на координацијата кај спикерот Талат Џафери, откако тој претходно ненадејно ја закажа 36. седница, иако за денеска беше предвидено да има само пратенички прашања. Пред да се гласа дневниот ред, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски оцени дека дијалогот очигледно дал резултат. Тој рече дека неговата пратеничка група се согласува да се одложат за друга седница точките што се предложени од опозицијата, меѓу кои се и интерпелациите за министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ, како и предлог-законот за поништување на Законот за попис.

-повеќе на темата: Многу опции во игра – ќе се најде ли решение за да се одблокира Собранието?

„Да останат овие 4 точки, да се закаже комисија за финансирање и буџет и да прекинеме со нашите игри со кои сме здодевни на македонската јавност. Очекувам поддршка од останатите пратеници“, изјави Мицевски.

Пратениците конкретно постигнаа договор за четири закони и тоа : Одлуката за продолжување на кризната состојба на границите, законите за финансиска поддршка на работодавачите, финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност и измените на Законот за данокот на личен доход.

„Благодарам на опозицијата што победи разумот, се врати во салата за да ги гласаме овие закони важни за граѓаните и за економијата“, порача пратеникот на СДСМ, Јован Митревски кој се заблагодари на опозицијата за постигнатиот договор.

Одговорноста е и кај власта и кај опозицијата

Постигнатиот договор го поздрави и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој порача дека парламентарната дебата останува во Собранието помеѓу пратеничките групи и претставниците на политичките партии и тука треба да продолжи и да се изнајде соодветно процедурално решение за продолжување на работата на Собранието.

-повеќе на темата: Опозициската блокада на парламентот е опасна за економијата

Тој денеска кратко пред почетокот на пленарната седница за пратенички прашања се сретна со премиерот Зоран Заев во обид да се изнајде решение за деблокирање на работата на Собранието, поради што се заглавени бројни закони, а последиците од нефункционалноста на законодавниот дом ја чувствуваат државата, граѓаните и економијата.

„Собранието е институција на граѓаните и е подеднаква обврска како на пратениците од власта, така и на пратениците од опозицијата. Со надеж дека ќе продолжиме со редовните и ад хок координации, мислам дека ќе ги најдеме потребните заеднички решенија во корист на граѓаните, за да продолжи со работа Собранието и да ги исполни барањата на граѓаните во контекст на кризата“, е ставот на собранискиот спикер.

Џафери ја отфрли опцијата Собранието да прогласи вонредна состојба како решение за надминување на блокадатаФотографија: DW

Џафери ја отфрли опцијата Собранието да прогласи вонредна состојба како решение за надминување на блокадата. „Парламентот сега не е распуштен, како што беше лани ова време, туку има 120 пратеници и може да се состане. Исто така, парламентарното мнозинство нема двотретинско мнозинство за прогласување вонредна состојба, а парламентот овој пат не може да биде прескокнат и таа обврска да ја преземе претседателот на државата“, изјави претходно Џафери.

Ваквата изјава следи откако премиерот Зоран Заев вчера најави дека во игра се сите варијанти за одблокирање на парламентот. „Од лидерска средба, координаторите на пратенички групи да најдат решение, до вонредна состојба, сѐ е во игра“, рече Заев, кој се надева дека блокадата на парламентот е од времен карактер, поради пратеници коишто се позитивни на Ковид-19.

Блокада со амандмани

Но, проблемите околу работата на Собранието се далеку од разрешница. Албанската опозиција не се откажува и најавува блокада со поднесување на бројни амандмани. Според координаторот на пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Скендер Реџепи, пратениците веќе ги потпишуваат амандманите кои што ќе бидат над 3.000. 

-повеќе на темата: Опозицијата со 3.000 амандмани го блокираше предлогот за онлајн Собрание

„За нас е неприфатливо и ние подготвивме методологија за блокада на секоја комисија, вклучувајќи ја и  комисијата за финансии и буџет, за да сфатат сите граѓани дека Владата не смее да ги дискриминира граѓаните, на тие кои се добри, достапни за гласови и тие граѓани кои немаат можност да им помогнат и затоа не сакаат да им помогнат преку Законот за државјанство, бидејќи немаат интерес од нив“, изјави Реџепи.

Во однос на блокадата на албанската опозиција, Билал Касами од Движење Беса оцени дека тоа го прават за добивање на политички поени. „Сите коалициски партнери во ова Влада се согласивме и работиме интензивно за наоѓање на практично решение која ќе биде согласно Конвенцијата на ОН за редуцирање на граѓаните без државјанство и Европската конвенција“, вели Касами.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми