1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арапскиот свет во рикверц

Рајнер Золих / Превод: Е.М.Фиданоска16 ноември 2014

Повеќето владетели во регионот профитираат од теророт, насилството и нестабилноста и со тоа го затвораат патот за неоподните реформи, оценува Рајнер Золих.

Фотографија: AP

Кога арапскиот свет пред три години беше зафатен со бран протести, најслушана парола беше: „Народот сака да го собори режимот!“ Тоа беше најмалиот заеднички именител. На многу демонстрации во Каиро, Дамаск или Бенгази имаше и конкретни барања за човечко достоинство, правда, учество во општествените текови и ставање крај на експлоатацијата. Но како на протестните движења, така и на режимите им недостигаше јасна, голема визија која врзува. Се‘ беше концентрирано околу прашањето на власт - луѓето сакаат да ги соборат режимите, а режимите ги вложуваа сите сили за да останат на власт.

Неконечниот резултат од овој процес е поразителен. Преживеаја речиси сите режими. А онаму каде што мораа да направат отстапки, состојбата на луѓето речиси без исклучок стана уште полоша. Не само што големи делови на Сирија и Ирак се преплавени од терор и се соочени со закана од распад, туку и Либија и Јемен се во опасност од распаѓање како последица на внатрешните конфликти и теророт. Исламска држава (ИД), Ал Каеда и други терористички групи се чинат посилни и поопасни од кога и да е и немаат проблеми со регрутирање подмладок. Најсуровите форми на насилство и понижување се практикуваат без стеснување и преку Твитер и Јутјуб се инсценираат пред светот како перверзен гест на триумф.

Границите исчезнуваат

Државните граници, кои некогаш биле повлечени од страна на колонијалните сили без земање предвид на локалните владеачки структури и прашањето на лојалност, во момемнтов се на диспозиција. Политиколозите дебатираат веќе околу тоа дали Ирак и Сирија во сегашниот момент воопшто може да се опишат како „држави“. Големи делови од нивната територија се под контрола на џихадистите или други групи, а на дневен ред повторно е и барањето за курдска држава. Крајот е целосно неизвесен.

Рајнер Золих, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

Арапскиот свет е во рикверц. Ако се фрли поглед врз политичката карта, може да се согледаат во суштина две тенденции: прво, држави во кои владее терор, војна и распаѓање и второ, диктатури кои спроведуваат репресија повеќе од кога и да е, како Египет или повеќето Заливски држави.

Тоа ја оживува повторно лошата предрасуда дека арапските народи „не се зрели“ за демократија и дека нивниот конфликтен регион можат да го држат „под контрола“ само со железна тупаница. Аргумент, со кој поранешните деспоти како Хосни Мубарак или Моамер ел-Гадафи порано ја цементираа својата власт, често со премолчена западна согласност.

Неспособни за демократија?

Ваквиот „аргумент“ е арогантен и расистички. Сепак, вистина е дека поради закоравените владеачки и општествени системи во големи делови на арапскиот свет навистина владеат многу неповолни предуслови за демократизација и модернизација. Во многу делови речиси нема среден слој кој во Европа и другите ргеиони во светот е често мотор на општествените промени. Арапските образовни системи се апсолутно недоволни и во безнадежно лоша состојба, дури и во богатите Заливски држави. А, непрекинато големиот пораст на населението во комбинација со недоволните економски реформи оставаат простор за очекување дека во многу земји и во иднина ќе има многу фрустрирани млади луѓе без рбаота и без перспектива. Со религијата и етничката припадност во ваква клима многу лесно може да се манипулира со цел луѓето да се радикализираат и да се насочат едни против други.

Од тоа профитираат не само екстремистите и терористите, туки и авторитарните арапски владетели. Ним теророт и насилството им се неопходни за легитимизација на сопственото владеење и, како на пример Сирија или Заливските држави, не ретко учествуваат во создавањето на истите. Забрзаниот пад на арапскиот свет затоа не се должи на луѓето и нивната племенска припадност или верска определба. Главниот проблем на регионот лежи во недоволната реформска волја на оние кои таму владеат со децении. Само мал број земји, како Тунис и со многу исклучоци и Мароко, преземаат сериозни реформски напори. Повеќето кралеви, емири и преку фалсификувани избори „легитимно“ избрани претседатели, наспроти тоа цврсто се држат до своите преживеани владеачки структури. Тие ги угнетуваат не само исламистите, туку и либералните и демократските сили. Со тоа неизбежно продуцираат ново незадоволство, ново насилство и нова нестабилност. Затоа, наредниот бран арапски протести е можеби само прашање на време. И треба да се стравува дека по којзнае кој пат тој бран нема да донесе „пролет“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми