1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Африканска Унија бара помош од НАТО за мировната мисија во Судан

17 мај 2005

Доколку Алијансата ја прифати молбата, тоа би бил нејзин прв официјален ангажман во Африка.

„НАТО нема никакви намери да стане светски полицаец„ – порача недвосмислено генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер. Затоа според него ангажман во Судан доаѓа предвид само под ограничени услови, поточно без испраќање војници од земјите членки на НАТО. Сето ова Шефер му го порача на пратеникот на АУ, Алфа Конаре, при разговорите во Брисел.

„Војниците кои ќе бидат испратени во Дарфур се исклучително африкански. Тоа го подвлекувам. Во Дарфур нема да има сили кои не потекнуваат од Африка!„

Она што пратеникот на АУ го бара од НАТО е логистичка поддршка, таму каде што капацитетите на африканските сили се недоволни. Тоа се однесува пред се на транспорт на војниците, нивно сместување, обука и комункација. НАТО би можел да пружи ваква поддршка, даде до знаење генералниот секретар на НАТО, но околу обемот на помошта не сакаше да каже ништо. Прво мора плановите да добијат поддршка од земјите членки на Алијансата и тоа што е можно побрзо.

Пратеникот на АУ Конаре нагласи дека со евентуалната помош од НАТО е согласна и владата на Судан како директно засегната, иако таа и понатаму одбива директен ангажман на војници на Северно-атлантската алијанса. На конечното решение мора да се причека и затоа што отпори за помош во мировната мисија во Судан има и меѓу членките на НАТО. Така Франција се залага повеќе за помош за мировна мисија под водство на ЕУ. Затоа и генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Шефер нагласи дека е неопходна транспарентна соработка меѓу НАТО и ЕУ и јасна распределба на задачите. Сето тоа, како и терминот за испраќање помош останува и понатаму отворено.

На разговорите во Брисел пратеникот на АУ наиде на отворен прием и во ЕУ. Таму му беше ветена пред се итна помош за населението. Во тој контекст веќе се испратени 500 милиони евра. Потребата од ваква помош е во секој случај огромна: месечно преку 10.000 лица умираат во кризната покраина Дарфур, нагласи генералниот секретар на НАТО. А уште милиони други живеат во страшни услови и повеќе вегетираат во преполните бегалски логори. А владата во Картум и бунтовниците нагласуваат дека имаат намера да го унапредат барем мировниот процес!

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми