Стероид кој вообичаено се користи во инхалатори за астма има потенцијал да спречи сериозни симптоми на Ковид-19. Со него болеста може да се третира во рана фаза и може да помогне да се намали притисокот врз болниците.
Реклама
Вообичаен лек против астма може да биде ефикасен во третманот на Ковид-19 во рана фаза кај возрасни, се вели во студијата објавена во медицинското списание „Лансет“. Истражувачите од универзитетот Оксфорд откриле дека кај пациентите на кои им бил даван анти-инфламаторниот лек будесонид за краток период, имало помала веројатност да имаат потреба од итна медицинска помош или хоспитализација и тие имале пократко време на опоравување од почетокот на заразувањето со Ковид-19. Исто така, била намалена и можноста за пролонгирани симптоми и треска.
Во контролираното испитување по случаен избор учествувале 146 возрасни лица во период од седум дена од почетокот на појавата на благи симптоми со Ковид-19. Половина од учесниците го инхалирале лекот будесонид двапати на ден сѐ додека не исчезнале нивните симптоми, а другата половина добиле стандардна нега која им била дадена врз основа на возраста, полот и претходните болести. Во групата која го користела будесонид, на само на едно лице му била потребна итна медицинска помош, во споредба со 10 лица во групата кои добиле стандардна нега за Ковид-19.
Друга студија на универзитетот Оксфорд, која допрва треба да помине стручна рецензија, исто така, открива дека инхалираниот будесонид им помогнал на луѓето кои имале поголем ризик за полоши симптоми со Ковид-19 побрзо да се опорават. „Постои добра биолошка логичност [за] тоа зошто [кортикостероидите] би помогнале“, вели Клои Блум, постара соработничка за клинички истражувања од Националниот институт за срце и бели дробови на Империјал колеџот во Лондон.
Кортикостероидите, како дексаметазон, веќе ефикасно се користат кај сериозно болните хоспитализирани пациенти со Ковид-19. Блум вели дека истражувачите сметаат дека тоа е така, веројатно затоа што се намалува воспалението поврзано со тежок Ковид-19, а будесонидот веројатно делува на сличен начин, но можеби полокализирано.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.
Фотографија: picture-alliance/Ch. Mohr
8 фотографии1 | 8
Студиите исто така покажаа дека употребата на инхалирани стероиди кај луѓе со астма и хронично опструктивно белодробно заболување (ХОБЗ) го редуцура рецепторот што го пропушта Сарс-КоВ-2 во белите дробови, вели Блум, а лабораториски испитувања покажаа дека инхалираните стероиди може да ја спречат репликацијата на вирусот.
Намалување на притисокот врз болниците
Научниците истакнаа дека истражувањето било инспирирано од извештаите за прием на ковид-пациенти во болниците, кои покажале дека пациенти со хронични респираторни заболувања се значително помалку застапени.
Тие тргнале од претпоставката дека широката употреба на инхалирани глукокортикоиди, еден вид кортикостероид, кај овие пациенти е причината за ваквите податоци.
Во истражувањето било проверено дали будесонидот има потенцијал да ја намали потребата на пациентите со Ковид-19 за интензивна нега, и со тоа да го намали притисокот врз болниците.
„Станува збор за широко достапен, евтин лек, кој е релативно безбеден, и кој може да им се дава на пациентите на почетокот на нивното заболување со Ковид-19“, рече Мона Бафадел, една од авторите на студијата и вонреден професор по респираторна медицина на универзитет во Оксфорд. „Ова би го намалило притисокот врз системите за здравствена заштита“.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Карл Лаутербах, германски пратеник од редовите на социјалдемократите и епидемиолог, на Твитер напиша дека студијата е „менувач на играта“, делумно затоа што идентификува потенцијален ран третман на Ковид-19, што може да го препише матичен лекар.
Додека повеќето истражувања за лекување на Ковид-19 досега се фокусирани на пациенти кои веќе имаат сериозни симптоми, ова истражување покажува потенцијал за рана интервенција.
„Она што е уникатно во врска со ова истражување е тоа што се осврнува и на луѓе кои се изложени на мал ризик во однос на сериозни ефекти од Ковид-19“, истакнува Блум.
Сумја Сваминатан, главен научник во Светската здравствена организација, на Твитер изјави дека резултатите се „охрабрувачки“ и треба да се направат повеќе истражувања во областа на амбулантско лекување на Ковид-19.
Што прават кортикостероидите?
Кортикостероидите природно се произведуваат во телото, но синтетичките верзии се користат како антиинфламаторно средство за лекување на низа воспаленија.
Тие се на листата на Светската здравствена организација на основни лекови, и често се препишуваат за луѓе со астма и други респираторни заболувања во форма на инхалатор. Тие го намалуваат воспалението и се сметаат за неопходни за контрола на болеста.
Совети за подобро здравје и расположение во пандемијата
Стресот е постојан придружник на современото живеење. Короната дополнително ја влоши состојбата. Што да се направи за да се остане здрав и во добра форма? Спортување, работа во градина, читање... и уште по нешто.
Кој е новиот омилен спорт на Германците? Пешачење! Студијата на еден здравствен фонд покажува дека 43% од Германците по почетокот на пандемијата одат почесто на пешачење отколку пред тоа. Полека или со побрзо темпо? Сѐ е добро кога сте опкружени со природа, кога гледате зеленило, вода, полиња, шума, море...
Базените, фитнес студијата и другите сали за вежбање се затворени поради пандемијата. Но, тоа не смее да биде изговор. Јога или пилатес во дневна соба, велосипедска тура или трчање во парк - телесната активност им годи на срцето и циркулацијата. Како алтернатива се можни и невообичаени активности, на пример жонглирање или одење по јаже. Сето тоа е можно да се прави на доволно растојание.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Warnack
Виртуелни патувања
Во време на корона не може да се патува како порано. Притоа, одморот од секојдневието е важен за телесната и душевната благосостојба. Има начин да се патува без да се изложувате на ризик, седејќи на каучот дома, и тоа со помош на големиот број апликации за патување со виртуелни очила. Ако не може да се патува вистински, може барем виртуелно.
Фотографија: Colourbox/L. Dolgachov
Добра книга
Многумина во време на корона имаат повеќе слободно време, затоа што работат со скратено работно време, или затоа што не мора да патуваат до работното место. Според анализа на институтот за истражување на пазарот ГфК, направена по повод Франкфуртскиот саем на книгата 2020, 13% од испитаниците многу почесто посегнуваат по книга отколку пред пандемијата. Добрата книга го намалува стресот и релаксира.
Полни шкафови, преполни подруми, полици со книги кои само што не се урнале од тежина... Кому не му се познати барем дел од овие работи? Расчистувањето може да придонесе да се чувствувате подобро. Дури и науката одамна има утврдено дека ослободувањето од старите работи создава нова енергија и ѝ чини добро на душата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Weihrauch
Вкусна храна
Рестораните се затворени во време на локдаун. Со оглед на тоа што многу луѓе седат дома, во Германија сега се готви многу повеќе отколку порано. Наместо брза храна, на менито во многу домови има јадења подготвени со многу љубов од членовите на семејството. Статистиката покажува дека добро оди и бизнисот со т.н. кутии за готвење, во кои се ставени рецепт и состојките кои се потребни за него.
Фотографија: Fotolia/MK-Photo
Градинарство
Садење, полевање, берба - градинарството релаксира дури и кога се нема многу смисла за работа со растенија. И, сеедно е дали се има градина или балкон. „Градинарството и растенијата имаат релаксирачко влијание врз процесите на здравеење и ориентација во животот“, објаснува хамбуршкиот терапевт Роланд Штраус на својата веб-страница.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Медитација против стрес
Работа, фамилија, домашни задачи - честопати имаме толку многу обврски, што „не знаеме каде ни е главата“. Но, има начин за опуштање: различни истражувања покажуваат дека медитацијата ни дава поддршка за подобро да излеземе на крај со стресот. Оној кој го релаксира дишењето и духот, тој го опушта и телото, а од тоа профитираат, меѓу другото, и срцето и циркулацијата.
Фотографија: ASA/picture alliance
8 фотографии1 | 8
Кортикостероидите претставуваат еден од двата главни типа на третман на астматичари. Тие се дизајнирани да спречат напад на астма во прв ред со намалување на основното ниво на воспаление. Вториот вид на третман, бронходилататорите, се дизајнирани да ги релаксираат мускулите кога навистина ќе се случи напад.
Додека кортикостероидите се лесно достапни и евтини во некои делови на светот, тоа не е секогаш случај за земјите со ниски и средни приходи, каде пристапот до такви лекови може да биде ограничен, наведено е во Глобалниот извештај за астма во 2018 година.