1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Neues Hilfspaket?

3 јуни 2011

Должничката криза на Грција станува се` подраматична. Денеска (3.6.) повторно треба да чукне „часот на вистината“, односно да се дознае дали Атина ќе добие нови милијарди од европските партнери и ММФ.

Фотографија: fotolia

Експерти на Европската комисија, европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд со недели проверуваа како и колку штеди владата на Јоргос Папандреу. Извештајот на т.н. Тројка би требало да биде поднесен вечерва (03.06). За него, барем како што е планирано, нема веднаш да стигнат детали во јавноста. Прво грчкиот премиер Јоргос Папандреу попладнево треба да разговара со шефот на земјите од евро-групата Жан-Клод Јункер во Луксембург. Од резултатите содржани во извештајот на Тројката зависи дали Атина ќе ја добие новата транша од ветените 110 милијарди евра од пакетот за помош. Доколку парите не бидат префрлени на грчка сметка, на земјата и‘ се заканува банкрот и тоа за само неколку недели.

Атина бара спас во закрилата на ЕУФотографија: picture alliance / dpa

Така барем вели грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину. Дали е навистина така или министерот само сака да изврши притисок врз Тројката, ќе покаже нејзиниот извештај. Решенијата и онака нема да бидат донесени веднаш. Наредниот понеделник би требало да се одржи вонредна средба на министрите за финансии на земјите од еврозоната, тврдат грчките медиуми, но за таа информација досега нема потврда. На 20 јуни на дневен ред е редовната средба на министрите за финансии на ЕУ, по што одлуки би се носеле најрано на самитот на ЕУ, на 24 јуни.

На самитот би можело да падне одлука за дополнителен пакет за помош на Грција. Еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен, во средата во Њујорк изјави дека деталите за тоа би биле претставени во текот на наредните денови. Тој зборуваше за евентуални подолги рокови за отплата на кредитите.

Рејтингот на Грција повторно намален

Вчера рејтинг агенцијата Мудис го намали рејтингот на високозадолжената Грција за три степени, на Цаа1. Ваквиот чекор Мудис го образложи со растечкиот ризик на грчката влада да не и` успее да ја стабилизира финансиската состојба на земјата без рекредитирање. Освен тоа, Мудис изрази и песимизам што се однесува до иднината на Грција, што остава простор дека се можни натамошни намалувања на рејтингот. Атина, пак, соопшти дека намалувањето на рејтингот од страна на агенцијата е направено без да се земат предвид напорите на владата за исполнување на целите зададени од страна на ЕУ и напорите за забрзување на приватизацијата.

Автор: Хенрик Беме/Елизабета Милошевска-Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми