Анти-Стабилократска Еволуција
22 март 2018Вчера, речиси во исто време во Скопје се одвиваа три навидум неповрзани настани во радиус не поголем од 3 километри. Првиот, најголемиот пост-шаренашки протест против правосудството во земјата и во помен на Алмир. Вториот, прес-конференција на СЈО со обзнанување "шокантни нови сознанија”. Третиот, најинтересниот и необјавениот настан се одвиваше во луксузен ресторан во градскиот парк во кој Али Амети ги собрал амбасадорите на ЕУ и НАТО на службен ручек. Со исклучок на првиот како сосема спонтан настан, вториот и третиот настан се во јасна корелација диктирана од севзаемната нетрпеливост во владината коалиција. Исто така, за разлика од граѓанската природа на протестот, останатите настани се првопролетните кокичиња на предизборна кампања на големата тројка. Единствената непознаница во вториот и третиот настан е дали ручекот на Али со амбасадорите бил за ублажување на ударот од „независните обвинителки” или пак обратно, дали коалиционите партнери почувствувале љубомора за алтер-премиерштината на Али и наумил да му ја забибери, пресоли и загорчи закуската.
Каков и да е редоследот, настаните кои се одвиваат го потврдуваат очекуваното бурно пред-летие. Според непишаните правила од последните неколку години, предноста во политичката борба е кај оној кој со своите настапи ќе наметне ритам, теми и тензии кои ќе ја обележат политичката борба во првата половина на годината. Оваа година, таа предност е во нозете на ВМРО-ДПМНЕ и рацете на ДУИ, кои дали синхронизирано или не, успешно ја исполнија празнината подадена на тацна од сѐ уште врз ловорики заспаните сдсмовци.
Ново жариште на ривалството
Таков е барем впечатокот заснован врз медиумските покривања. Впечатоците, сепак, колку и да се убедливи, не се секогаш и веродостојни. Вревливоста на ВМРО е неспоредливо попродорна низ булеварите на главниот град, но прашање е дали е тоа случај и низ Источна Македонија како ново жариште на ривалство помеѓу СДСМ и ВМРО, при што партијата на Заев е во растечка предност. Аргументите во полза на таквата опсервација се базираат првично врз подемот на лоби групите од истокот во новата власт, заситеноста на тамошните луѓе од досегашните политиките на страв, фобии и тензија. Клучниот аргумент е сепак самата одлука на Мицковски својата кампања да ја започне токму од источна Македонија, како рефлекс на тивката кампања на конкурентски промоции, врбувања, вработувања и инвестиции низ досегашниот бастион на ВМРО.
Претходни колумни на авторот:
И тоа не е единствената нелагодност за ВМРО и нејзиниот нов претседател кој однапред абдицираше од лидерска позиција. Поплаките за третманот на неговата партија (дури и доколку се оправдани) звучат неуверливо и патетично се додека некој од власта од чиста пакост сруши некоја зграда на вмровски близок стопанственик, не легне некој екс-функционер на асфалт и пред камери му збутаат пиштол во уста, направи список со лица определени за летање во ендек и проколнат или се заканат на невини деца на опозиционери или про-опозициски настроени јавни лица. Пренагласената игра на Мицковски врз предизвикување емоции не е само преурането поради се уште силните емотивни сеќавања на модусите на владеење на ВМРО, туку и навестуваат дека новиот претседател и нема некоја нова доктрина на делување со која би направил отклон од претходникот. И тоа е моментот во кој „итроменецот селски од Муртино” го има надмудрено на сосема неочекуван начин. Имено, објавувањето и ослободувањето на случајот Сопот е помалку ориентиран кон враќање на довербата на Албанците во СДСМ, колку што е преседан, досега невиден во Македонија, во кој партијата на власт објавува афера во чие создавање има самата земено учество. За мотивите во позадина на таквиот потег може да се дебатира, но природата на самиот преседан е директен предизвик до Мицковски да парира на таквиот однос на Заев преку докажување на лидерство во неговата партија, т.е. во ВМРО и кон злоделата на Груевски и Мијалков. Дотогаш, сите поплаки на ВМРО кон СДСМ се можеби аргументирани, можеби реални, но во недостаток на конкретна авто-критичност се однапред осудени на баналност и пропагандистичка предвидливост. Решителноста и храброста за оштар и конкретен рез помеѓу него и Груевски останува и понатаму реката Стикс која го дели Мицковски помеѓу подземјето на Груевизмот и излезот кон светлото.
Реалната моќ на СДСМ?
Со оглед на кажаното, апсурдот на дебаклот во најава на СДСМ е во тоа што тој не е детерминиран од логиката на ВМРО, колку од арогантната, препотентна, буржујска, интелектуално атрофирана и духовно тапа природа на СДСМ. Едноставно – безнадежен случај за кој едноставно нема лек. Помамата на заевистите да се покажат како џекови на секој занает, на крај во очите на јавноста ги разоткри како мајстори за апсолутно ништо. И на крај ги доведе во ситуација во која е сосема легитимно прашањето дали славата на Заев е поголема од реалната моќ на СДСМ?
Дилемата се наметнува како нужда и последица од засега недоволно опсервираниот феномен на медиумска галама, диктирана од поранешни членови и функционри на СДСМ, посебно од скопскиот регион, чиј молк, предизвикан од чекањето на враќањето на Црвенковски, на крај прерасна во стихијска врева против Заев, исполнета со наврат-нанос скроени и закрпени флоскули од носталгичните деведесети. Во таа весела шарена братија на осветољубиви професор(к)и, кецарошки правнички, гилиптер-бизнисмени, фри-шоп- експертки и полициски дунстери ќе слушнете се што ви лежи на душа, но ништо што ќе ве убеди дека можат да опстојат заедно подолго отколку Села во Здравство. Занесени во социјал-мрежна фиктивна популарност, судбината на оваа братија е однапред запечатена од самиот факт што нивната понуда е лимитирана на рушење на ВМРО и СДСМ, но без блага идеја со што ќе се заменат. Во земја во која сеќавањата за срамната манипулација со граѓанската шарена револуција сѐ се уште болни и горки, граѓаните немаат ниту гушт за десничарско-болшевички-путинистичко-лудистички имитации со гарантирано идентичен епилог.
Од другата страна на етничката тараба, масовноста на протестите за Алмир ја потврдува константата на анти-ДУИ расположение кое опстои со несмален интензитет кај Албанците и покрај пишман изјавите на Мицковски за Ахмети де како учител, де како насилник. Но за разлика од минатото во кое Заев се перцепираше како можен камшик за Ахмети, сегашноста ја снеможува спремноста за давање втора шанса на СДСМ. Обидите на Заев и СДСМ да ја ослабат ДУИ преку СЈО, медиуми и оркестрирани кампањи се и ќе останат без поголем ефект. Се додека Заев не увиди дека било кој напад врз ДУИ е однапред осуден на неуспех доколку првично не се справи со ДУИ-стите пребегани во неговата партија. Обидите за вметнување прочистени ДУИ-сти како "стручни лица” или реприза на промоција на нови инстант пратеници дополнително ја подвлекуаат убеденоста кај Албанците дека Заев не сака да ги казни, туку само да ги превземе истите ликови од ДУИ.
Сето погоре наведено е во функција на илустрирање на новиот пост-институционален политички циклус во кој Македонија полека навлегува. Ерозијата на доверба во политичките партии како фактор на промени, заситеноста од ветувањата за ЕУ и НАТО како спас и надеж, растечката самодоверба на новата средна класа кај Албанците, епидемијата на песимизам за иднината на поединецот и општеството се делчиња од мозаикот на различни фактори на скептицизмот, кои и покрај сите меѓусебни контрадикторности споделуваат една заедничка нишка на заситеност од статус-кво и спремност за разбивање на воспоставената традиционална фото-синтеза на политичко дејствување или организирање.
Манипулациите на Тимоние
Состојба која, контекстуално кажано, е современа анти-стабилократска еволуција како надежно понапредна форма на протест од злогласната анти-бирократска револуција на крајот на СФРЈ. Впрочем, како анти-бирократската, така и сегашната анти-стабилократска еволуција се случуваат како локални реперкусии на надворешните гео-политички поместувања и промени, во случајот крахот на ЕУ во регионот. Но искуството од деведесетите треба да послужи како алармантно предупредување за "конструктивните” обиди за контролирано усмерување на таквите еволуции, кои поради тесно-национални интереси можат да завршат во непријатни револуции. Примерот со францускиот амбасадор Тимоние и обидот, на грбот на законот за јазиците да им се умилка на Македонците поради подршката на Франција кон Грција во спорот за името е илустрација за последиците од манипулациите со европските стандарди. Иако дипломатски плитка и провидна, изјавата на Тимоние е далекусежно поразорна за внатрешната кохезија на земјата отколку веќе добро познатите закани на Русија за нашето членство во НАТО.
Духот на анти-стабилократијата кој се уште опстојува е солидна подлога врз која може да се изнесе процесот на замена на излитените политички, медиумски и образовни елити. Но обидите за некаква реприза на лажен, платенички и корумпиран модернизам како "шарената револуција” нема да означи само крах на надежите на надминување на стабилократијата како неминовност, туку неминовно и безусловно ќе води кон реставрација на уште потврда политичка автократија и елитно безаконие во име на мирот и безбедноста, по која Македонија додуша ќе продолжи да постои како земја, но не и како држава.