1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арнолд: Состојбата на армијата беше разубавувана

Фридел Таубе / Е.М.Фиданоска29 септември 2014

Големи делови од инвентарот на германската армија е застарен. Особено неконкурентни се леталата. Социјалдемократот Рајнер Арнолд во интервју за ДВ го обвинува Бундесверот дека не ги ставил јасно фактите на маса.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: Бундесверот е толку лошо опремен, што Германија веќе не може да ги исполнува своите обврски во НАТО како што треба. Дали сте изненадени од вистинските размери на недостатоците на Бундесверот?

Рајнер Арнолд: Нe, за одредени делови не сум изненаден. Не треба да се мисли дека Бундесверот во целост не може да ги исполни своите обврски, но има недостатоци. Во принцип може да се каже дека се‘ што лета е исклучително проблематично и дека ветувањата што сме му ги дале на НАТО во моментов не можеме да ги исполниме.

Дојче веле: Ако, на пример, биде нападната земја на Балтикот и НАТО треба да реагира, Германија не би можела да учествува?

Рајнер Арнолд: На располагање не ни се сите работи. Ако дојде до случај да е потребна реакција согласно членот 5 од НАТО-договорот, тогаш важат други правила на игра. Тогаш некои работи на кои сега од безбедносни причини се гледа многу тесно нема да бидат интерпретирани толку тесно. Но тоа е апстрактна дебата, ние не сме на мислење дека НАТО би морал да води војна. Прашањето сега е дали во рамки на меѓународното справување со кризи сме во состојба да ги исполниме обврските. Притоа согледуваме дека во моментов има големи проблеми.

Дојче веле: Кога Бундесверот минатата среда (24.09) и‘ поднесе извештај на Комисијата за одбрана, бевте веројатно прилично зачудени.

Рајнер Арнолд: Не само што бевме зачудени, туку пред се‘ бевме налутени, затоа што повторно беше неопходно Парламентот да ги принуди Бундесверот и Владата да ги стават на маса сите факти. Вкупниот преглед кој ни беше поднесен е проблематичен при собирањето во категории. Се налутивме и поради тоа што беше направен обид за разубавување и омекнување на вистинските состојби. Тука се‘ беше ставено во категоријата „подготвени за акција“. Меѓутоа, ако се фрли попрецизен поглед, работите се многу подиференцирани. Еден апарат со кој може да се вежба, но кому му недостигаат резервни делови или има недостатоци во делот на оружјето, може да лета или да вози, но тоа ни оддалеку не значи дека е подготвен за акција. Тоа не ни беше така презентирано, туку за да стигнеме до тие сознанија моравме упорно да поставуваме прашања.

Дојче веле: Кој според Вас е виновен за ваквата состојба?

Рајнер Арнолд: Кај воените сили веќе две години не е донесена никаква одлука. Во времето на министерот Томас де Мезие годината беше загубена. Во негово време немаше реформа. Реформата на Бундесверот со цел „широчина пред длабочина“ доведе до тоа да задржиме се‘, но управувањето со сето тоа да биде само просечно или лошо. Тоа не е јасна структура, а така е и во поглед на нашите европски сојузници. Ние мора да ги зајакнеме способностите кои се важни за Алијансата, наместо се‘ да потоне во просечност. Госпоѓа Фон Дер Лајен сега мора да каже: „Оваа реформа има грешки и јас ја корегирам“.

Дојче веле: Урсула фон дер Лајен уште во февруари најави реформирање на секторот за вооружување. Што се случи оттогаш?

Рајнер Арнолд: Екстерен тим направи скенирање на процесите и резултатите од таа работа ќе бидат презентирани на почетокот на октомври. Од тоа министерката мора да извлече консеквенции во делот на структурите и процесите кај безбедносните сили, како и во делот на одржување на опремата и резервни делови.

Рајнер Арнолд (СПД) од 2002 година е задолжен за одбранбена политика во пратеничката група на Спцијдалдемократската партија во Бундестагот

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми