1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад може да триумфира

Рајнер Золих/ Жана Ацеска8 мај 2014

Завојуваните страни во сирискиот конфликт се договорија за повлекување на бунтовниците од нивното досегашно упориште Хомс. Како пропаганда, тоа е успех на владата на Асад. Но, војната продолжува.

Syrien Homs
Фотографија: Joseph Eid/AFP/Getty Images

Сириските државни медиуми го величаат „ослободувањето“ на Хомс од рацете на „терористите“. Министерот за туризам Бишер Јациги пред неколку дена со сета сериозност изјави дека се радува на „извонредна туристичка сезона“ во бомбардираната метропола. Повлекувањето на последните поголеми единици на бунтовниците од сирскиот трет по големина град, на режимот во Дамаск му нуди уште една можност да ја слави својата воена надмоќ и да се претставува себе си како победник.

Повлекувањето беше овозможено преку договор и услови со кои, со посредство на ОН, двете страни се согласија и во чија реализација учествуваат и ирански посредници. Според договорот, режимот и нему лојалните милиции дозволуваат повлекување на бунтовниците заедно со нивното лесно оружје. Бунтовниците пак за возврат ќе ја олабават блокадата на две шиитски села и ќе ослободат повеќемина заробеници. Според информациите, се работи притоа за ирански борци, како и припадници на либанскиот Хезболах. И едните и другите се борат на страната на сирискиот режим против бунтовниците. Бунтовниците, пак, претежно се сунити и исто така имаат борци-странци во своите редови, меѓу кои и бројни џихадисти од опкружувањето на Ал Каеда.

Двегодишното бомбардирање на Хомс остави трагиФотографија: Joseph Eid/AFP/Getty Images

Поразот беше очекуван

Дека стариот градски центар на Хомс по речиси две години откако е опколен и под постојан оган, ќе падне повторно во рацете на режимот, беше очекувано. Порано бунтовниците контролираа до 70 проценти од градот Хомс и околината. Но, од 2012 година војската на Асад успеваше дел по дел да ја врати контролата. Бунтовниците, кои беа забарикадирани уште во центарот и во местото Ал-Ваер, на крајот немаа ниту доволно муниција ни храна, како ни лекови. Цивилите масивно страдаа поради блокадата на градот и катастрофалните услови, под постојано бомбардирање.

Некои владини противници го сметаат дури и за делумен успех тоа што бунтовниците барем со лесното оружје смеат да го напуштат Хомс и да се борат некаде на друго место. Но, многумина повлекувањето на бунтовниците го доживуваат како пораз, зашто Хомс од почетокот на конфликтот стана симбол за отпорот против владеењето на претседателот Асад. Зашто, во 2011 година, во првично невооружениот протест против Асадовата диктатура, во Хомс демонстрираа стотици илјади луѓе. Сега, по повлекувањето од стариот центар на градот, под контрола на бунтовничките групи е само уште Ал-Ваер. Веќе се шпекулира дека бунтовниците ќе мора да се повлечат и оттаму.

Бунтовниците од Хомс ќе ја продолжат борбата на друго местоФотографија: Salah Al-Ashkar/AFP/Getty Images

Војната продолжува

Башар ал-Асад напротив, барем во пропагандни цели, може да триумфира. Тој може да тврди дека речиси целосно од бомбите уништениот град барем на крајот го „освоил“ без дополнително крвопролевање. Можно е тој на 3 јуни да може и во Хомс да ги спроведува псевдодемократските претседателски избори. Тој може да биде сигурен дека западните држави и натаму нема да бидат подготвени за директна воена интервенција во Сирија. Зашто, САД и ЕУ не само што се загрижени од зголемената доминација на радикалните милиции на страната на противниците на Асад, туку избегнуваат дополнителна конфронтација со Русија, во момент кога е во ек конфликтот во Украина. Имено, Москва, покрај Техеран, е најважниот политички сојузник на Асад и негов лиферант на оружје.

Хомс географски се наоѓа во коридор кој се протега од Дамаск до родниот регион на претседателот, на Средоземното Море. Така, Асад и военостратешки може да си припише успех. Но, тој се‘уште ни оддалеку ја нема добиено војната. Финансиската и воена помош кои неговите противници ја добиваат од регионот на Заливот и дел од западните земји, досега спречува дефинитивен пораз на бунтовниците. Последиците: меѓусебното убивање продолжува.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми