1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

АстраЗенека: Вакцинација или не?

Бернд Ригерт
16 март 2021

Вакцинирањето во моментов не би требало да се прекинува, и покрај извештаите за нуспојави, сметаат експертите од Европската агенција за лекови. Јасна препорака од ЕМА ќе стигне во четврток (18.03)

Schweden Malmo | Coronavirus | AstraZeneca Impfung
Фотографија: Joahn Nilsson/TT News Agency/AFP/Getty Images

Емер Кук, директорка на Европската агенција за лекови (ЕМА), ја моли уплашената европска јавност за уште два дена трпение. До четврток попладне (18.03) експертска група на ЕМА би требало да разјасни дали вакцината АстраЗенека предизвикува тешки нуспојави или не. Од минатата недела ЕМА ги истражува извештаите за згрутчувања на крвта кои настанувале кај вакцинирани лица. „Во моментов велиме дека предностите од вакцината преовладуваат многу над ризиците“, изјави Емер Кук на прес-конференција и додаде: „Во тоа сум длабоко уверена.“

Нуспојави при вакцинација на милиони луѓе се нешто што не е невообичаено и е очекувано, изјави директорката на ЕМА. „Досега немавме повод да сметаме дека вакцината предизвикува згрутчувања.“ Ниту една од клиничките студии направени пред издавање на дозволата на укажувале на такво нешто.

Повеќе:

Шест прашања по прекинот на вакцинирање со АстраЗенека

Да не се отпишува вакцината АстраЗенека

СЗО ги повикува земјите да ја продолжат вакцинацијата со „АстраЗенека“

Половина од ЕУ-државите имаат сомнежи

Вакцината АстраЗенека се употребува во околу 65 држави во светот. Светската здравствена организација (СЗО) и ЕМА и покрај извештаите за можни тешки, но многу ретки нуспојави, препорачуваат сепак да се продолжи со вакцинирање. Но, 13 држави од ЕУ, како и Норвешка и Исланд, во текот на изминатите неколку денови го ограничија или сосема го запреа вакцинирањето со оваа вакцина. Домино-ефектот го предизвика Данска минатата недела. Данските здравствени власти информираа за невообичаени симптоми и згрутчувања на крвта кај вакцинирано лице. Во Бугарија и Италија имаше извештаи за смртни случаи. Примерот со прекин на вакцинирањето го следеа сѐ повеќе европски држави. Вчера се приклучија и големи ЕУ-држави како Германија, Италија и Франција. Некои држави, како Австрија или Луксембург, прекинаа вакцинирање со одредена производствена серија од вакцината.

ЕМА ќе се изјасни во четврток (18.03)Фотографија: Robin Utrecht/picture alliance

Во Тајланд, пак, почна вакцинирањето со АстраЗенека, кое беше одложено во петокот. Демократска Република Конго и Индонезија го одложија почетокот на вакцинирањето, а Венецуела не ѝ дава дозвола на вакцината АстраЗенека.

Според наводи на АстраЗенека, во меѓувреме 17 милиони луѓе во ЕУ и Велика Британија ја имаат добиено вакцината, а кај околу 40-тина од нив се појавило згрутчување на крвта по добивање на вакцината. Во дел од случаите настапила смрт. Досега, меѓутоа, нема докази дека згрутчувањето на крвта се појавило како резултат на вакцинирањето.

Директорката на ЕМА, Емер Кук, во Амстердам денеска рече дека во ЕУ секоја година има илјадници случаи на згрутчување на крвта. Нејасно е дали сега бројот навистина се зголемил. Во ЕМА свои експерти имаат сите држави членки на ЕУ. ЕМА меѓутоа може да дава само необврзувачки препораки. Владите на земјите членки самите одлучуваат за здравствени прашања и дали и како би ги користеле вакцините.

Нарачка на вакцини од страна на ЕУ (бројки во милиони дози)

„Многу, многу мал ризик“

Професорот Петер Кремзнер, директор на Уноверзитетската клиника во Тибинген и специјалист за инфективни болести, за ДВ оцени дека евентуалниот ризик од вакцината е „многу, многу, многу мал“. Од податоците кои тој ги имал на увид не може да се извлече заклучок дека има зголемен ризик, вели Кремзнер. „Не знаеме точно. Ќе знаеме во наредните денови“, рече тој и додаде дека разговарал со експерти кои ги анализирале студиите за вакцините и дека е оптимист оти вакцинирањето „ќе биде продолжено“.

Германскиот политичар Карл Лаутербах (СПД), кој е епидемиолог по професија, смета дека згрутчувањата на крвта „со голема веројатност“ се должат на вакцината, но тој сепак би продолжил со вакцинирање. „Врз основа на инцидентите кои ни се познати, се разбира преовладува ползата од вакцината, особено кај постарите лица“, изјави Лаутербах за телевизија АРД. Нуспојавите, според него, настапуваат екстремно ретко.

Подготвеност за вакцинирање во проценти (светло сино - согласност, темно сино - одбивање)

Борис Џонсон застана зад АстраЗенека

Британскиот премиер Борис Џонсон ја зеде во заштита вакцината на британско-шведскиот фармацевтски концерн АстраЗенека. Вакцината е „безбедна и екстремно добра“ во своето дејство, изјави Џонсон во Лондон. Вакцината развиена на Универзитетот Оксфорд им е дадена на милиони луѓе во Велика Британија. Досега во оваа земја нема извештаи за тешки нуспојави и пораст на број на случаи со згрутчување на крвта. И канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека вакцината е безбедна и испитана. „Земете ја првата доза која ќе ви биде понудена, сеедно од кој производител'', им препорача Трудо на своите сонародници.

Сојузната и покраинските влади во Германија го одложија за утре планираниот самит за вакцините. На него требаше да биде донесена одлука кога со вакцинирање на пациенти ќе почнат матичните лекари во своите ординации. Притоа, во план беше матичните лекари да вакцинираат пред сѐ со АстраЗенека.

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми