Ар Кели е прогласен за виновен за сексуално злоставување
28 септември 2021Ар Кели од суд во Њујорк е прогласен за виновен по сите девет точки од обвинението. Колкава ќе биде казната против поранешната американска супер ѕвезда, која го испеа светскиот хит „I Believe I Can Fly“, ќе се знае на 4 мај 2022 година. 54-годишниот Ар Кели е соочен со затворска казна во траење од 10 години до доживотен затвор.
Роберт Силвестер Кели, како што гласи неговото полно име, меѓу другото, беше обвинет за сексуално искористување малолетници, киднапирање и поткуп. Во текот на шестнеделниот судски процес против трикратниот добитник на наградата Греми, како сведоци се појавија десетици лица, а беа презентирани и стотици докази.
Кели со децении се служел со „лаги, манипулации, закани и телесно злоставување“ со цел да ги задоволи своите сексуални нагони, објасни Обвинителството. Тој, како што се тврди, имал цела низа помагачи, кои за него систематски „регрутирале“ жртви и кои го штителе. „Без нив обвинетиот немало да може да се однесува злосторнички речиси три децении“, оцени Обвинителството.
„Живот на плејбој“
Одбраната на Ар Кели, пак, во своите завршни зборови го претстави пејачот како „секс симбол“. Тој , како што беше речено, едноставно живеел живот на „плејбој“, а неговите наводни жртви биле разочарани обожаватели. Кели и самиот бил жртва на измислени приказни и накитени сведочења за злоупотреби, тврди адвокатот Деверо Кеник. Пејачот лично не даде изјава, но ја следеше постапката во судската сала.
Првите обвинувања против Ар Кели се појавија уште пред 25 години. Во 2008 година тој се најде пред суд поради поседување фотографии на кои е прикажано тешко сексуално злоставување деца. Тогаш беше ослободен од обвинувањата. Други постапки кои беа покренати против него беа решени со вонсудски спогодби. Документарната серија Surviving R. Kelly објавенаво 2019 година доведе до нова истрага против пејачот.