„Беса“ бара разговор во Собранието за тоа што од Декларацијата на албанските партии е влезено во владината програма и со која динамика тоа ќе се реализира, како и за работна група за предлог-законот за албански јазик.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Реклама
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, ги покани лидерите на албанските парламентарни партии денеска да присуствуваат на заедничка работна средба во 14 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, „за да ја разгледаат имплементацијата на програмските определби“. Ваквата средба тој ја навести уште пред неколку дена, најавувајќи дека таа ќе се реализира по прославата на верскиот празник Рамазан Бајрам. Средба со албанските парламентарни партии завчера имаше и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Како што изјавија од дел од партиите, на средбата се разговарало за потребата од реформи, за интеграциските предизвици и за поддршката што се очекува од сите партиски субјекти за реализација на тие цели.
Две прашања од „Беса“
Во соопштението од ДУИ за денешната средба нема детали за кои „програмски определби“ ќе се разговара, но веќе е извесно дека Движењето „Беса“ кое во парламентот има пет пратеници, нема да присуствува на разговорите. Од таму не ги кријат причините за ваквата одлука.
„За програмски определби не се разговара по хотели“, вели портпаролот на движењето, Фатон Фазлиу.
„'Беса' нема да биде дел од овој состанок, бидејќи во него препознаваме сценарио и обид на ДУИ преку вакви 'активности' да ги покрие своите досегашни грешки. Нема потреба да се среќаваме во хотели. Зошто таа средба да не се реализира во Собранието, кое е вистинското место за дијалог меѓу партиите?“, прашуваат од „Беса“.
Собранието е „вистинското место за дијалог меѓу партиите“, велат од БесаФотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix
Од Движењето вчера испратиле писмена порака до ДУИ со ваков предлог, но до синоќа не добиле одговор.
„Ние предлагаме таа средба да се одржи во парламентот, со две конкретни точки за разговор. Првата е да добиеме писмен извештај од ДУИ и Алијансата на Албанците: што од Декларацијата на албанските партии е влезено во владината програма и со која динамика тоа ќе се реализира? Втората е да се развие план за предлог-закон за употреба на албанскиот јазик и за таа цел да се формира работна група што ќе биде составена од претставници на сите политички партии“, објаснува Фазлиу.
На 7- ми јануари годинава, албанските партии (со исклучок на ДПА) потпишаа заедничка Декларација/изјава, во која се согласуваат „за заемна поддршка на заедничката политичка агенда која предвидува реализација на повеќе цели, во идниот владин мандат и/или во секој понатамошен мандат“. Една од тие цели беше и постигнување на целосна јазична еднаквост, употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена, како фундаментално и уставно право.
Работна група за законот
По формирањето на новата Влада стана сѐ погласно прашањето - дали оваа тема е меѓу владините приоритети? Запрашан за предлог-законот за албанскиот јазик, лидерот на ДУИ во тв-настап пред неколку дена одговори: „Декларацијата на полититичките партии на Албанците не е дел од историјата. Прашањето за јазикот е дел од договорот за коалицијата. Само прашање на време е кога тој ќе биде во собраниска процедура за гласање“.
Ахмети не спомна конкретни рокови запрашан дали тоа ќе се случи пред локалните избори. Но, од „Беса“ сметаат дека треба да има јасен одговор на ова прашање.
Беса прашува што од Декларацијата на албанските партии е влезено во владината програма (фото: Али Ахмети и Зоран Заев, архива)Фотографија: DW/V.Kalinski
„Од ДУИ велеа дека законот за албанскиот јазик ќе се усвои пред да се формира Владата. Тоа не се случи. Потоа изјавуваа дека имаат предлог-закон и дека тој е меѓу владините приоритети, но ние не сме го виделе и не знаеме што содржи. Тој треба да биде донесен во консултација со сите партии, за еднаш засекогаш тоа прашање да се реши и понатаму да не предизвикува никакви проблеми. Ние имаме наш предлог, но треба заеднички да разговараме за предлозите, да видиме дали има одредени слабости и да ги отстраниме. Ако за кратко време не ни биде презентиран тој предлог-закон, ние ќе излеземе со наш предлог“, вели Фазлиу.
Тој потенцира дека „Беса“ во изминатиот период се однесувала конструктивно и очекува ист таков однос и од страна на власта.
„Дадовме максимална поддршка за СЈО, бевме дел од граѓанските протести, ги дадовме потписите за да се добие мандатот за состав на Влада. Во целиот период бевме конструктивни. Очекуваме ист таков однос и од страна на власта кон нас. Неопходни се разговори и консултации за сите идни чекори меѓу сите политички партии, но таму каде што им е местото - во парламентот“, вели Фазлиу.
Премиерот Зоран Заев по завчерашната средба со комесарот Хан изјави дека тој закон е дел од владините приоритети.
„Законот за унапредување на употребата на јазиците е дел од приоритетите, составен дел на владината агенда. Согласно сите процедури, штом ќе биде се подготвено, поддржувам ова прашање да биде отворено за дебата, да се дискутира за него и потоа да бидат донесени одлуки. Нашите ставови за ова прашање се многу јасни: за нас јазикот е алатка да се разбереме и апсолутно немаме никакви предрасуди“, рече Заев.
Од ДУИ не се достапни за коментар на забелешките на „Беса“ и на нивното најавено отсуство, односно за можноста од неуспех на средбата.
Лицата на македонската политика
Ниту предвремените парламентарни избори не донесоа нови лица на македонската политичка сцена. Излезот од политичката криза останува неизесен. Таа сега се заканува да прерасне во меѓуетничка криза.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ѓорге Иванов- претседател на државата
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca
Христијан Мицкоски- ВМРО-ДПМНЕ
По катастрофалниот пораз на локалните избори, Мицкоски го замени дотогаш неприкосновениот Никола Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Огненото крштевање Мицкоски го имаше на антивладиниот митинг одржан на 2 јуни во Скопје. Оттаму порача дека нема да поддржи промена на Уставот заради промена на името на државата и побара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските следната година.
Фотографија: Petr Stojanovski
Зоран Заев - СДСМ
Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ.На чело на Владата застана во мај 2017 година.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Али Ахмети- ДУИ
Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Во меѓувреме. под силен внатрепартиски притисок, го смени ставот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Мендух Тачи - ДПА
Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: MIA
Здравко Савески- Левица
Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата партија- Левица остана надвор од парламентот.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Андреј Жерновски- ЛДП
Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Африм Гаши- Беса
Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција.
Фотографија: Katerina Blazevska
Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. По изборите остана вон парламентот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ивон Величковски - Либерална партија
Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. На изборите оствари незначителен резултат.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА
Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. По изборите стана клучен играч за формирање на ново владино мнозинство. Локалните избори ќе дадат одговор на прашањето дали Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија
По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а неговата Обединети за Македонија не се прослави на предвремените избори. По изборите повторно, речиси целосно се повлече и ретко се појавува во јавноста.