1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асанж сака да ја напушти еквадорската амбасада

ЖА/дпа/афп18 август 2014

По повеќе од две години, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж планира „наскоро“ да ја напушти еквадорската амбасада, каде доби азил пред повеќе од две години.

Фотографија: Reuters

Џулијан Асанж својата намера да го напушти своето засолниште ја соопшти на прес-конференција во еквадорската амбасада во Лондон, каде се наоѓа 26 месеци. Асанж не соопшти детали. При напуштањето на зградата нему му се заканува апсење од полицијата, со оглед што Шведска бара негово испорачување поради сексуални деликти. Асанж денеска (18.08) јасно кажа - не ја напушта амбасадата поради здравствени причини, за коишто пишуваа одделни медиуми. Телевизија Скај њуз и други медиуми објавија дека 43-годишниот Асанж има бројни здравствени проблеми, бидејќи две години не излегол на сонце.

Покрај недостигот на витамин Д, тој почнал да се жали и на болки во градите, а повремено имал и срцева аритмија и многу висок крвен притисок. Асанж додека беше во затворот Вандсворд секој ден имаше еден час шетање на свеж воздух, а сега е затворен во четири ѕида.

„Неговата светла кожа стана провидна, а поради сувиот воздух страда од хронична кашлица. Темните кругови под очите покажуваат дека не спие добро“, изјави новинарката Сара Оливер, која го посети Асанж.

Џулијан Асанж на 2 јуни 2012 година побегна во малата зграда на еквадорската амбасада во елитниот кварт на Лондон, откако ги исцрпе сите правни средства против испорачување во Шведска.

Основачот на Викиликс е соочен со апсење по обвиненија за силувања и сексуално вознемирување во Шведска, каде властите во јули потврдија дека останува во сила налогот за негово апсење. Основачот на Викиликс и натаму тврди дека обвиненијата против него се политички мотивирани и стравува од испорака во САД. Во САД Асанж е обвинет за објавување доверливи документи на американската политика и дипломатија, како и за документи за војната во Ирак и Авганистан.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми