Аплаузи за Меркел - ЦДУ го поддржува курсот на канцеларката
15 ноември 2011На крајот за мнозинството беше повеќе од јасно - Ангела Меркел го доби партиското ДА за нејзиниот европски курс. Христијанско-демократската унија претходно со часови дискутираше, а канцеларката невообичаено патетично ги убедуваше делегатите: „Оваа Европа е судбинска заедница во глобалниот свет. Затоа време е за дејствување, време е за чекор напред. Дома треба да се направи она што е неопходно, а во Европа заеднички треба да ги браниме вредностите кои ни‘ се важни.“
Барањата на Меркел гласат: поголема европска одговорност, поголема контрола на одделните државни буџети, данок на финансиски трансакции во еврозоната. Европа мора да ја сфати кризата како одлука за пресврт. На крајот следуваа овации. Само малкумина се осмелија да противречат, како на пример околу се‘ поголемиот чадор за спас: „Во меѓувреме имаме земји чии буџети ги финансираме, а тоа е спротивно од она што го ветивме“, рече Клаус-Петер Вилш, пратеник на ЦДУ во Бундестагот.
„Да“ за воведување минимална плата, „не“ за атомска енергија - некои во ЦДУ би сакале да променат дел од корекциите на партиските курс, но дали така партијата би имала иднина, е прашање.
Ангела Меркел успеа да ја поведе партијата на нов пат. Речиси и немаше противници на заложбата за минимална плата, одвај дека имаше аплауз за критичарите на европскиот курс. Партијата ја зајакнува позицијата на својот лидер и ги средува своите редови. Тоа, според калкулациите, во тешки времиња би наишло на добар одзив кај избирачите.
Прилогот можете да го погледнете и како Видео на денот!
Автор: Алекс Менц / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска