1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антиракетниот штит – одбрана или закана?

Розалија Романиец/Роберт Шварц/З.Ј.14 мај 2016

Во Полска е поставeн камен-темелник за натамошна база за антиракетниот систем на САД. Неговата изградба се одолговлекува од 2007. година. Пред самитот на НАТО проектот добива поголемо значење отколку што заслужува.

Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Долга колона од темни лимузини вчера (13.05.2016) се нареди на една ливада на северот на Полска. Полскиот претседател Анжеј Дуда лично ги поздрави странските гости од војнички ранг, кои на полето кај Слупск присуствуваа на полагање камен-темелник за ракетна постројка на НАТО под американско водство. Досега таму стои само ограда која чини 10 милиони евра.

Протести на локалното население

Оградата ги штитеше од надворешниот свет и високите по ранг делегации. Само на портата гостите од САД, Романија и Шпанија се осведочуваа дека не се радуваат сите мештани за светското значење на ливадата во Померанија. Неколку стотици луѓе протестираа против стационирањето на ракетниот систем во нивниот регион – првенствено оти се чувствуваат измамени во врска со обесштетувањето.

Антиракетниот одбранбен систем се гради на само 3,5 километри оддалеченост од градското собрание. „За нас ова е речиси катастрофа“, вели Роберт Биедроњ, кој од пред една година е градоначалник на Слупск, град со околу 90 000 жители. „Во круг со радиус од 15 километри веќе не смее ништо да се гради без дозвола од американскиот Стејт департмент“, се жали тој. „Не смееме да градиме дури ни една производствена хала“. Така ракетниот систем фактички покажува застрашувачко дејство уште пред да биде граден, „првенствено за инвеститорите“, вели тој. Граѓаните се чувствуваат разочарани и измамени, оти и покрај ветувањата не стигна обесштетување, вели градоначалникот.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во ДевеселуФотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Мини-чадор со големо дејство
Но, големата политика нема обѕири за такви проблеми. Изградбата на антиракетниот штит е во полн ек. Покрај Полска, кон системот припаѓа и една постројка во Девеселу на југот на Романија. Таа е подготвена за дејство од крајот на минатата година и во четвртокот официјално беше ставена во употреба. Системот е „значајно засилување“ на капацитетите на сојузниците за ракетна одбрана, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на свеченото отворање во Романија.

Обете постројки во Источна Европа се дел од одбранбениот систем Аегис, кој се гради од пред една деценија и треба да ги штити европските партнери од ракетен напад од Блискиот и Среден Исток. Во антиракетниот штит, покрај двете мали бази во Полска и Романија, спаѓаат и една голема радарска станица во Турција и четири американски воени бродови опремени со одбранбени ракети, стационирани на југот на Шпанија. Командниот центар се наоѓа во Германија, во американската воздухопловна база Рамштајн. На самитот на НАТО на почетокот на јули во Варшава системот треба да биде ставен под надлежност на Алијансата.
Идејата датира од 2007. година. Тогашниот претседател на САД Џорџ Буш (помладиот – н.з.) најави изградба на антиракетен одбранбен систем во Источна Европа, со што ја налути Москва. Кога Барак Обама стана претседател, привремено го замрзна проектот, што пак ги иритира Источноевропејците. „Обама со тоа ѝ излезе во пресрет на Москва за да ги подобри односите“, вели Густав Гресел од меѓународната тинк-тенк организација „Европски совет за надворешни односи“ во Берлин. „Наместо првобитно од Буш планираниот американски одбранбен штит, со поголем дострел и поголеми ракети, Обама се реши за значително послаба варијанта“.

Русија се чувствува загрозена

Но, тоа не помогна многу. Неколку недели пред симболичниот самит на НАТО во Варшава, системот повторно стана предмет на големата политика. Русија се чувствува провоцирана од тоа и зборува за закана за сопствената безбедност. Конечно, од постројката можат да бидат истрелани и крстосувачки ракети и таа претставува опасност за стратегиската рамнотежа, аргументира руското министерство за надворешни работи.
„Системот има превенствено симболично значење“, смета напротив Рајнер Арнолд, претставник за одбранбена политика на фракцијата на СПД во Бундестагот. Како некои воени експерти, и тој дури се сомнева во ефикасноста на системот. Арнолд нагласи дека сепак мнозинство од партнерите во НАТО се искажало за изградба на одбранбениот чадор оти била многу важна сплотеноста во НАТО. „Ние мораме заеднички да постапуваме и поради тоа мораме да правиме и компромиси“. Кога во НАТО би настанал раскол, Путин би ја постигнал целта, но ситуацијата не е таква, вели Арнолд.

Москва е разлутена поради антиракетниот одбранбен систем во Источна ЕвропаФотографија: Reuters/M. Shemetov

Се` е само пропаганда“

Мислењата на експертите се поделени. Рускиот став не е ништо повеќе од пропаганда, смета одбранбениот експерт Густав Гресел од Берлин. „Обидот на Обама попозитивно да ја наштимува Русија пропадна, оти од внатрешнополитички причини нејзе ѝ се потребни НАТО и Америка како омразен непријател“.
И романскиот политиколог Раду Магдин смета дека жестоката реакција од Москва се должи повеќе на симболичното отколку на „воено се` уште недокажаното значење на антиракетниот одбранбен систем. Москва е лута оти јасно ја губи битката за геополитичка доминација во Источна Европа“.
Волфганг Рихтер од фондацијата „Наука и политика“ напротив инсистира дека „проектот треба да биде кооперативно поставен“ и не би требало да биде сфатен како закана за Русија.

Од каде паѓаат ракети?
Поставувањето камен-темелник кај Слупск спроти самитот на НАТО сепак е многу важен сигнал за владите во Источна Европа. За Варшава тоа и внатрешнополитички игра голема улога. Кога се зголемува безбедноста на земјата, може да се прескокнат детали. Дури и такви дека, според една неодамна објавена студија, градењето на американскиот одбранбен систем во Померанија ќе го чини околниот регион речиси три милијарди евра – поради загубените површини, изостанувањето на инвестиции и приходи, како и затоа што луѓето и стопанството ќе се отселат од таму.
Но, на вчерашната свеченост тоа не играше улога. Можеби и поради тоа не беа ни поканети функционерите од регионот. „Дури откако за тоа пишуваше во печатот дојден еден во униформа во Градското собрание и донесе неколку покани“, вели градоначалникот Биедроњ. Тој најави присуство на свеченоста за да можел таму да побара првенстено подобра политика на информирање. „Луѓето во Слупск толку малку знаат за тоа, што всушност се случува овде, што многумина веќе прашуваат дали во иднина лансираните ракети ним исто така од небо ќе им паднат врз глава?“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми