„Арапската крв е многу евтина“
31 јули 2014„На најостар начин го осудувам сериозното прекршување на меѓународното право од страна на израелската армија“- со вакви јасни зборови на јавноста вчера и‘ се обрати Пјер Крехенил, генералниот секретар на УНРВА (Хуманитарна организација на ОН за палестински бегалци). Претходната вечер израелската авијација го бомбардираше основното женско училиште на ОН - Џабалиа, во кое беа засолнати 3.300 бегалци.
„Минатата ноќ беа убиени деца кои спиеја покрај нивните родители на подот во училниците, во училиштето кое официјално е простор на ОН. Тоа беа луѓе од кои израелската армија побара да ги напуштат своите домови“, истакна Крехенбил.
Меѓу жртвите имаше жени и деца, како и еден соработник на ОН, кој работел како стражар во училиштето. „На израелската војска неколку часа пред нападот и‘ беше сооопштена точната локација на училиштето, како и фактот дека таму масовно беа сместени бегалци“, подвлекува Крехенбил.
Не постои никаква сигурност
Риад Отман, кој работи како раководител на бирото на хуманитарната организација Медико интернешнл во Рамала и е во постојан контакт со партнерите во Појасот Газа, смета дека во меѓувреме не постои ниедно безбедно засолниште:
„Не можам да си замислам ниедна цел која Израел потенцијално не би ја нападнал, со исклучок на Главното биро на УНРВА во Газа и хотелите на плажата за кои е јасно - во нив има многу странци.“
Животот на еден Палестинец, за жал и од аспект на медиумите, не вреди многу.
„Тоа е токму она што постојано го истакнуваат нашите палестински партнери: арапската крв е многу евтина“.
На одговорните политичари во Израел им е многу јасно дека сликите на бомбардирани училишта не се добро примени во странство, но...: „Што мисли јавноста во Европа за израелската влада може да биде сеедно се‘ дотогаш додека европските политичари не преземаат никакви консеквенции поради јавното мислење“. А тоа е најчесто случај.
Прекинато снабдување
Болниците во Газа во меѓувреме се безнадежно преполни поради големиот број ранети. Тоа значи дека многу пациенти мора да бидат отпуштени од болницата пребрзо по извршените хируршки интервенции, ампутации и слично.
Во огромен проблем, покрај опасноста од вооружените напади, се претвори и уништената инфраструктура, која и претходно беше во лоша ситуација.
„Откако беше уништена единствената електроцентрала во Газа, во голем дел од Појасот Газа веќе нема електрична енергија, а во градот Газа има само по два часа на ден“, вели Отман.
Тоа им причинува тешкотии првенствено на болниците, а го отежнува и водоснабдувањето, затоа што пумпите не можат да работат. Токму во масовните скривници и сместувалишта се заканува избувнување на болести:
„Постои акутна опасност од зарази. Кога нема вода, човек не може ни да се мие. Се множат вошки, се закануваат епидемии“.
И соработниците на хуманитарните организации во опасност
Додека во другите земји во кои владее војна доаѓа до големи бегалски бранови кон соседните држави, луѓето во Газа се затворени во својата земја. Истото важи и за локалните хуманитарни работници кои се обидуваат да ги намалат страдањата на луѓето.
„Тие делумно се обидуваат да се заштитат на тој начин, што токму во ваква ситуација, прават напори за конструирање нормалност, а во тоа спаѓа и работното секојдневие“, истакнува Отман. Против постојаниот страв од ракета која може да ја урне куќата, помага само одвлекување на вниманието:
„Дури и само поради тоа човек да не полуди“, резигнирано заклучува Отман.