Ахмети не гарантира мир во Македонија
3 август 2011„Ако има обиди за промена на границите, јас не преземам одговорност да бидам чувар на мирот во Македонија зашто може да се дојде до ситуација, луѓето сами да се организираат и да не може никој да ги контролира како во 90-та, 99-та и 2001-та година“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Според Ахмети, чија партија е коалициски партнер во владата на ВМРО-ДПМНЕ, „ако се случат такви работи и ако ситуацијата излезе од контрола, никој не може да ја преземе одговорноста или да гарантира дека Албанците нема да се организираат во заеднички фронт во случај да бидат загрозени како целина“.
Тој притоа предупреди дека влегување на српска стока во Косово преку Македонија не е во интерес на Скопје.
„Мислам дека не е во интерес на Македонија да стане транзит земја за снабдување на Косово. Не е во корист на домашната економија на Македонија да стане поврзувачки мост на некоја друга земја, иако немам никаков аргумент или доказ за тоа“.
Власи предупредува од војна
Советникот на косовската влада за надворешни работи, Азем Власи, пак, изјави дека „доколку Србија сака со сила да издејствува оцепување на дел од Косово, тогаш ќе се соочи со легитимен отпор бидејќи секоја држава, според домашното и меѓународното право, има легитимно право да ја брани својата територија“.
Власи во интервјуто за „Дневни аваз“ оценува дека „Србија ја подгрева напнатоста на Косово со цел повторно да ја отвори темата за негова поделба“. Власи дополни дека „Србија не може да има претензии кон дел од Косово, а во исто време да ги оневозможува Албанците во Прешевската долина, да бараат да се присоединат со Косово“. Власи во интервјуто оцени дека големата геополитичка карта со новите граници на државите на просторите на поранешна Југославија е завршена.
Автор: БГ/миа/макфакс
Редактор: Жана Ацеска