1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заплашување или обид за радикализација на протестите?

Б. Георгиевски25 април 2016

Апсењето на еден од лидерите на партијата „Левица“ Здравко Савески предизвика бурни реакции во јавноста. Од неговата партија сметаат дека се прави обид за заплашување. Чавков деновиве веќе го најави потегот.

Фотографија: DW/K. Delimitov

Неколку дена откако заменикот-министер за внатрешни работи Митко Чавков најави дека полицијата подготвува кривични и прекршочки пријави против „вандалско и хулиганско однесување“, утрово бил уапсен еден од лидерите на партијата Левица и поранешен факултетски професор, Здравко Савески.

Од неговата партија експресно реагираа со прес-конференција на која оценија дека целта на апсењето е да се задушат протестите чиј редовен учесник беше и Савески.

За Анастас Вангели, докторанд по општествени науки и поддржувач на протестите, апсењето на Савески е уште еден показател за „хаос и паника кај режимот“.

„Сметам дека како што режимот запаѓа во хаос и паника под притисок на протестите, со себе надолу го повлекува цело општество, и затоа сега се апсат демонстрантите“, вели Вангели.

Савески утрово бил повикан на информативен разговор во Полициската станица во скопската населба Кисела Вода, по што е приведен и одведен пред јавен обвинител и судија во предистражна постапка, со барање за определување на мерка притвор.

Од Левица бараат од МВР повеќе да не се процесуираат кривични пријави против демонстрантите се додека не заврши политичката криза, Јавното обвинителство да не отвора предмети по овие случаи, а од судовите да не одредуваат притвор.

Кому му одговара радикализација?

Заменик-министерот Чавков, во изјава за Канал 5 викендот рече дека нема да дозволи „да влеземе во нивното сценарио, нема да влеземе во крваво сценарио, ние и понатаму ќе трпиме и ќе одговараме соодветно на секое хулиганско однесување“.

Кому му одговара радикализација на протестите?Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Според првичните реакции по апсењето на Савески, проценките одат спротивно на она што јавно го прокламираше Чавков.

Од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов попладнево оценија дека заплашувањето со најава за притвор на учесници во протестите, „дополнително ќе ги заострат состојбите и тие можат дa ескалираат со посериозни нарушувања на јавниот ред“.

Невладината „Цивил“ побара итно ослободување на сите уапсени од страна на полицијата. Според информациите, на информативен разговор поканети се уште најмалку тројца членови на раководството на Левица.

Според Вангели, фактот што на мета на полицијата се членови на партијата Левица и нејзините раководни органи, „докажува дека се работи за вистинска корумпирана полициска држава која со своите противници се справува единствено со (зло)употреба на брутална сила“.

Тој смета дека можната радикализација по апсењето на Савески и други членови на Левица, „ќе помогне во исполнувањето на целите“.

„За разлика од лани, народот веќе нема да дозволи иднината да се крои на преговарачка маса“, проценува Вангели.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми