1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина: Вашингтон притиска за влез на Македонија во НАТО

БГ
4 јануари 2018

Владите во Грција и Македонија бараат начин за забрзување на решавањето на деценискиот спор за името, објавува германската новинска агенција ДПА повикувајќи се на владини извори во Атина.

Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Од добро информирани дипломатски кругови во Атина, ДПА дознава, дека се создава „нова динамика“ во спорот. Но, оттаму предупредуваат дека е тешко да се очекува брзо решение, односно порачуваат дека не треба да се очекува решение „од денес за утре“.

Истите грчки дипломатски извори за ДПА наведуваат дека „САД притискаат за решение и брз влез на Македонија во НАТО, за да се запре руското влијание во Македонија“.

Како решение се предлага одредница пред името Македонија, како Горна, Нова или Северна Македонија.

ДПА пренесува потврда од кабинетот на Ципрас за одржаниот телефонски разговор меѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Заев претходно за македонските медиуми соопшти дека неколку пати телефонски разговарал со Ципрас и со грчкиот министер за надворешни работи Никос Козиас за време на неговиот новогодишен престој во Солун. 

Повеќе на темата: 

Почеток на маратонски консултации меѓу Скопје и Атина

Грција ќе загуби ако чека предолго во спорот за името

Деновиве и двајцата премиери во јавни настапи изразија умерен оптимизам за решавање на деценискиот спор меѓу двете земји.

„Оптимист сум дека можеме ефикасно и одговорно да управуваме со прашањето кое го наследивме од претходните влади. Се додека од другата страна навистина постои желба да се направат чекори, останува да го видиме тоа, верувам дека може да се направат чекори кон излез од безизлезната ситуација“, изјави Ципрас во интервју за грчкото радио „Реал ФМ“. Но, тој предупреди дека зборовите сепак треба да прејдат во дела.

Заев најави дека во првата половина на 2018 година, Македонија е подготвена „вистински и суштествено да навлезе во решавањето на проблемот со името“ и изрази уверување дека е можно да се најде решение.

Во новогодишното интервју за ДВ Заев рече дека „може брзо да се дојде до решение“Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Во новогодишното интервју за ДВ, Заев рече дека „може брзо да се дојде до решение“, доколку се продолжи да се работи во „атмосфера на добра волја, политичка зрелост и подготвеност за надминување на ова прашање“.

Агенцијата Миа, во меѓувреме, објавува дека вицепремиерот Бујар Османи следната недела се очекува во Атина на средби со шефот на грчката дипломатија Козијас и неговиот заменик Јоргос Катругалос. Грчките медиуми шпекулираат дека е можна билатерална средба на премиерот Ципрас и Заев и во Давос за време на одржувањето на Светскиот економски форум кон крајот на месецов.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми