Спротиставени пораки од Холандија и од Велика Британија
СН/агенции
2 април 2021
Холандија им се приклучи на земјите, кои, поради појавата на ретки тромбози, ја ограничија употребата на вакцината на АстраЗенека на постари луѓе. Велика Британија пак денеска повторно порачува: „Ризикот е многу мал“.
Реклама
Холанѓаните на возраст под 60 години нема да бидат вакцинирани со вакцината на АстраЗенека во наредните денови, одлучи министерството за здравство поради случаи на згрутчување на крвта евентуално предизвикани од вакцината.
Холандскиот центар за истражување на несакани ефекти Лареб денеска објави дека меѓу дадените 400.000 вакцини на АстраЗенека, на пет жени на возраст од 25 до 65 години досега им е дијагностицирана тромбоза во комбинација со низок број на крвни клетки, а една жена починала.
Сите пет жени развиле масовна белодробна емболија во рок од десет дена по вакцинирањето.
„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“
15:47
Во тек е испитување за да се утврди дали има врска меѓу вакцинацијата и тромбозите. Вакцинацијата на граѓани на возраст под 60 години ќе биде суспендирана до среда (7 април), кога се очекува нов детален извештај од Европската агенција за лекови (EMA), а холандската служба за контрола на лекови СГБ и министерството за здравство ќе ја преиспитаат употребата на вакцината на АстраЗенека.
Германија уште во средата одлучи да вакцинира само лица над 60 години со АстраЗенека, додека Канада се одлучи таа граница да биде 55 години.
И здравствените власти во Велика Британија пријавија случаи на ретки тромбози по примањето на АстраЗенека, но не ја ограничуваат нејзината употреба. Напротив, недвосмислено советуваат да се продолжи вакцинацијата.
30 случаи на ретки згрутчувања на крвта се пријавени во Велика Британија од вкупно 18,1 милиони дози на вакцини администрирани во земјата. Ризикот некој да добие згрутчување на крвта по примање на вакцината е „многу мал“, спопшти британската регулаторна агенција за здравство и лекови (МХРА)
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Заклучно со 24 март, пријавени се вкупно 22 случаи на церебрална венска тромбоза и осум други видови тромбоза, се вели во извештајот на агенцијата.
„Врз основа на овој тековен преглед, придобивките од вакцините против Ковид-19 продолжуваат да ги надминуваат сите ризици и треба да продолжите да ја примате вашата вакцина кога ќе бидете поканети да го сторите тоа “, апелираше МХРА.
Вкупно, повеќе од 31 милиони луѓе во Велика Британија ја имаат примено првата доза на ковид-вакцината, а кај повеќе од 18 милиони од нив, таа била АстраЗенека.