Со строги правила во време на корона и многу мал број аџии - така годинава изгледа аџилакот во Мека.
Реклама
Мора да се носат маски и да се почитува пропишано растојание - повеќедневниот аџилак во Мека е проследен со строги правила во време на пандемија на коронавирус. Нaместо милиони верници кои вообичаено доаѓаат на аџилак, годинава во Мека има само мал број аџии. Дозвола за аџилак добија само лицата кои веќе се во Саудиска Арабија и се помлади од 65 години и немаат хронични болести. Пред и по аџилакот верниците мораат да бидат во карантин. Здравјето и безбедноста на аџиите има највисок приоритет, уверува надлежниот саудиски министер Салих Бинтин.
Како е во Мека годинава, погледнете во галеријата:
Аџилак во време на корона
Околу Ќаба во Мека секоја година вообичаено има милиони аџии. Годинава само неколку илјади верници се на аџилак и тоа откако нивното барање за тоа доби онлајн-одобрение.
Фотографија: Getty Images/AFP
Подготовки во Големата џамија
Големата џамија до вторникот се чистеше темелно за најважниот аџилак во исламот. Во година на корона, меѓутоа, подготовките не опфаќаа само вообичаено чистење и поправки, туку и лепење ленти на подот за држење дистанца околу централното светилиште на исламот - Ќаба.
Фотографија: Getty Images/AFP
Ритуал со безбедна дистанца
Онаму каде што во други години десетици илјади верници истовремено ја обиколуваат Ќаба седумпати во обратен правец од стрелките на часовникот, во година на корона бројот на луѓе е многу помал. Верниците го обиколуваат светилиштето оддалечени на растојание од 1,5 метар. Избрани се онлајн, а при пристигнувањето во Мека им се мери телесна температура и мораат две недели во карантин.
Фотографија: Getty Images/AFP
Униформа и маска
Припадниците на безбедносните сили во Мека даваат добар пример и носат маски. Десетиците илјади аџии кои годинава ќе дојдат во Мека потекнуваат од 160 земји, но сите живеат во Саудиска Арабија. Аџилак со авион оваа година не е можен Саудиска Арабија е многу погодена од Ковид-19 - досега има над 250.000 инифицирани лица, а секојдневно се додаваат по 3 до 4 илјади новоинфицирани.
Фотографија: Reuters/Saudi Ministry of Media
Со маска и мал куфер
Само муслиманите кои се веќе во земјата смеат да учествуваат на аџилакот годинава. Верниците треба да заминат на аџилак во Мека еднаш во животот - доколку се здрави и полнолетни и „доколку за тоа имаат можност“, се вели во Куранот. Аџилакот е еден од „петте столбови на исламот“.
Фотографија: Reuters/Saudi Ministry of Media
Ритуалот на каменување со обележување на подот
Дел од аџилакот е и ритуалното каменување на сатаната во Мина, во близина на Мека. И тука годинава мора да се држи неопходна дистанца, па аџиите добиваат специјална опрема прилагодена на време на корона, со дезинфицирани камења за ритуалот на каменување, тепих за молитва и средства за дезинфекција.
Фотографија: Reuters/Saudi Press Agency
Отстојание еден од друг и од Ќаба
Во Големата џамија годинава не само што верниците мора да се на пропишано растојание едни од други, туку тие мора да бидат на отстојание и од Ќаба. Допирање на Ќаба, како досега, годинава е строго забрането.
Фотографија: Getty Images/AFP
Потсетување на претходните години
Вака во Мина, во близина на Мека, работите изгледаа пред само две години. На аџилак во Мека дојдоа повеќе од два милиона муслимани. Покрај религиозното значење, аџилакот има и економско значење. Саудиска Арабија во минатото имаше приходи од над 10 милијарди евра годишно само од аџиите. Во Мека и околината стотици илјади работни места зависат од аџилакот.