1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арапите, муслиманите и предизборната кампања во САД

Ала Јума/Керстен Книп/Зоран Јордановски22 јуни 2016

Предизборната кампања во САД се следи со внимание во арапскиот свет. Трамп или Клинтон? Се оценува дека промената на владата ќе има последици врз арапско-американските односи.

Фотографија: Getty Images/AFP/E. Munoz Alvarez/S. Platt

Масакрот во Орландо, во американската сојузна држава Флорида, со 49 жртви, влијае и врз американската предизборна кампања. Убиецот, Американецот со авганистанско потекло Омар Матин, масакрира хомосексуалци, но се декларира и како приврзаник на терористичката организација Исламска држава(ИД).

Во изминатите недели Демократите беа уверени дека нивниот кандидат Хилари Клинтон би можела да победи на претседателските избори, но под предуслов да не се случи ништо драматично, што би можел да го искористи републиканскиот противкандидат Доналд Трамп. Масакрот од Орландо беше токму такво нешто. Во фокусот е еден муслиман. Затоа арапски политиколози се занимаваат со прашањето како би можел исходот од изборите да влијае врз Блискиот Исток.

Надежите се врзуваат за Клинтон

Најголем дел од Арапите не беа особено среќни со американската политика во изминатите години. Тие сметаа дека претседателот Обама се држеше премногу на дистанца во однос на проблемите во регионот, првенствено во однос на војната во Сирија, во која тој речиси не сакаше ни да се вмеша.

Египќанецот Мохамед Елменшеви, аналитичар и директор на телевизијата Ал-Араби во Вашингтон, во разговор за ДВ вели дека таа политичко-стратегиска воздржаност ќе се промени по изборите. Ако победи Хилари Клинтон, таа ќе води поинаква политика во однос на Сирија отколку Барак Обама. “Таа порешително ќе им пристапи на некои работи”, вели Елменшеви, кој очекува дека Хилари Клинтон нема толку да се колеба да ги вооружи умерените бунтовници.

Но, тој сепак не очекува темелна промена на курсот, туку само поинаку поставени акценти, оти “во моментов нема интереси за САД кои би оправдале интервенција во таа војна”.

Трамп - загатка

За арапските аналитичари е многу потешко да претскажат каква блискоисточна политика би водел Доналд Трамп како претседател на САД. Неговите изјави во предизборната кампања се противречни, поради што е тешко да се извлече заклучок за неговиот иден политички курс.

Но, можат да се најдат појдовни точки. Така, за телевизијата НБЦ (еН-Би-Си) Трамп оцени дека соборување на сирискиот претседател Асад, за што се залагаат западните држави, само би го засилило хаосот во регионот: “Ние предизвикавме хаос во Либија и во Ирак. Ако падне Асад, и Сирија ќе тргне во таа насока”, рече Трамп. Освен тоа, тој најави дека би ги протерал од земјата сириските бегалци, доколку победи на изборите.

Фотографија: Reuters/A. Ismail

Трамп го критикуваше и повлекувањето на трупите на САД од Ирак, без да бидат обезбедени наоѓалиштата на нафта. Затоа, според него, сега нафтата директно оди кај Иран и ИД. “ИД има многу пари оти има многу нафта – и дека ние едноставно сме премногу наивни”, го цитира Трамп една француска новинска агенција.

Се чекаат јасни сигнали

И државите од Заливот, како и другите арапски држави, се надеваат на победа на Клинтон. Во нејзин прилог, според Абдулкалед Абдула, политиколог од Дубаи, зборуваат големото надворешнополитичко искуство и јасните ставови – независно до тоа дали си согласен со нив или не. Во тоа Клинтон и се разликува од Трамп, вели Абдула.

Абдула укажува дека Обама во надворешната политика често пати исклучуваше воена опција и во односот кон досегашните противници како Иран и Куба акцент ставаше врз реформи. Истовремено се оддалечи од старите пријатели на САД. Затоа, заклучува Абдула, сигурно е дека идниот претседател, се` едно кој и да победи на изборите, во секој случај ќе води појасно акцентирана надворешна политика отколку Барак Обама. Тоа, пак, ќе придонесе повторно да се подобри усогласувањето меѓу Вашингтон и арапските влади.

И Мохамед Елменшеви смета дека американско-арапските односи повторно ќе се подобрат. САД со години испорачуваа оружје во регионот на Заливот – тоа ќе остане така и во иднина.

Односот кон Израел ќе остане непроменет

Арапските експерти сметаат дека сходот на изборите ќе нема поголемо влијание врз американско-израелските односи. Досега сите влади на САД го нагласуваа пријателството кон Израел, а тоа нема да се промени ни по изборите, смета Абдула. Ако победи Трамп, Елменшеви очекува поостер став спрема Палестинците.

Хилари Клинтон зјави дека верува во решението со две држави и истовремено го нагласи пријателството спрема Израел. “Ќе биде тешко да се дојде до траен мировен договор меѓу Израел и Палестина”, изјави таа во февруари годинава.

Политикологот Еменшеви оценува дека односите меѓу Клинтон и израелскиот премиер Нетанјаху не се добри и ќе биде тешко да се постигне политички напредок, со оглед на десните струења во израелската влада и именувањето на националистот Авигдор Либерман за министер за надворешни работи. Елменшеви претпоставува дека во случај на победа, Хилари Клинтон можеби ќе чека додека во израелската влада повторно дојдат повеќе политичари од умерениот центар. Тоа би ѝ овозможило таа да се ангажира ако посредник.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми