1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Армијата ја презеде власта во Зимбабве

ЖА / агенции
15 ноември 2017

Војската во Зимбабве тврди дека не извршила пуч, туку привремено ја презела власта за да се справи со криминалците околу претседателот. По речиси 40 години, се чини дека е завршена ерата на Роберт Мугабе.

Simbabwe Generalmajor Sibusiso Moyo
Фотографија: Reuters/ZBC

Армијата на Зимбабве, според сопствени наводи, ја презела власта во земјата, но нејзината цел е справување со „криминалците“ во непосредното опкружување на претседателот Роберт Мугабе, изјави генерал-мајорот Мојо денеска на државната телевизија. 93-годишниот претседател и неговото семејство се на безбедно место и се живи и здрави, тврди генерал-мајорот. Во Хараре, главниот град на Зимбабве, сите пристапни патишта кон најважните институции се блокирани од војници и оклопни возила. Пред зградата на парламентот се наоѓаат тенкови, а низ улиците патролираат војници.

Војската ја презеде власта во ЗимбабвеФотографија: Reuters/P. Bulawayo

Војската ги обвинува „криминалците“ околу Мугабе за социјалната и економската беда во земјата, нејзина намера е тие да бидат изведени пред суд. „Во моментот на завршувањето на нашата мисија, очекуваме состојбата да се врати во нормалност“, изјави армиски претставник.

САД ја затворија својата амбасада во Зимбабве, а на своите граѓани, поради несигурната ситуација во земјата,  им советуваа да останат во домовите. И Велика Британија предупреди на претпазливост.

Активисти за човекови права и соработници тврдат дека војската ја запоседнала и државната телевизија. Очевидци јавуваат за три силни експлозии во центарот на Хараре.

Пртседателот Роберт Мугабе и неговата сопруга Грејс, архивска снимкаФотографија: Getty Images/AFP/J. Njikizana

Ситауцијата во Зимбабве ескалираше откако армискиот шеф, Константино Чивенга ѝ се закани на владата со воена интервенција, на што партијата на претседателот Роберт Мугабе го обвини за предавство. Мугабе минатата недела го отпушти својот долгогодишен заменик, Емерсон Мнангагва. Сопругата на Мугабе, Грејс, која требаше да го замени вицепретседателот на функцијата, беше негов одамнешен критичар. Но, Мнангагва ја има поддршката на армијата. Дел од генералите изјавија дека нема да дозволат на врвните позиции во државата да дојде никој кој не учествувал во борбите за независност во 1970-те години. Мугабе ја води државата од нејзината независност во 1980. година. Неговата 52-годишна сопруга Грејс никогаш не се борела во војната.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми