1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаЈапонија

Атентат врз екс јапонскиот премиер–Шинзо Абе тешко повреден

ЖА / агенции
8 јули 2022

Поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе е застрелан додека држел говор на изборен митинг, се наоѓа во критична здравствена состојба.

Shinzo Abe offenbar bei Attentat schwer verletzt
Фотографија: KYODO/REUTERS

За време на говорот кој го држел на предизборен митинг во регионот Нара, врз поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе било стрелано од зад грб. Новинската агенција Џији, повикувајќи се на кругови од либералнодемократската партија ЛДП на Абе, јавува дека по истрелите тој паднал и обилно крварел од вратот. 67-годишниот политичар бил итно пренесен во болница, но не покажувал витални функции.

Поранешниот јапонски премиер е во критична здравствена состојба по атентатотФотографија: Kyodo/AP Photo/picture alliance

Новинската агенција Кјодо цитира една жена очевидец: „Тој држеше говор и еден човек дојде од зад него и испука најмалку два куршуми. По вториот куршум, обезбедувањето го опкружи Абе и презеде мерки за реанимација“.

Портпарол на јапонската влада соопшти дека е уапсен осомничениот напаѓач, ТВ НХК јави дека кај него било пронајдено огнено оружје.

Човекот за кој постои соневање дека пукал во Абе, е уапсенФотографија: Kazuhiko Hirano/Yomiuri Shimbun/AP Photo/picture alliance

Абе поднесе оставка од премиерската функција во 2020. година, но и натаму претставува важна фигура во владејачката Либерално демократска партија. На чело на јапонската влада беше од 2006. до 2007. и потоа од 2012. до 2020. година, со што е јапонски премиер со најдолг стаж.

Под негово водство, Јапонија сврте забележително кон десно, а Абе се смета за еден од најрешителните поборници на ревизија на  пацифистичкиот повоен устав,  според кој Јапонија за сите времиња се откажува од војна како суверено право на нацијата и од закана или вршење насилство како средство за решавање на меѓународните спорови.

Шинзо Абе на предизборен митинг пред нападотФотографија: Kazuhiko Hirano/Yomiuri Shimbun/AP Photo/picture alliance

В недела во Јапонија се одржуваат избори за Горниот дом на парламентот, на кои се очекува ЛДП да однесе јасна победа, со што ќе се забрза дебатата околу уставна промена.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида ја прекинал изборната кампања во северниот дел од земјата и се вратил во Токио, каде веднаш е формиран кризен штаб. Во Јапонија важат едни од најстрогите закони во светот во поглед на поседување оружје и земјата се смета за една од најбезбедните во светот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми