1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ацески: Казните се поделотворни од подароците

ДТЗ
14 јули 2021

Подароци или казни? Многу земји во светот размислуваат како да ги мотивираат своите граѓани да се вакцинираат против Ковид-19.

Nord-Mazedonien Skopje |  Ilija Aceski - Soziologie Professor
Професорот Илија АцескиФотографија: Privat

Како да се убедат граѓаните масовно да се вакцинираат против Ковид-19? Некои држави веќе најавуваат подароци, лотарии и други мерки за поттик на граѓаните кои одбиваат да се имунизираат. Други, пак, се закануваат со казни и исклучување од општествениот живот. 
Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека се размислува за воведување рестрикции со кои би се ограничиле јавните настани само за лица кои можат да приложат вакцинален сертификат. 

Социологот Илија Ацески за ДВ вели дека системот на казна и награда веројатно ќе биде најмоќната алатка којашто ќе ги мотивира граѓаните да се вакцинираат против Ковид-19.

„Кога не ќе можете да патувате и да се качите во авион, да одите во диско и во кафеана, кога ќе ве исклучат од социјалниот живот, и буквално ќе останете надвор од системот, голема е веројатноста дека тоа ќе ве натера да ги послушате апелите за вакцинирање, бидејќи само така ќе ви се отворат вратите за враќање во нормалниот живот“, вели Ацески. 

Оваа стратегија, според социологот, може да даде и највеќе резултати во борбата со поддржувачите на теориите на заговор. 

„Мерките на ограничување на социјалниот живот, доколку не се прими вакцина, се најделотворни во случајов. Одговорноста е кај тој што нема да постапи како што му се советува и ќе биде санкциониран доколку ги прекршува правилата“, вели Ацески. 

Во антропологијата, додава тој, е присутна таа појава кога поединецот сака да се спротивстави секогаш кога му се наметнува нешто. Се јавува некој отпор кај него, еден внатрешен протест којшто тешко може да се сузбие.

„Потоа како проблем се јавува и тоа што има многу информации, дезинформации, теории на заговор, со коишто секојдевно се бомбардирани граѓаните, дека сето ова е измислено за моќните да ги држат во потчинетост послабите. Сето тоа влијае при одлуката и создава конфузија при размислувањето“, вели Ацески. 

Министерот Филипче најавува можни рестрикции за невакцинираните. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Како проблем се наметнува и немањето доверба во надлежните институции, спротивставените тврдења на експертите за вирусите што доведува до конфузија кај граѓаните кои постојано си го поставуваат прашањето: На кого да му верувам? Во една таква конфузна ситуација, медиумите, зајакнатата кампања и стратегија на здравствените институции можат да одиграат улога за што подетално информирање на граѓаните за ефектите од вакцинацијата и какови опасности ги демнат доколку останат незаштитетни пред налетот на новите мутации на Ковид-19.  

„Ако веќе мораме, па нешто и да ќариме – тоа е истата психологија којашто функционира и за време на избори. Некои од граѓаните си велат – ајде да ќариме од целата ситуација, кога веќе мора да се вакцинираме“, вели Ацески, коментирајќи ја појавата на делење ситни подароци како поттик за вакцинација. 

Но, тој смета дека подароците што се еден вид на поткуп, не можат да бидат толку ефикасни како ускратувањето на одредени права. Тоа, според него, е еден од најздравите механизми кој може да го рационализира однесувањето на поединецот. Тоа секого ќе го соочи со реалноста дека многу работи кои ги посакува ќе му бидат ускратени. Ацески ја нарекува еден вид на педагошка мерка - „благо убедување“ дека секој мора да се вакцинира, бидејќи нема друг начин за да се заштити од пандемијата. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми