Грција е флексибилна за роковите од Преспанскиот договор
БГ
1 октомври 2018
Грчката влада денеска уште еднаш порача дека шансата за решавање на спорот за името не смее да биде пропуштена, еден ден откако македонските граѓани на референдум ја поддржаа промената, но не излегоа во доволен број
Реклама
Портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос изјави дека Атина ја поддржува одлуката на македонскиот премиер Зоран Заев да продолжи со имплементација на Преспанскиот договор во парламентот, иако тоа би можело да води кон предвремени парламентарни избори, и да ја одложи ратификацијата во двете земји.
Грција ќе продолжи да ја следи состојбата во соседната земја, но е загрижена дека ниската излезност на референдумот нема да го направи исходот од гласањето обврзувачко за опозицијата во парламентот на Македонија, рече Ѕанакопулос.
„Се надеваме дека иницијативата на Заев за уставна реформа ќе биде успешна“, рече тој.
Грчката влада истовремено порача дека е „флексибилна“ во однос на временската рамка опишана во Преспанскиот договор, рече Ѕанакопулос, додавајќи дека врвен приоритет на владата е да се усвојат уставните измени согласно договорот, а не да се бркаат крајни рокови.
„Грчката влада ќе продолжи со трезвеност и внимателност... да ја поддржува потребата од имплементација на договорот. Оваа можност не смее да се пропушти“, рече Ѕанакопулос, нарекувајќи го договорот чекор кон зголемување на стабилноста на Балканот.
Премиерите Заев и Ципрас во текот на ноќта имале и телефонски разговор во кој грчкиот премиер му честитал на македонскиот премиер „на решителноста во реализацијата на Преспанскиот договор“.
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.