1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските популисти на конгрес во Келн

Чејс Џеферсон
22 април 2017

Под заштита на полицијата делегатите на деснопопулистичката Алтернатива за Германија (АФД) стигнаа до местото на одржување на партискиот конгрес во Келн. Градот е преполн со демонстранти против популизмот. Која е АФД?

Stuttgart AfD-Bundesparteitag Frauke Petry
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Антиимиграција

АФД пред сѐ е антиимиграциска партија. Серијата успеси на партијата на локалните избори минатата година, во голема мера се должат на гневот на јавноста кон политиката на добредојде на Ангела Меркел кон бегалците, особено кон оние од Сирија и останатите земји од арапскиот свет, што резултираше со пристигнување на 1,5 милиони мигранти во Германија од почетокот на 2015 година.

АФД сака да ги затвори границите на ЕУ, да воведе ригорозни проверки на идентитетот на националните граници на Германија и да отвори кампови во странство за задржување на мигрантите за да ги спречи воопшто да тргнат кон Германија. Партијата сака лицата чија апликација за политички азил е одбиена веднаш да бидат депортирани и финансиски да ги охрабри странците да се вратат во своите матични земји. АФД верува дека малиот број на имигранти на кои ќе им биде дозволено да останат во Германија имаат обврска целосно да се интегираат во германското општество. Партијата го потенцира приматот на германскиот јазик, традиционалната германска култура и ја одбива идејата дека исламот може да биде дел од германското општество.

Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt

Анти-ЕУ

Кога беше формирана во 2013 година, главната идеја на АФД беше спротивставувањето на финансиското спасување на задолжените земји членки на ЕУ, како Грција. Еден од првите портпароли на партијата, Бернд Луке, ја опиша како „нов тип на партија која не е ниту десничарска, ниту левичарска“. На парламентарните избори во 2013 година АФД не успеа да освои 5% од гласовите што е минималниот праг за влегување во парламентот, но успеа да освои 7,1 проценти од гласовите на изборите за Европскиот парламент во 2014 година. Тоа беше првиот голем изборен успех за партијата. АФД ја одбива идејата за „Обединети европски држави“ и сака надлежностите на ЕУ да бидат вратени на национално ниво. Исто така, партијата се залага за укинување на еврото.

Десничарски популизам

АФД се разви во партија позиционирана значително подесно на политичкиот спектар од конзервативната ЦДУ-ЦСУ на канцеларката Ангела Меркел. Таа се обраќа на десниот екстремистички блок, на луѓето кои се незадоволни од „статус-кво“ ситуацијата и на оние кои претходно можеби учествувале или не учествувале во изборниот систем. Некои експерти говореа за „радикализација на центарот“, а освен тоа - партијата е особено популарна во регионот на поранешната комунистичка источна Германија. Истражувањата сугерираат дека АФД има привлечено поддржувачи од сите други мејнстрим политички партии и моментално има повеќе од 23.000 членови. Многу коментатори го гледаат подемот на партијата како дел од подемот на меѓународниот популистички тренд кој резултираше со Брегзит во Велика Британија и избор на Доналд Трамп за претседател на САД.

Промена во политичкиот пејсаж

Резултатите на анкетите во кои потенцијалните гласачи беа прашани „За кого ќе гласате доколку изборите се одржат следната недела?“ покажуваат дека за АФД се одлучиле помеѓу 10 и 15 проценти од испитаниците - иако, имајќи ги предвид промашувањата на анкетите во САД и Велика Британија, многу политички набљудувачи сметаат дека поддршката на партијата може да биде значително поголема. Тоа го прави потешко формирањето на парламентарни мнозинства за другите политички партии. Резултатот може да биде продолжување на сегашната голема коалиција меѓу ЦДУ-ЦСУ или нова сѐ уште неиспробана национална алијанса помеѓу конзервативците и Зелените. Ниту една од постоечките партии не сака да соработува со АФД. Доколку анкетите се точни, десничарските популисти веројатно ќе станат најголемата опозициска сила во следниот состав на Бундестагот.

Локален играч

АФД веќе е сериозна политичка сила на регионално ниво, со тоа што партијата е претставена во парламентите на 11 од вкупно 16 германски покраини, вклучувајќи ги сите од источниот дел на земјата. На изборите во март 2016 година АФД освои 24.3% од гласовите во покраината Саксонија-Анхалт што ги натера ЦДУ, СПД и Зелените да формираат коалиција и 20.8% во Мекленбург Предна Померанија, со што го надмина бројот на освоени гласови од страна на ЦДУ во покраината од каде доаѓа Ангела Меркел. Дури и во левичарскиот Берлин, АФД доби 14.2% од гласовите минатата година. 

Нов дом за неонацистите?

Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

Официјалната платформа на АФД вели дека партијата поддржува директна демократија, одвојување на власта и владеење на правото и правниот поредок, но низ нејзината кратка историја, критичарите ги осудија дел од членовите на партијата дека промовираат неонацистички идеи и дека користат неонацистички јазик. Критичарите велат дека партијата следи стратегија на таргетирани раскинувања со антинацистичките табуа во обид да се обрати на десничарските екстремисти. Подемот на АФД, во секој случај, коинцидира со падот на крајно десничарските партии како НПД. 

Семејството е важно

АФД се декларира како заштитник на традиционалниот традиционален модел на семејство. Се спротивставува на абортусот и алтернативните животни стилови. Партијата фаворизира мерки кои ќе ја зголемат државната финансиска помош за традиционалните семејства и во тој контекст не е фискално конзервативна. Шефицата на АФД, Фрауке Петри, има 4 деца.

Борба за контрола

Во своето четиригодишно постоење партијата се соочи со повеќе превирања во партиската хиерархија. Основачите на партијата кои се залагаа за релативно помека ориентација беа маргинализирани или исфрлени од партијата целосно. Постојано има тензија помеѓу прагматичното и тврдокорното идеолошко крило на партијата.

Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Haid

Врската со Пегида

АФД е често осудувана во јавноста поради поврзаноста со антиимиграциското движење Пегида кое одржува демонстрации во источногерманскиот град Дрезден. Нема сомнеж дека помеѓу двете групи има совпаѓање во смисла на политичките ставови и поддржувачите. Но, Пегида е граѓанска иницијатива и не е политичка партија, а АФД кон нив секогаш гледала со нетрпеливост. Во мај 2016 година, националниот претседател на партијата одлучи дека членови на АФД не треба да се појавуваат на настаните на Пегида и обратно - позиција која беше критикувана од членовите на партијата од десното крило.

Љубов кон медиумите

Како Доналд Трамп или лидерот на кампањата за Брегзит, Најџел Фараж, и лидерите на АФД покажуваат конспиративно незадоволство кон мејнстрим медиумите. АФД сака укинување на финансирањето на јавните медиуми во Германија, а на партиските настани новинарите се речиси секогаш исклучени. Новинарите кои се јавуваат на партискиот телефон за односи со јавноста добиваат снимена порака која им вели „да се обидат повторно подоцна“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми