Лекувањето со крвна плазма е познато уште од пандемијата на шпанскиот грип. Научниците и лекарите велат дека се уште нема докази дека тоа ќе помогне против коронавирусот, но подготвени се да се обидат.
Реклама
Тифани Пинкни го памети стравот кога Ковид-19 и го одзеде здивот. Кога се опорави, оваа њујорчанка стана една од првите излечени пациенти кои донираа крв за третман на сериозно болни пациенти.
„Навистина е неверојатно кога знам дека можеби одговорите се кријат во мојата крв“, вели Пинкни.
Лекарите ширум светот сега го реоткриваат со векови стариот третман за инфекции: инфузија на крвна плазма која содржи имунитетски молекули кои им помогнале на оздравените да го совладаат коронавирусот. Засега нема доказ дека ќе функционира. Но поранешни пациенти во Хјустон и Њујорк веќе донираат, а болниците и центрите за донација на крв сега очекуваат стотици нови излечени да го следат нивниот пример.
Американските медицински служби најавија спроведување студија која ќе им помогне на болниците да нудат експериментална терапија со плазма и ќе следат дали тоа помага. Американскиот Црвен Крст ќе ја собира и дистрибуира плазмата.
Она што историските книги го нарекуваат „конвалесцентен серум“ стана познат како терапија за време на пандемијата на шпанскиот грип во 1918 година, но исто така и против сипаници, бактериска пневмонија и бројни други инфекции пред лекувањето да се насочи кон модерната медицина. Како функционира таа терапија?
Кога организмот е погоден од инфекција, телото создава протеини наречени антитела кои се борат со вирусот. Овие антитела остануваат во крва на излечените пациенти- особено жолтата плазма- со месеци, па дури и години.
Кога ќе се појави нова болест и научниците се во потрага по лек или вакцина, „ова е привремена мерка која можеме брзо да ја имплементираме“, вели д-р Џефри Хендерсон од Универзитетот во Сент Луис, кој работи на националната студија.
„Ова не е лек сам по себе, туку начин да се намали тежината на болеста“, вели Хендерсон.
Докторите не знаат колку долго ќе преживеат антителата против Ковид-19.
„Но засега тие се најсигурната мерка која постои“, вели д-р Ребека Хејли од мрежата за донација на крв од Сиетл.
Во САД веќе се пријавиле илјадници луѓе подготвени да донираат плазма. Но постапката не е така едноставна. Оние кои биле заразени и немаат симптоми веќе неколку недели мора најпрво да се тестираат за да се осигура дека повеќе го немаат вирусот. Притоа мора да бидат и доволно здрави за да исполнат и други услови за донирање крв, но и да извршат тестови кои ќе покажат дали нивото на антитела во нивната крв е доволно високо.
„Не ви е потребна плазма од некој кој имал слаб имунолошки одговор. Тоа нема да помогне“, вели д-р Џули Леџервуд од Националниот институт за здравје.
Кинеските доктори минатата недела соопштија дека сите пет пациенти кои добиле конвалесцентна плазма покажале подобрување во рок од една недела. Но тие исто така примале и друга терапија, и без целосна студија, нема начин да се знае дали плазмата навистина помага.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.