1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД со нова дефиниција за државјанството

Ханс Фајфер
12 април 2021

Изборната кампања на АфД се базира на напади – против доселениците, против ЕУ и против корона-политиката на владата. Нивната агресивна програма е закана за Германија, смета Ханс Фајфер.

Deutschland AfD-Bundesparteitag | Präsidium
Претседателството на АфД на партискиот конгрес во ДрезденФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Во фокусот е мало џуџе со брада и црвена качулка. Олицетворение на секоја германска градина. Во спотот за предизборната кампања на АфД џуџето стои на зелена ливада со цвеќиња, а во позадина се слуша гласот – „Нормалното е дома! Со безбедни граници.“

Со претставување на својата изборна програма и првиот спот, „Алтернатива за Германија“ ја започна предизборната кампања за изборите во Бундестагот закажани за наесен. Нивниот изборен слоган гласи – „Германија. Ама нормална.“

Копнеж по совршен свет

АфД со својата кампања го промовира она што, според неа, е германска норма или нормалност. Во видеото се гледаат баби и дедовци полни со љубов кои ги гушкаат своите внуци, насмеано семејство собрано на софра, среќни ученици, мало куче. И џуџето. Со други зборови – копнеж по совршен свет, носталгија по некогашниот живот во Германија.

Кампањата на АфД е вешто одбрана. Ги „пресретнува“ луѓето во чувството на копнеж и носталгија, кои се екстремно изразени во време на корона-пандемија и долготрајна вонредна состојба. АфД нуди враќање во состојбата на општо добро.

Ханс ФајферФотографија: DW/B. Geilert

Но, многу поголема порака има во она што АфД го нагласува како контраст на нормалното: во видеото се прикажуваат затворени кафулиња во време на корона-локдаун, улични барикади и запалени контејнери, антифашисти, бледо девојче кое протестира против климатски промени. Според спотот, сето ова не е нормално.

Поттекстот е дека ништо од ова не е германско. Владата со нејзината корона-политика, левицата, движењето за климата – сите се непријатели на Германија.

Политика на исклучување

Зад кулисата на „нормалното“ од изборниот спот на АфД стои огромен проект на реконструкција на општеството. Тоа секако не се гледа директно на спотот, но јасно се гледа од партискиот конгрес кој се одржа викендов во Дрезден.

Според изборната програма на АфД, да се биде Германец повторно треба да биде прашање на потекло. Германец може да биде само оној кој има родители Германци. Со ова партијата идеолошки ги прогласува за „не-Германци“ стотици илјади Германци. Доселувањето треба да биде речиси невозможно. Партијата одлучи дека ќе може да се доселува само некој кој ќе донесе над пет милиони евра во земјата. Оној кој нема толку милиони, може да биде само „гастарбајтер“ – според АфД ова е идејата за просперитет на Германците. Како награда за тоа, тие ќе бидат граѓани од втора класа.

Самонаречената Алтернатива сака повторно да ја „огради“ Германија – не само да изолира од општествената дебата за борба за родова рамноправност и права на ЛГБТ-заедницата, туку и буквално да изгради огради. Секако, не зборува отворено за ѕидови, туку од комуникациско-тактички причини зборува за огради, бидејќи терминот ѕид традиционално предизвикува негативни реакции кај Германците.

Повлекување од меѓународната заедница 

АфД сака радикална променаво меѓународната политика: партијата бара напуштање на Европската унија и крај на заедничката валута - еврото. Мотото за надворешната и безбедносна политика слободно може да се сумира со зборовите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кое во овој контекст би гласело „Германија на прво место“.

Агендата за обнова е тешка и долга. Во случај на победа, АфД ќе протера стотици илјади луѓе од земјата. Дури и ако доаѓаат од земји на воен конфликт и кризни подрачја. Тие сакаат пред суд да се изведуваат деца веќе од 12 годишна возраст. Доколку некое дете дојде како бегалец во Германија, тогаш тука ќе си остане само – стои во изборната програма на АфД. Со огромно мнозинство на партискиот конгрес во Дрезден категорично се изгласа крај на можноста за спојување на семејства за бегалците. Истото важи и за семејства на трауматизирани деца бегалци.

Непризнавање на правото и законите

На АфД не ѝ е до правото и законите. Ова јасно го нагласи шефот на десноекстремното крило во партијата, Бјорн Хеке за што доби огромен аплауз – АфД мора да испрати политички сигнал и не може да си дозволи да има обѕири спрема важечките правни прописи.

Токму ваквиот став ја прави АфД закана за Германија – партијата го прифаќа правото и законите само кога не ѝ стојат на патот. Тоа треба да ги плаши луѓето во Германија.

АфД е далеку од тоа да го има следниот канцелар, ниту пак ќе биде дел од некаква владина коалиција по изборите – тоа јасно го кажаа сите останати политички партии. Но, оваа партија наскоро може да стане најсилната политичка сила во покраинскиот парламент во Саксонија Анхалт. Затоа програмата на оваа екстремна партија мора да се сфати сериозно.

АфД го пропагира пријателски настроеното германско џуџе како алтернатива за непријателскиот глобализиран свет. Она што на АфД очигледно „ѝ се протнало“ незабележано е дека германското џуџе  е - доселеник. Потекнува од Турција. Рударите од Источна Анадолија пред 800 години го ставале како заштита од зли духови. Познатото џуџе со црвена качулка потоа во одреден момент стасува во Германија преку италијанските трговци. Така е и со човечката историја – она што вчера било странско, утре ќе стане исконски германско. Светот постојано се движи и се менува. Но, нема простор за паника – сето тоа е нормално.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми