1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Ацески: Продуцираме недоучени

19 февруари 2021

Запрепастува сознанието дека практично нема начин како да се подобрат состојбите во образованието - нема евалуација на системот ни однадвор, ни однатре, вели социологот Илија Ацески

Nord-Mazedonien Skopje |  Ilija Aceski - Soziologie Professor
Фотографија: Privat

Со години предупредуваше за потребата од промени во образованието, особено во високото. Со таков крик во 2019 година се збогуваше од УКИМ и замина во пензија. Со професорот по социологија, д-р Илија Ацески, кој времето и натаму го поминува посветен на истражувања, разговаравме за причините поради кои не се случуваат очекуваните промени, но и за други белези на времето во кое живееме.

ДВ: Предупредивте дека „крахот на образованието е крах на нацијата“. Ако не беше обврската од Договорот со Бугарија за промени во учебниците по историја, ако тоа е само наша автентична потреба и за други предмети, неусловена од никого и ништо освен од квалитет, тогаш колку од содржините би морале да ги менуваме?

-Високото образование во Македонија е во длабока криза, мислам пред се на УКИМ, каде е воспоставен еден систем на култура на корупција која се препознава, пред сѐ, во неквалитетно образование, каде малку има учење, истражувања, посветеност, еден вид на автономија која се граничи со анархија, каде нема доволно критична маса која може да се соочи со проблемите и да ги решава, а однадвор пак нема таква сила/фактор кој може да потикне промени. Системот на учење, барем во оние делови на УКИМ каде можам нешто попрецизно да констатирам, каде бев повеќе децении како студент и вработен, не е на ниво на еден нормален систем и продуцира неспособни, недоучени кадри. Се обидов во мојата книга „Универзитет на распаќе" тоа да го докажам.

ДВ: Во еден претходен разговор посочивте скандалозен пример: дека од дваесет студенти во трета година, само еден знаел во кој период живеел Гоце Делчев, дека не прават разлика помеѓу класа и маса, држава и народ, дали сме монархија или република, или, што е поделба на власта, а се пред дипломирање.

-Да, а УКИМ меѓудругото продуцира и наставници и учители. И ако од една група студенти на Филозофскиот факултет - на прашањето кој е Гоце Делчев и кога живеел - одговорот го знае само еден, а станува збор за студенти на социјални науки, што да се каже? Искрено, помислив дека се шегуваат и отворено ги прашав - дали навистина не го знаат одговорот. Молчеа, со наведнати глави. Не можам да ви го опишам тоа чувство. Бев поразен. А тие, ќе треба утре некого да го едуцираат за Гоце Делчев. Ова е само еден пример, кој доволно говори. Она што зачудува е незаинтересираноста и немотивираноста на професорите, а сите се речиси редовни професори - да започне процес на промени во насока кон подобрување на квалитетот. Запрепастува сознанието дека практично нема начин како да се подобрат состојбите, нема евалуација на системот ни однадвор, ни однатре: однадвор никој не ја смета за релевантна, однатре нема можност да се реализира објективно. Во суштина реформата на основното треба да започне со реформа на УКИМ, особено во сферата на социјалните и хуманистичките науки. Тие главно се против какви било реформи, доволно се конформистички расположени, што секоја дискусија за промени ги прави нервозни.

Земја на магистри

01:03

This browser does not support the video element.

ДВ: Отсуството на порив за длабоки реформи редовно се покрива со полесни промени: на имињата на улиците. Како ја оценувате таа иницијативата од аспект на тајмингот во кој се пласира, но и од аспект на предлозите - што откриваат тие за нашите знаења и вредносни критериуми?

-Промената на имињата на улиците ја покажува општата состојба во која се најде државата, во смисла на зацврстување на владејачката гарнитура и таа се обидува својот белег на тоа владеење да го одбележи на еден сликовит начин, како впрочем и во времето на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, кога идентитетот на Скопје и физички, во архитектонска смисла, и како споменички израз потенцира антички идентитетски дух на македонскиот народ. Кога ќе ставите споменик на некоја личност од минатото, блиско или далечно, и кога ќе ја прекрстите улицата, тоа говори нешто за оние кои се моментално на власт. Но, кога тоа се прави недоволно промислено и без некое издржано објаснување, говори за степенот за дезориентација и свртување на вниманието на граѓаните во сосема друга насока. Менувањето на името на една улица за многу кратко време предизвикува и една дезориенатција во просторот, тој ја губи идентитетската одредница кај граѓаните и само ги нагласува дневно-политичките потреби на оние кои моментално се на власт.

ДВ: Како ќе градиме „Едно општество за сите“ со предлог закон кој предвидува изразување на етничка припадност во личната карта, и тоа по бројни напори со многу висока цена за изградба на граѓанско општество и интеграција, а не сегрегација?

-Македонското општество е длабоко навлезено во процес на федерализација на државата, специфичен тип со нетериторијални карактеристики, каде двете најмногубројни етнички /национални групи кои се јасно партиски /етнички профилирани се борат за власт, и во таа борба едната, поконкретно албанската политичко/партиска структура, која по правило мора да учествува во поделбата на извршната власт, ги поставува правилата на игра кои се насочени кон продлабочување на поделеноста врз етничка основа. Поделеноста не е во функција на подобрување на ефикасноста на државата, едноставно, таа го потенцира етничкото потекло на носителот на власта, како главен показател дека се почитувани правилата на рамноправност. Расправата за пописот или заличните картисе разбирливи од аспект на дводеценскиот развој на македонското општество во насока на формирање на бинационален крактер на државата, каде се изгубени многу од вредностите кои се својствени за една нормална демократија, својствена за западните општества. Систем кој ги урнисува вредностите на една ефикасна државна организација, каде партизацијата проткаена со изразито националистички елементи доведе до изразито корумпирани систем на владеење, кој јасно се препознава во судството, образованието, локалната власт. Дали во личната карта треба да се регистрира и етничката/ националната припадност е навистина сложено прашање. Прво, во Уставот не се наведени сите; второ, има една поголема група државјани на Македонија кои се родени во мешани бракови, за кои е навистина проблем така едноставно да ја регистрираат сопствената припадност; трето, има население кое верската и националната припадност ја доведува во врска; четврто, што е со оние со бугарски пасоши? Дали тоа изјаснување не мора да биде задолжително, туку по желба? Има многу нејаснотии и нелогичности, и најпосле - дали е тоа во прилог на изградба на едно општество за сите. И дали баш во личната карта треба да стои етничката припадност и што е со карактерот на граѓанското општество, каде припадноста по етничка линија не би требало да ја има важноста пред другите идентитети и вредности. Личната карта е документ кој покажува дека станува збор за конкретна личност која го идентификува по некои белези важни за неговата комуникација со институциите на државата, а неговата етничка, национална припадност не би требало да биде дел на таков начин. Најпосле на кого таа ќе му служи, која е неговата функција, тоа е недоволно јасно за општества кои се трудат да бидат доволно „општество за сите".

ДВ: Ако до пред пет години, речиси една деценија дебатата беше угушена, денес имаме привид на дебата: суфицит од врева и дефицит од аргументи. Каде понира и зошто се губи вредноста на аргументот во македонскиот модел на јавна комуникација?

-Македонскиот медиумски простор е ослободен од стегите кои десетина години беше контролиран, насочуван, партизиран каде во голема мера беа изгубени вредностите својствени за едно демократско општество. Денес е уште поинтересно, медиумите се слободни и ослободени, но се добива впечаток дека се добар дел несериозни и дезориентирани, еден дел јасно партиски профилирани. Граѓаните имаат чувство како да се движат низ минско поле каде постојано нешто експлодира и постепено се навикнуваат на таа ситуација, во суштина сѐ помалку обрнуваат внимание што се случува околу нив, што во голем мера им одговара и на власта и на опозицијата, ситуација која политичкото им го прави многу неразбирливо и одвратно. Во поделените општества тоа е многу пожелно за оние кои се на власт, тоа формира хибридна демократија каде се добива впечаток дека нештата многу брзо се менуват, а во суштина ништо квалитетно не се менува. Медиумите само го замаглуваат хибридниот карактер на системот, а во позадината на општествената сцена фактички се креираат постапките на моќните групи кои си го делат пленот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми