1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Расизам на фудбалскиот терен и политизација на ЕУРО 2020

СН | (Стандард) | (Зиддојче цајтунг)
16 јуни 2021

Однесувањето на австрискиот напаѓач Марко Арнаутовиќ на мечот против македонската репрезентација на ЕП и натаму ја бранува фудбалската, но и пошироката јавност. Случајот го анализираат и весниците на германски јазик.

Fußball EURO 2020 Vorrunde/ Österreich-Nordmazedonien 3-1 | Alaba und Arnautovic
Фотографија: Frank Hoermann/SvenSimon/picture alliance

„Сè уште има многу претпоставки за вистинската причина за целата возбуда. Што точно рече Австриецот Марко Арнаутовиќ по неговиот погодок против Северна Македонија за 3-1?

Тоа биле неколку 'вжештени зборови во емоцијата на играта, за кои би сакал да се извинам', според образложението на напаѓачот; 'националистички изблик', според мислењето на македонската фудбалска федерација. Во секој случај, очигледно беше толку несоодветно, што неговиот колега Давид Алаба беше принуден силно да го стисне Арнаутовиќ за вилицата [...]", пишува германскиот весник Зиддојче цајтунг, констатирајќи:

„Исправно е дека, по кратко одложување, надлежното тело на Европската фудбалска унија (УЕФА) сега ја презема работата во свои рацe. Но, избрзани пресуди се несоодветни, допрва треба да се разјасни дали зборовите на Арнаутовиќ биле националистички, расистички, навредливи или ништо од горенаведените. Но, кога фудбалската федерација на Северна Македонија формулираше официјална протестна нота до УЕФА и се пожали на 'националистичка навреда' од страна на поранешниот напаѓач на Вердер Бремен, причината автоматски го потенцира основниот тенор на турнирот: колку е политичко и политизирано ова Европско првенство“, истакнува весникот, кој меѓу примерите за засилена политизација на ЕУРО 2020, како на пример рускиот протест за амблемот на дресовите на Украина го наведува и примерот со протестот на Грција за македонските дресови:

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„ [...] Министерот за спорт на Грција, која не се квалификуваше за Европското првенство, ѝ се обрати на УЕФА затоа што фудбалерите на Северна Македонија ја изоставиле буквата 'Н' во националниот грб на дресовите, која мора да стои за зборчето 'Северна' во Северна Македонија. Амблемот е кршење на компромисот кој беше договорен во 2018 година по долгогодишниот спор меѓу двете соседни земји, според кој земјата со своите два милиони жители треба официјално да се нарекува Северна Македонија - а не само Македонија, што Грците ја доживуваат како провокација. И сега, самата Северна Македонија се обраќа до Континенталната унија за наводна 'националистичка навреда'“, пишува Зиддојче цајтунг, наведувајќи дека е лесно да се замисли дека ќе има и натамошна политизација на турнирот: „УЕФА веројатно ќе си има уште многу работа со темата. И може само да се надева дека спортскиот квалитет на две земји учеснички ќе го спречи еден од најголемите теоретски замисливи политички судири: можното четвртфинале помеѓу Русија и Украина во Санкт Петербург“, читаме во германскиот весник.

И австрискиот весник Стандард посветува цела анализа на „Случајот Арнаутовиќ“ со наслов „Расизам на фудбалскиот терен“, наведувајќи дека антиалбанската навреда која австрискиот фудбалер наводно ја извикал кон Езѓан Алиоски, е поврзана со недостатокот на разјаснување за историјата на Балканот.

Фотографија: Daniel Mihailescu/REUTERS

Според весникот, фудбалскиот терен во Југоисточна Европа одамна е место каде се растоварува расизмот. По неговиот гол во неделата, се вели дека Марко Арнаутовиќ му ја опцул мајката на Езѓан Алиоски, што се прави често на Балканот, иако е вулгарно и мизогинистички: „Но, Арнаутовиќ го додал и зборот 'Шиптар' на пцуењето на мајката на другиот играч, крајно погрден збор за 'Албанците' што го користат само националистичките Срби. Тоа ја претвори пцовката во расистички напад. Арнаутовиќ очигледно одеднаш се однесувал како Србин и веќе не како австриски репрезентативец... Арнаутовиќ и другите играчи од мигрантски семејства честопати имаат повеќе идентитети истовремено“ пишува Стандард.

Повеќе: ЕУРО 2020: Што треба да се знае за турнирот

Весникот уште констатира дека зборот „Шиптар“ секогаш свесно се употребува од страна на националистите и оти на Балканот на сите им е јасно дека е во прашање погрден збор и оти Албанците не сакаат да бидат нарекувани така од другите.

„Историчарот од Југоисточна Европа на Универзитетот во Виена, Оливер Јенс Шмит, посочува дека ваквите расистички навреди имаат врска и со необработувањето на војната на Косово во Србија. 'Дури и меѓу интелектуалните кругови во Србија има малку познавање за Албанците', вели тој. Тој ја припишува омразата кон 'Албанците' пред сѐ на горчината на националистичките Срби дека оваа етничка група секогаш се бунела против концептот на хомогенизирана српска национална држава и исто така победила во етнополитичкиот спор преку воспоставувањето на државата Косово“, пишува весникот, дополнувајќи: „ Ако подобро се погледнат имињата на двајцата играчи во последната расправија, меѓутоа, може да се види колку е двосмислена и сложена нивната семејна историја. Бидејќи во случајот на Езѓан Алиоски само името е 'албанско'. Шмит се сомнева дека Езѓан е албанска верзија на сличното турско име. 'Презимето Алиоски е македонско, како што е случајот со македонските муслимани (Торбеши)', објаснува Шмит.

Фотографија: picture-alliance/Sven Simon/F. Waelischmiller

Презимето Арнаутовиќ, пак според Шмит, потекнува од османлискиот збор 'Арнавут', кој е израз по правило за муслиманските Албанци. Арнаутовиќ во превод значи 'албански син'. Шмит смета дека презимето Арнаутовиќ во секој случај укажува на албанско потекло. 'Православните Албанци на Косово често биле словенизирани преку мешани бракови во претежно српско-православната верска заедница. Во секој случај, апсурдно е што „албанскиот син' од Виена се идентификува со српскиот национализам и навредува играч со словенско презиме како 'Шиптар'“, пишува весникот Стандард.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми